Имаме центар!

Утре (10 ноември) во 13 часот по македонско, УКИМ ќе го промовира новиот Центар за напредни интердисциплинарни истражувања изроден од С(ц)иеста.

Време е да се пофалиме со нешто што верувам ќе остави траен белег на генерации идни студенти и истражувачи од Македонија. Оваа среда (10 ноември) УКИМ ќе го промовира новиот Центар за напредни интердисциплинарни истражувања. Визијата на центарот е да биде матица за научници родум од Македонија кои сакаат да се поврзат меѓу себе и да воспостават соработка со УКИМ. А зародишот на центарот? Па С(ц)иеста, се разбира!

С(ц)иеста е меилинг-листа во која членуваат околу 300 истражувачи родум од Македонија, со дипломи од над 60 светски универзитети. Листата расте благодарение на Кирил Гаштеовски, кој уште во 2019 копаше по LinkedIn и додаваше меил адреси на наши истражувачи во странство. Во поразвиени земји вакви истражувачи веќе би биле поврзани преку мрежи на алумнуси и донатори, ама во Македонија наидовме на бришан простор што плачеше да биде пополнет.

Пополнувањето се случи благодарение на пандемијата. Членовите на С(ц)иеста беа непресушен извор на информации за коронавирусот, а Зум беше идеалната платформа за да размениме искуства и знаења меѓу себе. Започнавме да се собираме секоја среда во пет по македонско, и тие средби беа ретка шанса да чуеме што би ни раскажале истакнати луѓе од Македонија ако во време на глобална пандемија ги поканиш на виртуелна пијачка.

Благодарение на пандемиските С(ц)иести започнавме да размислуваме и за тоа како можеме да придонесеме кон видливоста на УКИМ во интернационални рамки. По игра на случајот идниот проректор на УКИМ за меѓународна соработка (Ордан Чукалиев) беше еден од нашите први гости уште пред било кој да знае дека проректорската позиција е на хоризонтот. Ордан веднаш го препозна потенцијалот на листата и оттука работите започнаа да се движат во насока на поврзување со УКИМ.

Во изминатите година и пол низ С(ц)иеста продефилираа стотина научници родум од Македонија и се надевам дека голем дел од нив ќе изразат интерес за афилијација со центарот. Во советот на Центарот сме јас, Петар Поповски, Јадранка Стојановска, Розита Димова, Валентина Гечевска и Ордан Чукалиев (сите поранешни гости на С(ц)иеста), а оваа среда ќе имаме можност заедно да се претставиме пред јавноста.

Следната С(ц)иеста е првата што ќе ја организираме во соработка со УКИМ и таа ќе се одржи во среда (10 ноември) во 13 по македонско. Ќе започне со обраќање на ректорот Никола Јанкуловски и со доделување на награди за најдобрите научници на УКИМ, а ќе продолжи со онлајн-панел на кој ќе учествуваме јас, Валентина, Ордан, Розита, Јадранка и Петар, и на кој ќе ја изложиме нашата визија за иднината на центарот.


Објава на Умно.мк за Центарот: Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања на УКИМ беше промовиран вчера во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на науката


Им благодарам на сите членови на С(ц)иеста за поддршката и ентузијазмот во изминатите две години. Се надевам ќе имаме уште многу причини за дружба и соработка!

Share