Овој Зоки Поки не е за второ одделение!
Ако познавате некој тинејџер што не чита книги, немојте да го навредувате со изреката дека во животот ја прочитал само Зоки Поки. Веројатно и таа ја нема прочитано.
Зоки Поки е една од најубавите книги напишани на македонски јазик, и веројатно првата која ви паѓа на памет кога зборуваме за детска литература. Нема дете што не слушнало за неа и сè до пред еден месец мислев дека не постои дете што не ја прочитало. Впрочем, кога исмеваме некого дека не чита книги, велиме дека во животот ја има прочитано само Зоки Поки.
Пред еден месец ќерка ми Софија седна да ја чита Зоки Поки. Софи има седум години и е второодделенка во ООУ Браќа Миладиновци. Со исклучок на четири месеци минати во Канада во 2021, целото свое образование го има минато во Македонија. Учи да чита на македонски, француски и англиски, и супер ѝ одеше сè додека не зашлајфува кај Зоки Поки.
Кога видов дека не ужива во книгата седнавме и ја прочитавме мојата омилена Зоки Поки приказна насловена „Со што може да се купи сиот свет“. Во неа Зоки Поки ѝ купува на Лидија една бонбона, но за неа тоа е сиот свет, жолт, син, зелен, црвен. Софи се согласи дека приказната е супер, ама рече дека се откажала пред да стигне до неа затоа што воведниот дел бил претежок. Тогаш повторно ја отворив книгата и на втората страна налетав на следниов параграф:
„Затоа, ако сакате да го запознаете Зоки Поки, првин ќе ви препорачаме да ги прочитате приказниве за него, а ако и покрај тоа сакате да го сретнете, ќе морате да појдете од она што сте го дознале за него и да го барате.“
Најпрвин си помислив дека ова е некаков уреднички вовед, но сепак тоа е оригиналниот текст на Оливера Николова, реченица-параграф во која има еден куп сложени јазични конструкции кои бескомпромисно се борат за вниманието на едно седумгодишно дете. Ако детето некако и го прегрми овој параграф, веќе во наредниот го чекаат зборовите итрец, инаетчија и шегаџија, секој со својот антрополошки багаж, а страницата завршува со следново реторичко прашање:
„Зашто, можеби Зоки Поки ќе ви заприлега на некого од вас, па дури можеби и… на вас самите?“
…кое нè доведе до 15-минутно објаснување за разликите помеѓу „зошто“ и „зашто“ и кон резигниран заклучок дека зборот „заприлега“ сепак нема никаква врска со лежење.
И тогаш ми светна! Ова не е Зоки Поки што ја читавме во 80-тите! Нашиот Зоки Поки беше скратена верзија на оригиналната книга, а корицата изгледаше вака:
Во скопските книжари речиси никој не се сеќава на ова издание, кое пропаднало во земја и ѝ отстапило место на книга од сто страници, која според Бирото за развој на образование е задолжителна лектира за второодделенци. Најфрустрирачки е што Бирото (или неговиот пандан од југословенско време) знаело дека Зоки Поки треба да биде прилагодена за почетници, и затоа ја направиле скратената илустрирана верзија. Некаде по пат ова знаење испарило, скратеното издание се распродало, и сега децата се заглавени со книга што ги одвраќа од читање затоа што не е прилагодена на нивната возраст.
Да не ги романтизираме 80-тите, затоа што и тогаш лектирите беа полни со утки. Малиот Принц на Егзипери (уште една легендарна детска книга) ни беше една од најомразените лектири, и ми требаа уште десет години за да сфатам дека книгата била прекрасна, само не била за трето одделение. Проблемот со долгата верзија на Зоки Поки е што ги начекува децата на неспремно. Во прво одделение (по старо забавиште) наставниците не смеат да ги учат децата да читаат, а веќе во второ одделение им тупнуваат книга од сто страници, неполна година откако тие првпат почнале да спојуваат слогови.
Згора на тоа се архаизмите и лекторските интервенции, кои резултираат со фасцинантна временска капсула на литературниот јазик од 1963-та година, но тоа што за мене е фасцинантно, за Софи е фрустрирачко. Ова е посебно забележливо во описните параграфи од Зоки Поки, каде јазикот на раскажувачот едноставно не одговара со јазикот од 2022-ра.
Вакво нешто би било сосема во ред доколку детето имало 3-4 години да се запознае со убавината и богатството на нашиот јазик. Ама ако ова е првата книга што едно дете треба да ја прочита, тогаш се плашам дека ефектот ќе биде сосема спротивен и дека детето ќе го заврши второ одделение со убедување дека македонските книги се неразбирливи.
Затоа ако се прашувате зошто децата сè помалку читаат, помислете дека виновникот е можеби токму некоја книга што се обиделе да ја читаат кога не им било времето. Ако ова се случи со нивната прва лектира, тогаш сте ги сопнале на првата кривина од долгиот маратон што се нарекува описменување. А ако во второ одделение се врати скратената верзија на Зоки Поки, тогаш сум убеден дека првата кривина ќе се претвори во лансирна рампа за многу нови генерации читачи, меѓу нив и мојата Софи.
Дефинитивно голем број од книгите не се адаптирани за младите читатели, затоа и нема многу деца љубители на книги во Македонија.
Страста за читање се раѓа покасно кај македонските читатели , да речеме во средно училиште.
Пред некоја година , сакав да купам книги за моите внуки ( тогаш 12 и 8 години) и освен сликовници ништо не можев да најдам во книжарниците .
А да не речам каква одвратност и отпорност чуствуваа кон задолжителните лектири . Исто како и јас кога бев мала .
Треба да се адаптираат “ класичните” лектири на денешниве деца и да се преведуваат што е можно повеќе книги за деца од странските писатели за да се роди или разбуди љубовта кон читањето од мали нозе .
Среќна дум што моите деца го немаат тој проблем и уживаат во книгите за нивна возраст. Би сакала така да биде за сите деца !
А што ќе кажеш за адаптираната тв серија? Се гледа дека е вложен голем труд да се приближи до денешно време. Некогаш дури и премногу за мој вкус :)