Десет години КАНТАРОТ
Денес КАНТАРОТ слави една деценија постоење! Време е за кратка ретроспектива и уште пократка перспектива.
Отсекогаш сум имал одбивност кон пишување. Ќе добијам некоја идеја, прилично лесно ќе ја преточам во зборови, но кога треба зборовите да бидат запишани, тогаш се парализирам. Не сакам да пишувам научни трудови. Не сакам да фаќам белешки од состаноци. Не сакам дури ни да правам список на работи што треба да се завршат. Зошто тогаш по ѓаволите десет години пишувам блог?
Како и речиси сѐ што правам во животот, КАНТАРОТ постои од пуста упорност и инает. Во еден момент решив дека мојот страв од пишување е ирационален и се натерав да пишувам под псевдоним за да не морам да се секирам што ќе помислат (не)пријателите. Смислив лого инспирирано од мојата омилена шкртка од детството, логото ми заличи на вага (кантар), па го крстив блогот КАНТАРОТ. Бидејќи Твитер името @kantarot не беше достапно, решив да се регистрирам како @qantarot.
Анонимноста ми даде храброст да пишувам на теми кои ме возбудуваат, без разлика дали некому ќе се допаднат или не. Логично, блог што е крстен по вага мораше да биде балансиран и никогаш да не оди во крајности. Не пишував за Фејсбук лајкови и Твитер ѕвездички, туку само кога ќе ме удреше инспирација. Иако блогот го регистрирав на 15.07, првпат се огласив на интернет една недела подоцна, кога албумот The Big Dream на David Lynch ме извади од памет. Четири дена подоцна истото чувство го добив кога го погледнав документарецот за ЕКВ: Као да је било некад.
Наскоро тоа чувство ми стана како Павлов рефлекс. Штом ќе се јавеше, седнував да пишувам. Поп културата ми беше начин да избегнам контроверзни теми, а сепак во постовите да вметнувам интимни исповеди, социјални коментари и скриени референци (таканаречени „велигденски јајца“) кои само најпосветените фанови ќе можат да ги дешифрираат. Најчесто пишував за филм, музика и стрип, затоа што поп културата најдобро знае да ме извади од памет. Инспириран од римите на САФ решив дека мотото на блогот ќе биде „Поп култура и ментална фискултура“.
Точно година дена помина пред да се осмелам да напишам осврт за едно македонско дело. Се одлучив за Најважната игра на Илина Букбокс, бидејќи Илина беше (и сѐ уште е) мојот омилен македонски блогер. Мал проблем беше што со Илина комуницирав и како Стиков (претежно во живо) и како КАНТАРОТ (за #TвитерФилмскиКлуб), па разговорот во кој ѝ признав дека си има работа со подвоена интернет личност беше малку трапав. Но, штом ѝ кажав дека имам интернет алтер-его, Илина веднаш погоди дека станува збор за КАНТАРОТ. Тоа ми даде самодоверба дека начинот на кој што пишувам и не е толку различен од начинот на кој што зборувам.
Амбициите ми пораснаа. Започнав да пишувам и на научни теми, а тие бараа многу повеќе подготовка, како и подготвеност да се конфронтирам со неистомислениците. Посебно беа напорни дискусиите околу тоа дали вакцините предизвикуваат аутизам, но поддршката од блог заедницата и од меинстрим медиумите ми укажа дека во Македонија има потреба од балансиран пристап кон научни теми. Охрабрен од приемот, во следните две години започнав два меѓународни научни блога (MRM Highlights и OHBM blog) и еден подкаст, но КАНТАРОТ и натаму функционираше како вентил за сите оние работи за кои не сум експерт (земјотреси, загадување, црни дупки, теории на заговор). Сепак, полека ми стануваше јасно дека на псевдонимноста ѝ се одбројани деновите.
Решив да го откријам идентитетот на КАНТАРОТ при моето пристапно предавање како визитинг професор на ФИНКИ. Сакав да им покажам на студентите дека иако живеам во Монтреал сепак сум запознаен со македонските предизвици. Ден потоа Фејсбук профилот на КАНТАРОТ беше пријавен како лажен (фала за ФИНКИ цинкарошите) и од тој момент започнав да објавувам текстови користејќи го моето вистинско име. Реакциите беа изненадувачки позитивни, со само повремени изблици на примитивна интернет омраза. Додатен бонус беше слободата да пишувам за моите пријатели (Ѓорче, Игор) и идоли (Горан, Сидо, Bowie, Prince), а токму тие написи одекнуваа гласно на социјалните медиуми. Од време навреме написите беа споделувани и на онлајн портали, а понекогаш си го наоѓаа патот и до печатени магазински изданија. Мислев дека вака ќе терам до сто и едно и назад.
Одеднаш во 2020 светот го стрефи пандемија, која ме затече во Македонија заедно со семејството. Тоа беше моментот кога решивме да донираме време и пари за да го подобриме животот во нашата старо-нова дома. Се роди С(ц)иеста и Наука за деца, а КАНТАРОТ прерасна во семејна фондација за наука, култура и ментална фискултура. Направивме преку педесет пандемиски интервјуа со наши научници во странство. Создадовме стотина научни видеа за предметната настава во македонските основни училишта. Осмисливме НЗД пакетче со научни експерименти и го дониравме на стотици деца низ Македонија. Ја започнавме првата научна конференција за деца, ги организиравме натпреварите #ЕднаМинутаНаука и #СкречЗаСвич, доделивме стипендии на десетина студенти на ФИНКИ, и помогнавме во создавањето на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања на УКИМ. Создадовме партнерства и пријателства, ги поддржавме подкастот на Илина и енциклопедиите на Тошо, го спонзориравме Нихон-џи фестивалот, дониравме опрема на училишта во Скопје и Гевгелија, организиравме меѓународен хакатон за магнетна резонанса, и што уште не. Жена ми Драгана, која до скоро фигурираше во КАНТАРОТ само како муза, реши стопроцентно да ѝ се посвети на фондацијата и да ѝ ја донесе професионалноста која до тој момент недостасуваше. Две години функционираме како фондација и досега имаме инвестирано преку милион денари во иднината на Македонија. Речиси половина од тие пари доаѓаат од вашата претплата на Сабстек и неизмерно ви благодариме за тоа. КАНТАРОТ конечно си го најде својот raison d’être.
Текстов го пишувам од Тасос во Грција, земјата за која со децении се инаетев дека нема да ја посетам. Инаетот потклекна кога син ми побара да ја види таа блиска, а толку далечна земја. Опкружен сум со најголемите поддржувачи на КАНТАРОТ, моето семејство и мистериозната група донатори кои себеси се нарекуваат Таклабаси. Благодарение на нив, мојот инает сега си бара други предизвици. Се инаетам со сите кои мислат дека џабе си го трошам времето и парите во Македонија. Ги убедувам да донираат на иницијативи во кои веруваат, дури и ако исходот е штурци. Се борам против самосожалувањето и резигнираноста сублимирани во фразата “само во Македонија”, бидејќи сакале или не, ние сме едно сосема просечно место за живеење. За среќа, дури и во просечните места секогаш има натпросечни луѓе кои бегаат од екстреми и сакаат да ги ставаат работите на кантар. Тука сме за нив. За вас. За нас.
P.S. Неизмерно уживав и уште повеќе се мачев пишувајќи го овој пост што сублимира десет години блогирање. Како и во многу претходни постови, вметнав во него едно „велигденско јајце“. Ако го најдете, објаснете го во коментар за можност да добиете 10 000 денари во биткоин. А ако стигнавте до тука со читање, тогаш заследете нѐ и на социјалната мрежа NOSTR (npub1fy542mp9ynaelr4xj708460mh0dessy4mcvjax60yjjxvmp7fv8qzj3ayw). Таму постојано донираме сатоши на корисниците кои ги следиме:)