Кој донира...
Сакаме да создадеме култура на донирање на долги патеки, за заедно да го подобриме нашиот образовен систем.
Овој напис е достапен бесплатно за сите читатели на КАНТАРОТ. За да добиете пристап до платените содржини...
Трансакциска сметка: 250-0010051639-69
Примач: Фондација КАНТАРОТ
Шифра за донација: 562
Се сеќавам кога ја дадов мојата прва донација, 20 долари во фондот за додипломско образование на Стенфорд. Парите ги дадов многу безволно, оти тие $20 мене можеа да ми купат книга, а Стенфорд немаше ни да ги забележи оти лежи на endowment од десетици милијарди долари. Ама канцеларијата за донации на Стенфорд знае дека првиот чекор е најтежок, и дека ако покажат благодарност кон студент кој жртвува книга за да поддржи кауза, тогаш секоја наредна донација ќе му има сè повеќе смисла.
Донирам на различни каузи веќе цели 20 години. Почнав со неколку долари на Стенфорд и на Википедија, стигнав до завет дека секоја година ќе донирам 10% од моите примања во добротворни цели. Не го правам тоа со големи фанфари, оти донацијата е најблагородна кога е анонимна. Арно ама, анонимните донации не ги мотивираат луѓето околу вас да го направат истото. Затоа денес ќе ги споделам моите причини за донирање, надевајќи се дека дел од вас ќе жртвуваат една книга за да се претплатат на сабстеков и да ги поддржат каузите во кои верувам.
Кој донира едуцира
Стенфорд инвестираше над милион долари во моето образование, така што чувствувам обврска да возвратам на мојата alma mater секогаш кога ќе бидам во можност. Убаво е сознанието дека секоја моја донација ги едуцира новите генерации на Стенфорд.
Но каде би можел да дадам 10% од моите приходи ако сакам да му помогнам на македонското образование? Не знаејќи од каде да почнеме, решивме да направиме наша фондација. Фондацијата ја подготвувавме од почетокот на пандемијата, но пред јавно да побараме донации сакавме да покажеме што можеме да постигнеме со сопствени сили. Во првата година ја создадовме Наука за деца, продуцирајќи над 100 видео содржини како поддршка за предметната настава во нашите основни училишта. Ги започнавме С(ц)иеста средбите на кои направивме муабет со повеќе од 50 научници родум од Македонија. Доделивме седум стипендии на студенти од ФИНКИ (новиот повик е во тек), а инвестиравме и во нашата образовна инфраструктура, донирајќи училница на основното училиште Браќа Миладиновци. Донирајќи на КАНТАРОТ ќе ги поддржите горните иницијативи и ќе придонесете во едукацијата на генерации нови ученици и студенти.
Кој донира превенира
Донаторската култура во Македонија е во зародиш. Луѓе двојат од уста за да пратат СМС за нечие лекување, што е доказ за нашата благородност, но вакви донации само го зголемуваат бројот на луѓе кои губат верба во здравствениот систем и спасот го бараат на страна. Потребно е да се спречи одливот на животи и мозоци.
Од нашите гимназии и факултети излегле илјадници успешни луѓе, но овие институции немаат мрежи на алумнуси кои ќе им донираат во долгорочни цели и инвестиции. Со КАНТАРОТ се обидуваме да создадеме култура на донирање на долги патеки, во која донаторите ќе знаат дека нивните средства ќе си го најдат патот до каузата во која веруваат. Само така ќе успееме да се справиме со причините, а не со последиците од нашиот преоптоварен здравствен и образовен систем.
Утре (среда, 1 септември, во 5 часот по македонско) ќе имаме С(ц)иеста со Валентина Гечевска, проректорка за наука на УКИМ. Ќе разговаравме за тоа како можеме да го подигнеме квалитетот на македонската наука, а очекуваме да падне муабет и за плановите што УКИМ ги има да привлече успешни научници родум од Македонија. Регистрацијата е бесплатна за првите 20 регистранти (https://forms.gle/a88KmcbkiYchF2hB9), а сите останати ќе добијат линк за учество доколку го поддржат нашиот Сабстек со месечна или годишна претплата.
Кој донира инспирира
Минатиот викенд ги прашавме нашите Фејсбук пријатели да најдат рима на фразата „Кој донира...“ Добивме прекрасни одговори кои ги споделуваме со вас во два wordclouds. Се надеваме дека со овој пост ќе ве инспирираме да донирате, оти не е важен износот колку што е важна пораката дека го поддржувате она што го работиме. Можете да нè поддржите со месечна претплата од $10 на Сабстек (или годишна претплата од $100), но би биле благодарни и за помали износи (кои може да се донираат во касичка на лежерните С(ц)иести), а и за поголеми суми кои можете да ги уплатите на нашата жиро сметка.
Трансакциска сметка: 250-0010051639-69
Примач: Фондација КАНТАРОТ
Шифра за донација: 562
Како што рекле старите, кој донира зло не мисли, а кој на друг донација му дава сам во неа паѓа :)
А кој не донира…
Па, за сè има првпат :)