Опис и попис на првата сезона на „С(ц)иеста“
Што да се каже за 2020-та? На некои деца некогаш во иднина веројатно ќе им раскажуваме за неа со насмевка во минато свршено време, но денес, сите ние кои ја преживеавме сè уште го имаме нејзиниот продолжен горчлив вкус во устата. Сепак, колку и да ни ги преврти животите наопачки и како мали деца нè натера одново да учиме да одиме низ животот, сега кога заврши, со големо олеснување можеме и да ја пофалиме за по нешто. На пример, јас сакам да ја пофалам затоа што во неа се роди „С(ц)иеста“ и затоа што имав можност да го документирам нејзиниот развој од самите почетоци.
„С(ц)иеста“ е серијал од научни дискусии, чии најнови епизоди со научна тематика не се појавуваа на „Нетфликс“, ниту на „Ејч-би-оу“, туку премиерно на Зум-линкот на Никола Стиков, секоја среда, во 17 часот по македонско време.
За пилот-епизодите
Како што кажуваат „режисерите“ Никола Стиков и Кирил Гаштеовски, сè почнало на средбата кога за прв и единствен пат се виделе во живо. По преписка на „Твитер“, во септември 2019 година, се нашле во скопскиот ресторан „Сиеста“, кој не ни сонувал дека ќе биде инспирација за една поинаква „С(ц)иеста“. Од муабетот видовме дека имаме слични интереси и си рековме ајде да направиме нешто за да се споиме со други научници од Македонија кои живеат и работат во странство како нас, вели Никола, кој предава на Универзитетот во Монтреал. Кирил, пак, кој работи како научен истражувач во лабораториите на NEC во Хајделберг веднаш почнал да прави листа на такви научници што ги познава. Па пребарувал и на „Гугл сколар“, и на „Линкдин“, за да стигне до меилинг-листа со околу 200 луѓе.
Првите „пилот-епизоди“ од „Сиеста“ (пред да се преименува во „С(ц)иеста“) се во соработка со сајтот „Наука за сите“ и се одвиваат во живо во винската визба на ресторанот Сиеста во Скопје. Токму тука и јас влегувам во приказната, кога на покана на Никола се придружувам на последната таква средба да видам за што станува збор и, ако ми се види инспиративно, да почнам да пишувам репортажи од следните средби. А од таа среда до следната - се појавува првиот случај на корона во земјава, се затвораат угостителските објекти и „Сиеста“ се трансформира од андерграунд проект во домашна инди продукција. На 11 март (среда) Никола и Кирил ја организираат првата дискусија на „Зум“, на којашто гостува Елисавета Стикова. Темата, нормално, е почетокот на борбата со коронавирусот во земјава. Како што од недела во недела ја живееме неизвесноста на кризата, така неделните „С(ц)иести“ стануваат една од ретките константи, место каде што различни гости ја споделуваат својата експертиза со членовите на меилинг-листата. Од 11 март до крајот на 2020-та, секоја среда (без исклучок!) се организираат вкупно 42 средби. Ако овие 42 дискусии беа спонтан одговор на КОВИД кризата, фановите на Даглас Адамс сигурно би сакале да дознаат што е прашањето. Ни требаше речиси година дена за прописно да го формулираме, ама мислам дека прашањето е „Што би ти раскажале најобразованите луѓе од Македонија ако во време на пандемија ги поканиш на виртуелна пијачка?“ - вели Никола.
Главни ликови и главни настани
За што се разговараше на тие дискусии? Како што напишав, најмногу за она што нè мачеше годинава, односно за коронавирусот и импликациите од кризата врз различни сфери од нашето интимно и општествено живеење: Горазд Росоклија зборуваше за социјалната дистанца и социјалната изолација, Драган Даниловски за контролирањето на епидемијата, Кирил Гаштеовски за вештачката интелигенција и нејзиниот придонес кон справување со кризата, Александар Стојков, Драган Тевдовски и Џеф Снајдер за економските и финансиските импликации, Розита Димова даде свое антрополошко видување на кризата, Ордан Чукалиев зборуваше за погоденоста на земјоделството, Владимир Нешковиќ-Кесма, Љупчо Тодоровски и Никола Симиџиевски за словенечкиот „Следилник“ и македонскиот treker.mk, Костадин Граматиков за влијанието на кризата врз авиоиндустријата, Харис Бабачиќ и Никола Пановски за вториот бран на КОВИД-19 во Македонија, Хусеин Хадеиба за функционирањето на имунитетот и создавањето отпорност на организмот на вируси, Жарко Даниловски за иднината на медицината со CRISPR-технологијата... На „С(ц)иестите“ се разговараше и за: големите светски сили како Кина (Анастас Вангели) и Индија (Блаже Аризанов), за Африка (Александар Јосифоски и Дивухо Тшиковхи), за образованието (Драган Атанасов, Димитар Силјановски, Александар Чамински; Никола Стиков и Бранимир Јовановиќ, Љупчо Коцарев и Ордан Чукалиев), за научните публикации и научното издаваштво (Петар Поповски, Хедер Џозеф, Сами Мехмети), довербата и онлајн-светот (Тања Павлеска), бесплатниот интернет (Меннан Селими), веројатноста и телепортацијата (Илија Дуковски), вештачката интелигенција (Даниел Смилков, Филип Илиевски, Едуард Орт), афантазијата (Илина Јакимовска), биомиметичките и паметните материјали (Панче Наумов), за списанието „Лице в лице“ (Mарина Mатеска), како и за иницијативата „Наука за деца“ (Бојана, Менка и Марија Стојанови и Марија Попова).
Како што може да се види и од веќе споменатите имиња, на десетина „С(ц)иести“ имаше и „специјални“ гости-странци, вклучувајќи ги и Горан Главаш и Ане Лаушер на тема етиката во вештачката интелигенција, Констанц Акерман-Бострем за јазичната дискриминација, и Богдан Драгански на тема невронаука и креативност. Дел од гостувањата беа во соработка со Канадската платформа за отворена невронаука: Ричард Голд и Дилан Роскамс-Идрис, Сузана Петанческа, Виолета Илиќ, Питер Џезард и Елизабет ДуПре, како и дискусијата со Рајан Меркли, еден од првите луѓе на „Wikimedia“, на која учествуваа рекорден број учесници.
„С(ц)иеста“ низ бројки
Проектот „С(ц)иеста“ засега чекори по зацртаниот пат, во согласност со визијата на Никола и на Кирил за собирање на едно место на македонската научна дијаспора и за поврзување на експерти од разни професионални полиња. Меилинг-листата на „С(ц)иеста“ денес брои 235 членови, меѓу кои на меил се одвиваат (умерен број) разговори во врска со идните или минатите „С(ц)иести“, се споделуваат научни студии и достигнувања, како и информации за нови научни позиции во институциите во кои работат нејзините членови.
Според анкетата што ја направија Никола и Кирил за последната „С(ц)иеста“ во 2020 година, во меилинг-листата членуваат дипломци од 62 светски универзитети, распространети на четири континенти. Една четвртина од нив се моментално во Македонија, повеќе од половината имаат докторат, а три четвртини се занимаваат со истражување од областа на природно-техничките науки.
Сепак, бројките не се сè. Како документарист на оваа независна продукција, мојот впечаток е дека она што го дава идентитетот на групата е културата на меѓусебно почитување. Или, како што вели Петар Поповски: За разлика од речиси сите други дискусии во македонската сфера, ова е едно од ретките места каде што нема сезнајковци. Секој е експерт во своето поле и тука доаѓа за да научи нешто ново, да ги постави прашањата што му се вртат низ глава, да си ја задоволи љубопитноста. Со други зборови, да придонесе со тоа што го знае и да го впие тоа што не го знае а сака да го дознае.
Во следната сезона ќе гледате
За да ја задржат интимноста и својот идентитет, Никола и Кирил велат дека „С(ц)иестите“ и натаму претежно ќе бидат ограничени на 20 учесници, а меилинг-листата планираат да се шири бавно, преку препораки од постоечките членови. Пошироката јавност сепак ќе има прозорец кон она што се случува преку објавените репортажи што ги пишувам со главните заклучоци од дискусиите. Во 2021 можете да очекувате и посветена веб-страница што ќе ги обедини иницијативите кои потекнаа од овој блог („С(ц)иеста“ и „Наука за Деца“), како и „job board“ или листа на огласи за стипендии и работни места. Јас би бил пресреќен да знам дека еден човек заминал на докторат на добро место по информација добиена на „С(ц)иеста“, вели Кирил.
Во врска со крајната цел за годината што почнуваме да ја живееме, Никола вели дека кон крајот на 2021-ва би бил пресреќен од „С(ц)иеста“ да произлезе една голема целодневна научна конференција во Македонија (читај: долгометражен филм 😉), која може да биде од хибриден вид (онлајн + во живо). На тој начин конечно ќе се отвориме кон јавноста, а можеби и ќе наздравиме во живо со оние со кои испивме еден куп виртуелни пива благодарение на пандемијата, заклучува тој.
Она што јас би сакала да го додадам е дека сум среќна што бев дел од „С(ц)иестите“ годинава, што успеав да дадам скромен придонес преку преточувањата на дискусиите во читлив формат, но најмногу од сè што добив еден нов канал на „неформално образование“, каде што секоја недела учев нови работи од толку различни и далечни области. Така што, без разлика дали од „С(ц)иестите“ ќе произлезе конференција или непланирано и неочекувано ќе се изроди нешто чија форма не можеме ни да ја насетиме - однапред се радувам да бидам сведок на тоа.На последната дискусија учествуваа: Агон Мемеди, Весна Бачева, Симона Шенбакар, Симона Самарџиска, Марија Стојанова, Владимир Кузмановски, Кирил Антевски, Дејан Порјазовски, Горан Купенков, Илија Дуковски, Иво Џидровски, Дино Граматиков, Петар Поповски, Илина Јакимовска, Бојана Стојанова, Дафинка Срезоска, Венцeслав Кафеџиски, и Тања Павлеска.
БОНУС: Избор фотографии од минатогодишните „С(ц)иести“