Три години во Македонија: Хибридно писмо до Игор Анѓелков
Можеби дома е онаму каде што одлучуваш да бидеш кога светот ќе го стрефи пандемија?
...Еден негов пријател се врати во Македонија и беше еден од ретките, ако не и единствениот што го познаваше, а се одлучи на таков потег. Иако беше добро ситуиран, со професорска плата и загарантирано место на еден престижен универзитет, пријателот со сопругата и двете деца се врати во Скопје, продолжувајќи го својот ангажман во странство преку конференциски врски и слични технички предности, а кога требаше, неретко и сам заминуваше по некој месец, па повторно се враќаше назад, во својот дом.
„Шрапнел“ - Игор Анѓелков (2020)
Драг Игор,
Писмово ти го пишувам цели две години. Секогаш кога мислам дека е спремно за праќање, се случува нешто што ме прави да го преиспитам горниот параграф. Дали сум бил искрен со тебе кога сме разговарале цирка 2018-та? Дали сум искрен со себе сега, откако минав три години во Македонија? Дали писмово воопшто го пишува истиот човек, или и јас, како и ти во „Шрапнел“, ќе треба да напишам еден хибриден текст во кој двете мои верзии ќе се судруваат и ќе се надмудруваат?
Едната верзија вели дека си дојдовме во Македонија затоа што уште одамна ветив дека ќе се вратам, и како долг кон фамилијата и како најубав начин да ѝ вратам на Македонија за сè што таа ми овозможила.
Втората верзија вели дека дојдовме тука затоа што имам немирен дух и дека ни Скопје нема да може да ме задржи, исто како ни Монтреал, Стенфорд, Кјото и Берлин пред тоа.
Тој никогаш не беше патетичен во однос на поимот „татковина”, кај него не преовладуваа патриотски чувства во онаа, турбофолкерска смисла на зборот...
„Шрапнел“ - Игор Анѓелков (2020)
Едната верзија ги собира на иста полица сите CD-a што ги имам купено низ светот; втората верзија одвај наоѓа време да ги пушти да свират. Едната верзија секој петок организира филмски вечери со фамилијата; втората верзија заспива на пола од филмовите. Едната верзија го чита „Моби Дик“ на македонски и прави листа на прекрасни зборови кои ќе ги употреби во некој нареден блог-пост; втората верзија две години не објавила ништо на македонски. Едната верзија сред пандемија ги започна Наука за деца, С(ц)иеста и Фондација КАНТАРОТ; втората верзија пред десет дена ги спакува куферите и пак летна за Монтреал.
Додека двете верзии се трудат да коегзистираат во истава глава, срцето ја направи најважната одлука. Кога факултетот во Монтреал ме праша дали би сакале да се вратиме во Канада заради коронавирусот, се погледнавме со Драгана и во секунда одлучивме дека сакаме да останеме во Македонија. Не знам како да ја објаснам одлуката. Можеби дома е онаму каде што одлучуваш да бидеш кога светот ќе го стрефи пандемија?
...тој едноставно ја сакаше својата земја и се чувствуваше сигурно во неа.
„Шрапнел“ - Игор Анѓелков (2020)
„Шрапнел“ ја прочитав двапати. Првиот пат ја доживеав како интимна исповед на драг човек. Вториот пат сфатив дека и јас сум како тој човек, полн со жалење по пропуштени шанси, фрустриран од невозможни очекувања и преплавен од спомени кои баш и немаат врска со минатото. И јас и тој драг човек се трудиме да компензираме. Подаруваме работи (како оној албум од „Daughter“) кои ќе го изразат она што не можеме да го преточиме во зборови. Си организираме виртуелни екскурзии (како она прекрасно опишано патување до Белград на татко и син) на кои сите работи се на свое место. И јас и тој си правиме верзија на личната историја која ни овозможува да живееме сами со себе. А како што ми рече еден наш човек во Канада, ако научиш да живееш со себе, ќе можеш да живееш секаде.
На крајот се задоволуваш со едно сочно црвено јаболко (можеби со некое црвче внатре) скинато од дрвото на животот.
„Шрапнел“ - Игор Анѓелков (2020)
P.S. Се враќаме во Македонија на 15 декември. Имам среќа што универзитетската работа ми го дозволува тоа и што семејството го прифатило овој номадски академски живот. Во меѓувреме, секои две недели ќе објавувам на Сабстек размислувања и впечатоци од изминатите три години во Македонија. Овие написи ќе бидат зад paywall, делумно затоа што не сакам да бидат јавно достапни, а делумно затоа што ова е начин да се поддржи Фондација КАНТАРОТ.
Поддршка од $10 месечно (или $100 годишно) дава пристап до овие колумни, како и директен линк за учество на С(ц)иеста дискусиите (надвор од квотата од 20 бесплатни С(ц)иеста регистрации). Сите останати Сабстек содржини остануваат бесплатни, вклучувајќи ги малите огласи и С(ц)иеста репортажите на Наташа Атанасова. Се читаме!