Штурци
Тишината е заразна, но заразна е и креативноста. Не бидете штурци, зашто мравките ќе ве изедат!
Ако нашите написи ти значат, размисли да станеш платен претплатник. Тоа е најдобриот начин да нè поддржиш во ова што го правиме.
1.
Во 2019 за првпат предавав на ФИНКИ. Знаев дека студентите тешко дигаат рака и дека ќе треба многу трпение за да ги натерам да отворат уста. Она што не можев да го замислам е громогласната тишина со која беа дочекани сите мои обиди да се создаде дискусија на првиот час. И вториот не помина ништо подобро. На телевизија оваа непријатна тишина ја нарекуваат штурци.
Штурците си свиркаа сè додека не објавив дека оценките ќе бидат распоредени на крива, при што за десетка ќе треба да се биде две стандардни девијации над просекот. На сите студенти им беше кажано дека ќе бидат рангирани врз основа на колоквиумите, домашните и учеството на час. Им беше објаснето дека можат слободно да препишуваат едни од други, ама дека оние што дозволуваат да се препишува од нив, автоматски си ја спуштаат оценката на сметка на препишувачите. Од тој момент училницата живна, бидејќи секој имаше мислење на темата. Дел од студентите се бунтуваа затоа што не сакаа оценките да им зависат од колегите, ама полека сфатија дека рангирањето е начин да се докажат и да отскокнат од просекот. До крајот на семестарот успеавме да поставиме нови правила на игра. Кулминацијата беше колоквиумот на кој им ги зададов следниве прашања, а потоа излегов од предавалната и ги оставив без надзор. Препишување немаше, но затоа имаше многу позитивни коментари дека ова е најоригиналниот тест кој досега го полагале.
2.
Свесен дека за да имаш зборливи студенти треба да ги размуабетиш на мала возраст, во 2020 направивме НЗД натпревар за поставувачи на прашања меѓу основците. Направивме посебна веб страница на која прашањата ќе се вчитуваат како мини квизови, дизајниравме маскота, дистрибуиравме промотивни хексафлексагони преку книжарници и преку магазини, направивме Фејсбук кампања што ги охрабрува децата да не се плашат да постават прашање... Три недели верглавме дека секое откритие започнува со прашање, направивме систем за поднесување и одговарање на прашања, подготвивме награди, и добивме вкупно пет прашања, од кои три беа прописно форматирани. Со други зборови, пак штурци.
Шест месеци подоцна ја возобновивме идејата, но овој пат како натпревар меѓу одделенија. Секое одделение можеше да поставува прашања, а победниците освоија наградна работилници со НЗД пакетчиња за секој ученик. Добивме преку 200 прашања, работилниците беа полн погодок, а она што најмногу импресионираше е што во повеќето случаи учениците се самоорганизирале дури и без знаење на наставниците. Меѓу победничките одделенија имаше и четвртоодделенци и деветтоодделенци, а сите наши сомнежи дека можеби концептот не бил наменет за деца, или дека инструкциите не биле доволно јасни, исчезнаа преку ноќ. Очигледно проблемот била мотивацијата.
3.
Во 2021 објавивме повик за визуализација на научни трудови. Концептите на визуализација ги предавав три години по ред на ФИНКИ, стотици студенти веќе создадоа вакви визуализации како дел од предметите што ги предавав, седум од нив наградивме со стипендии од 200 евра. Бев убеден дека ако го отвориме повикот за пошироката јавност ќе добиеме барем неколку идеи за креативни визуализации, посебно затоа што само за идеја нудевме 2 000 денари, а за реализацијата уште додатни 10 000. Повикот го видоа преку 10 000 луѓе на Фејсбук, знам дека меѓу нив имаше и студенти чии визуализации ги имам оценувано, ама на формуларот за пријавување имаше...
Се надевав дека самото постоење на ваков конкурс ќе привлече ентузијасти од цела Македонија, а зошто не и од пошироко. Мислев дека оригиналноста на повикот е доволна да ги привлече оние кои се досадуваат на работа/школо и се жалат дека никој не ги цени нивните квалитети. Згрешив, ама ќе продолжам да го барам вистинскиот модел. Нашата цивилизација е изградена врз способноста да се претвори пасијата во профит, па убеден сум дека и во Македонија има луѓе кои сакаат да се докажат во работи кои сè уште не се широко прифатени. Затоа веќе го објавивме вториот повик за научна комуникација, но овој пат во форма на едноминутни научни видеа за деца. Имаме три награди од НЗД жирито (хромбук, таблет и блутут слушалки) како и Нинтендо свич за најпопуларното видео на ТикТок. Наградите се обезбедени од вашите Сабстек донации, така што секој поддржувач може да види каде му одат парите.
4.
Три години во Македонија се соочувам со истата динамика: луѓе кои се способни со часови да верглаат дека таму некаде на запад е поинаку, се претвораат во штурци кога ќе им го донесеш западот дома. Секој од горните три примери е копија на западни идеи што профункционираа и во македонски контекст, но најголемиот труд одеше во надминување на предрасудата дека западни концепти како тестови без надзор, фер натпревар и иновативна комуникација не можат да се пресликаат кај нас.
Сето ова ме потсеќа на дискусиите со моите пријатели во 90-тите кога им кажував дека во секоја продавница во Америка можеш да ги вратиш купените производи, а тие да ти ги вратат парите. Реакциите секогаш беа дека такво нешто нема шанси да профункционира во Македонија, оти Македончето ќе најде начин да ги банкротира и Walmart и Amazon. Дваесет години подоцна враќањето работи е сосема вообичаено и кај нас, затоа што продавниците и шопинг центрите нашле начин како од тоа да профитираат.
Трендовите се менливи оти луѓето се имитираат едни со други. Тишината е заразна, но заразна е и креативноста. Мочуришта можат преку ноќ да станат центри на моќ, исто како што култури кои некогаш го ценеле поставувањето прашања и отскокнувањето од просекот можат да се претворат во мочуришта на ортодоксија и просечност. Во Македонија предолго робуваме на урамниловката и конформизмот, но убеден сум дека можеме да ги замениме со меритократија и оригиналност, прашање по прашање, тест по тест, конкурс по конкурс. Ако никој околу вас не дига џева, ќе молчите и вие. Ако никој во одделението не се осмели да постави прашање, учителите ќе ве убедуваат дека само нивното мислење е исправно. Ако не ја препознаете можноста кога ви е пред носот, некој друг ќе ви ја грабне без око да му трепне.
Не бидете штурци, оти мравките ќе ве изедат!