About us / За нас
Foundation for science, culture and mental fitness / Фондација за наука, култура и ментална фискултура КАНТАРОТ
Welcome to the Substack of Foundation KANTAROT, established in 2021 by Nikola and Dragana Stikovi. To learn more about our foundation and the story behind it, scroll down to the cyrillic section, or click on this Google translate link.
We are focused on promoting science, culture and mental fitness in Macedonia and beyond. The majority of our posts are in English, but don’t be scared by a cyrillic post every now and then:)
Our foundation supports the project Science for Kids (Наука за деца), the science webinar S(c)iesta, the podcast Common People (Обични луѓе), the hackathon for MRI professionals (MRathon) and the academic publishing initiative Notebook factory. Our yearly reports can be found here, and on this Google translate link you will find testimonials of science enthusiasts who have received our support.
If you like our work, please consider subscribing and supporting us!
Добредојдовте на Сабстекот на Фондацијата за наука, култура и ментална фискултура КАНТАРОТ, основана од Никола и Драгана Стикови. Никола има диплома, магистериум и докторат од Универзитетот Стенфорд, а во моментов работи како професор на Политехничкиот факултет при Универзитетот на Монтреал. Драгана, пак, има диплома по менаџмент од УКИМ и магистериум по образовна администрацијата од Универзитетот Санта Клара, а во фондацијата ја извршува директорската функција.
Подолу е краток разговор со Никола и Драгана за врските со Македонија, за желбата да го поттикнат критичкото размислување во државата и за формирањето на фондацијата.
Should I stay or should I go?
Н.А.: Што е тоа што постојано ве враќа назад во Македонија?
Никола: Јас сум во странство од 1995 година, но желбата да се вратам постојано тлее. Најсериозен обид таа да се оствари беше во 2009 година, откако го завршив докторатот на Стенфорд и сакав тука да направам центар за магнетна резонанса (МР). Во тоа време државата купи неколку нови МР-скенери и јас сакав еден од нив да биде достапен за истражувања од полноќ до шест часот наутро, кога скенерот и така не се користи за клинички потреби. Сепак работите не се наредија, па ни требаа десетина години за повторно да создадеме услови да престојуваме во Македонија. Во меѓувреме јас добив сигурна професорска позиција на Политехничкиот факултет при Универзитетот на Монтреал, па сега сме подготвени да преземеме поголеми ризици во остварувањето на дамнешната желба.
Драгана: Кога луѓето се селат, тие најчесто пресекуваат, заминуваат и потоа 2-3 години не доаѓаат дома. Во тој период концептот за дома им се менува, Македонија им станува непрепознатлива, па почнуваат сè поретко и поретко да се враќаат тука. Јас и Никола бевме седум години во врска на далечина и за тоа време тој доаѓаше во Македонија по 3 до 4 месеци во годината, па враќањата му прејдоа во навика. Откако стапивме во брак и добивме деца сите очекуваа да се скрасиме во Канада, но ние продолживме да доаѓаме во Македонија на подолги престои. Веројатно тоа седење на две столчиња ни го отежна прилагодувањето на новата земја, но и го оневозможи целосното „откачување“ од Македонија.
Без ука нема наука
Н.А.: И во 2019 година решивте пак да дојдете тука…
Никола: На повеќето светски универзитети професорите имаат право на сабатна година, платено отсуство кое можат да го минат каде било во светот. Јас одбрав да дојдам на ФИНКИ и да го искористам тоа време за воспоставување врски со УКИМ и МАНУ. Држев неколку предмети со Љупчо Коцарев и Владимир Трајковиќ и регрутирав десетина студенти со кои работиме на истражувачки проекти.
Драгана: Јас работев во Францускиот институт, каде што водев креативни работилници за деца. Една од најуспешните работилници беше онаа за магнетите, па решив да ја организирам по втор пат на 14 март 2020 година. Но, на 10 март се затвори целата земја и јас болна легнав оти мојата работилница нема да се одржи. Работилницата не се одржа, но од неа произлезе нешто многу поголемо: платформата „Наука за деца“ (www.naukazadeca.mk). НЗД ја обединува мојата професија со онаа на Никола: науката и уката, научната работа и работата со деца.
Никола: На сличен начин се роди и С(ц)иеста. Пред пандемијата се запознав со Кирил Гаштеовски и тој ми рече дека направил список на научници родум од Македонија. Додадовме дел од нив на меилинг-листа и во соработка со Наука за сите започнавме средби во живо во подрумот на гастротеката „Сиеста“ во Скопје. Поради пандемијата средбите се преселија на „Зум“, а форматот го замисливме како одговор на прашањето: „Што би ти раскажале најобразованите луѓе од Македонија ако во време на пандемија ги поканиш на виртуелна пијачка?“ Полека С(ц)иеста прерасна во мојата омилена пандемиска активност, една од ретките убави работи што се случија токму поради пандемијата. (ТУКА можете да ги најдете репортажите од С(ц)иестите, а ТУКА е описот на првата сезона на С(ц)иеста).
Наука, култура и ментална фискултура
Н.А.: Како се роди идејата за фондацијата?
Драгана: Како што растеа НЗД и С(ц)иеста, така почнаа да се појавуваат и логистички, и финансиски предизвици. Видеата за НЗД, преземени од англиската организација Fuse school се преведуваат, се проверуваат, се снима глас на македонски, се синхронизираат, се менуваат телопите во нив... За С(ц)иеста е потребно да се организира логистиката, да се обезбеди техничка поддршка, да се напишат репортажите... Во еден момент сфативме дека ни треба нешто што ќе ни овозможи да продолжиме поорганизирано и покоординирано. Така дојдовме до идејата за фондација што ќе промовира наука, култура и ментална фискултура.
Ајде да не бараме институционална поддршка за сè што мислиме дека треба да се направи во Македонија, туку да се самоорганизираме преку микродонации и микрогрантови
Никола: За мене фондацијата е природна еволуција на блогот Кантарот (qantarot.blogspot.com) кој го започнав со идеја дека во Македонија недостасува балансиран пристап кон важни теми и дека треба да престанеме да ја опишуваме земјава како најдобра или најлоша во нешто. Македонија (за жал или за среќа) не отскокнува по речиси ништо од светскиот просек, а кога тоа ќе го разбереме ќе бидеме поконструктивни во критиките и ќе престанеме да ја користиме фразата „Ова е можно само во Македонија”. Во изминатите десет години се создаде една фина заедница околу блогот, па фондацијата е логичен следен чекор за окрупнување на иницијативата.
Драгана: Наша желба е фондацијата да финансира ентузијасти, да поддржи креативни идеи за кои ви требаат малку пари ама не знаете каде да ги побарате. Ајде да не бараме институционална поддршка за сè што мислиме дека треба да се направи во Македонија, туку да се самоорганизираме преку микродонации и микрогрантови. Ова е „grassroots“ иницијатива со која сакаме да покажеме дека и со мали пари може да се постигне голем ефект. Имаш идеја за свој поткаст, желба за посета на некој семинар или работилница, или пак потреба да купиш репроматеријали за личен проект? Обрати ни се. Имаш волја да работиш нешто хонорарно, ама немаш идеја што? Фондацијата секогаш има мини проектчиња во кои можеш да се вклучиш. Еве опис на неколку активности кои се поддржани од фондацијата, а секој што сака да нè поддржи (финансиски или како доброволец) може да ни се обрати на info@kantarot.mk.
Трансакциска сметка: 250-0010051639-69
Примач: Фондација КАНТАРОТ
Шифра за донација: 562
Substack founding members: