Среќна стара нова година!
Рекапитулар на 2022 и план на напад за 2023. Плус видео премиера за нашите донатори. Ви благодариме за поддршката!
Драги поддржувачи,
Се надеваме дека добро одморивте за време на празниците, ви посакуваме сè најубаво во 2023! Подолу е рекапитулар на нашите активности од 2022, плус специјално видео изненадување за нашите донатори. Текстов претходно го објавивме на англиски, но оваа верзија е за нашата македонска публика.
1. Охрабрени од натпреварот „Една минута наука“ во 2021, ја започнавме 2022 со уште еден натпревар (Скреч-за-Свич), на кој му претходеше серија НЗД туторијали во Scratch. Нашиот Скреч-мајстор беше Давид Арнаудов, шестоодделенец кој програмира веќе три години. Честитки за Давид и големо благодарам до компанијата „Полимед“ што го донираше Нинтендо Свичот. Еве линк до победничката игра, како и до четирите скречери кои добија пофалници.
2. Во мај ја организиравме првата научна конференција за деца. Преку 100 дечиња направија свој холограм, си играа со магнети, и поставуваа научни прашања. Згора на тоа организиравме два онлајн панели за иднината на образованието, а завршивме со коктел на кој се служеа десерти со течен азот и коктели во епрувети. Сето ова беше поддржано од С(ц)иеста заедницата (група од околу 300 истражувачи родум од Мкаедонија), голема благодарност до сите кои го донираа своето време, пари и знаење! Фотографии од конференцијата се наоѓаат на следниов линк, а за настанот известуваа Умно, Fakulteti, Телма, Република, и многу други медиуми.
3. Преку летото организиравме десет работилници со НЗД научните пакетчиња (клик тука за осврт кон пакетчето и една пресмешна видео реакција). Повеќе од 200 деца добија НЗД пакетче и се забавуваа со четирите експерименти во него. Нашите НЗД волонтери одржаа две работилници во Берово (донации од Сани Јосифоски иИлија Дуковски), една во Кичево (донација од Бојан Ангелов), две во Негрево (донација од Виолета Илиќ и Зоран Шуниќ и од Панче Наумов), една во Негорци (донација од Илина и Борче Сиљаноски), една во Гевгелија (анонимен донатор), и три во Кавадарци (донации од Драган Тевдовски, Ана Заковска, и анонимен донатор). Линковите во овој параграф ќе ве однесат до фотографии од индивидуалните работилници.
4. По НЗД конференцијата бевме контактирани од општина Ѓорче Петров во Скопје и од основното училиште Владо Кантарџиев во Гевгелија околу можноста да воспоставиме долгорочна соработка. Резултатот е кампања да се анотираат сите 100+ НЗД видеа (59 видео лекции за првото полугодие, 69 за второто) со прашања поставени од учениците во овие девет училишта. Предметните наставници од овие училишта сега ги користат нашите видеа како домашни задачи и ги охрабруваат учениците да измислуваат квизови кои ќе служат како подготовка за темите обработени на училиште. До крајот на годината очекуваме секое видео под себе да има и мини-квиз (пример) што ќе им помогне на учениците во подготовките за тестови. Нашата визија е да ја преточиме нашата веб страница во НЗД апликација што ќе го разигра (гемифицира) учењето.
5. Паралелно со натпреварот за поставувачи на прашања, кој ги таргетира само гореспоменатите училишта, исто така објавивме и натпревар за одговарачи на прашања и овој натпревар е отворен за секој ученик во Македонија. На нашите Фејсбук и Инстаграм страници објавуваме прашања поврзани со НЗД видеата и секој месец го наградуваме ученикот кој прв одговорил најмногу пpaшања. Исто така организираме и лотарија во која секое точно одговорено прашање е лоз за можност да се освои НЗД маичка или пакетче. Подолу е извлекувањето за декември, честитки до победниците!
6. Нашите С(ц)иеста средби продолжија и во 2022, но форматот се прошири и со С(ц)иести во живо и со гостински постови. Уживавме во дискусиите со Бојан Панчевски, Марија Дренковска, Зоран Шуниќ, Владимир Атанасовски, Andy Perkins, Златко Василковски, Кристијан Фидановски, Бранислав Геразов, Александар Шулевски, како и во живите С(ц)иести за учење низ игра (панел во живо со Тања Павлеска, Бојана Стојанова, Менка Стојанова и Маја Виденовиќ) и за технолошките иновации кои ја диктираат иднината на образованието (виртуелен панел со Нина Геометриева, Андреј Ристески, Петар Поповски и Никола Стиков). Следете нè за нови теми и интересни гости и во 2023!
7. Сабстек есеите на Никола беа пренесувани од порталите Umno.mk, MKD.mk и Off.net. Никола исто така објави текст за информирана согласност поврзан со конференцијата за вредности организирана од Народната Банка, даде неколку телевизиски интервјуа (Телма, МТВ), а неговиот критички осврт кон „Зоки Поки“ беше дискутиран на утринската програма на националното радио и беше еден од најчитаните текстови на порталот Умно за 2022. Тука на Сабстек можете да ги прочитате и англиските есеи на Никола за ChatGPT (тука и тука), како и неговото обраќање до матурантите на НОВА.
ПАРТНЕРСТВА И СОРАБОТКИ
Како додаток на нашите домашни проекти, С(ц)иеста и Наука за деца, продолживме со поддршка на ентузијасти кои го збогатуваат македонскиот академски и културен живот. Во 2021 дадовме седум стипендии од по 12000 МКД за членовите на македонскиот notebook factory тим, а го избуткавме и отварањето на Центарот за Напредни Интердисциплинарни Истражувања во склоп на УКИМ. Во 2022 центарот ја доби и својата прва академска публикација, а ние продолживме да се шириме и надвор од академската средина.
1. Нашиот партнер Тошо Филиповски ја освои престижната награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“ за неговото неуморно документирање на македонската рок историја. Рок енциклопедиите на Тошо беа поддржани од Никола Стиков и беа инспирација за типот на проекти кои сака да ги финансира Фондација КАНТАРОТ. Тошо даде незаборавен говор во македонскиот парламент, колаж од македонски песни што заслужува да биде гласно испеан и надалеку чуен. Го поддржавме и објавувањето на Мизар Откровенија 1981-2021, првата биографија на македонска рок група, како и две плочи со македонска dark wave и new wave музика од 80-тите. Кој можеше да замисли дека ќе поддржиме и музичко издаваштво :)
2. Бевме поканети од Саемот за книга да одржиме работилница за бои и CMYK печатење. Погледнете го ова видео за да ја доживеете атмосферата и возбудата на дечињата.
3. Дониравме детски книги за наука на библиотеката во Македонска Каменица.
4. Нашите НЗД пакетчиња беа доделени како награди на Едуино игратонот.
5. Го поддржавме Nihon-ji фестивалот на јапонска култура во Скопје, а Драгана и Анита организираа детска работилница за кумихимо и монкири. Фотографии од работилницата можат да се најдат на следниов линк.
6. Во соработка со Ботаничката градина, Едукативниот центар во Негрево и Македонското еколошко друштво организиравме натпревар за броење јаглики. Натпреварот ги мотивираше учесниците да излезат во природа и да ја набљудуваат хетеростилноста на растенијата со цел да се соберат што е можно повеќе информации за јагликите во Европа. Натпреварот беше проследен со веб страница, туторијал, работилници, стикери, и неколку образовни видеа. На НЗД конференцијата ги доделивме наградите за учениците и одделенијата кои избројаа најмногу јаглики.
7. Поткастот Обични луѓе се врати со трета сезона, во која главните улоги ги имаа алпинистка која живее со цистична фиброза, етнолог кој работел како крупие во казино, музичар кој не сaкал да го нарекуваат Елвис имитатор, работник во зоолошка, библиотекар, спелеолог, и пет жени кои минуваат низ менопауза. Креаторката на поткастот, Илина Јакимовска, ја употреби нашата донација за да го создаде Етно клубот при Институтот за етнологија и антропологија на УКИМ. Повеќе информации ќе најдете на следниов линк. Се надеваме дека многу луѓе ќе уживаат на лејзи-бег фотелјите донирани од нашата фондација.
Се гордееме со работите кои ги постигнавме во 2022 и се заблагодаруваме на нашиот борд, нашите донатори, вработените, и волонтерите кои ги преточија нашите планови во реалност. Се радуваме на новата година и се надеваме дека ќе нè поддржите во напорите да направиме позитивна промена во македонското општество.
А сега специјален подарок за нашите поддржувачи, работна верзија на НЗД видео што го осмисли маркетинг агенцијата Publicis. Видеото го означува почетокот на нашата кампања за финансирање на следната НЗД конференција и наскоро ќе го објавиме јавно и во повисока резолуција:) Уживајте!