Нашите пријатели
Околу фондацијата КАНТАРОТ гравитираат многу иницијативи, како што се Наука за деца, С(ц)иеста, Обични луѓе, Notebook factory… Ова се изјавите на луѓето кои се нивни иницијатори, помагатели или креатори:
„Со двете сестри Менка и Марија во иницијативата се вклучивме од чисто себични причини 😊, затоа што одамна сакавме сите три да работиме заедно на нешто. Нашите експертизи во полињата на биологијата, физиката и компјутерските науки ги споивме во работата со деца и за деца. Сакавме да им дадеме на наставниците алатки со кои ќе можат преку активности, експерименти и игра да им ја доближат науката на децата.“
— Бојана Стојанова, биолог и дел од тимот на Наука за деца
„Со Никола разговаравме како можеме да придонесеме за развој на научната писменост и во исто време како да запознаеме паметни луѓе низ светот кои се родум од Македонија. Почнавме прво да се собираме во барот Сиеста, а потоа и на Зум и како резултат на средбите се родија многу дискусии на многу теми и се создаде заедница на научници родум од Македонија, од кои многумина иако ги немам видено ниеднаш, чувствувам дека ги познавам .“
— Кирил Гаштеовски, истражувач во областа на машинското учење и кокреатор на С(ц)иеста
„Дружењето во оваа група интелектуалци одекнува на повеќе начини, па и преку мојот поткаст „Обични луѓе“, кој се однесува на необични животни стории и на необични професии. Од една страна, сакам на луѓето во Македонија да им го доближам поткастот како форма, а од друга страна, ова е и некој вид експериментална етнографија и пример за студентите како да се искористи материјалот од архивите, кој инаку би бил мртов.“
— Илина Јакимовска, етнолог и авторка на поткастот „Обични луѓе“
„Верувам во каузата за отворена наука на мојот професор Никола Стиков и уживав во тоа што го работевме заедно минатата година. Преку проектот Notebook Factory работевме на репродуцибилна наука и на креирање иновативни визуализации на податоци, а преку предметот Истражувачка методологија во ИКТ им го доближивме овој концепт на студентите на ФИНКИ. Голем дел од овие содржини си најдоа дом на MR Pub, овозможувајќи им на истражувачите од областа на магнетната резонанса да ги истражуваат кодот и податоците поврзани со научни трудови објавени во престижни журнали.“
— Кирил Зеленковски, студент на ФИНКИ