Финансираме визуализирање на научни трудови
Фондација КАНТАРОТ го објавува првиот отворен повик за ентузијасти кои сакаат да создаваат интерактивни визуализации на научни трудови
Убаво е да се влијае на домашната средина, но уште поубаво е кога ќе постигнеме светско влијание во некоја сфера. Нашата фондација работеше и понатаму ќе работи на осовременување на научното издаваштво. Имено, веќе некое време ја промовираме употребата на најсовремени алатки во издаваштвото, како што се интерактивните визуализации на научни трудови.
Споделувајќи го овој напис, ќе ни помогнете дополнително да го зголемиме нашиот импакт.
Најпрвин, сакаме да им честитаме на стипендистите, студенти од ФИНКИ, кои изминатава година создаваа интерактивни визуaлизации за трудови од областа на магнетната резонанса (МР). Голема благодарност до Кирил Зеленковски, Андреј Миловановиќ, Бранко Бјадов, Давор Димоски, Јана Николовска, Давид Галевски и Димитар Милески за нивниот придонес во создавањето на MR Pub, најголемиот онлајн-ресурс со интерактивни МР-содржини.
Сите стипендисти добија стипендии во вредност од 12.000 денари и можност да соработуваат со најголемите имиња од областа на магнетната резонанса.
Можеби интерактивна визуализација ви звучи езотерично, но веруваме дека повеќето ја гледате (и користите!) секој ден. На пример, сигурно одите на: https://covid-19.treker.mk/en/stats за да ги погледнете најновите статистики во врска со ситуацијата со КОВИД-19 и да менувате параметри. Тоа е тоа. Тоа е таа интерактивна визуализација за којашто и разговаравме со креаторите на Trecker.mk уште пред да ја пуштат страницата во јавност.
А еве и една од интерактивните визуализации со која доби живот еден научен труд од областа на магнетната резонанса, направена од нашите стипендисти:
Охрабрени од успехот од точка 1, решивме да го прошириме повикот до сите кои сакаат да создаваат интерактивни визуализации поврзани со научни трудови, не само од МР, туку од која било област!
Критериумите за учество можат да се најдат ТУКА.
Повикот трае до 30 септември, а сите испратени предлози ќе бидат разгледани до 15 октомври.
Зошто го правиме ова - во кратки црти:
Сакаме да покажеме како научното издаваштво може да зачекори од стерилниот свет на пдф-овите во современиот свет на интеракција со своите читатели.
Имаме желба да ги видиме нашите млади луѓе како дел од светската ренесанса на издаваштвото.
За да покажеме дека ако се има желба - и со малку пари може да се постигне многу!