Македонските универзитети на македонската листа
Гостински пост на Александар Шулевски, истражувач на Универзитетот во Лајден
Насловот укажува на насоката во која ќе ја водам мојата реакција кон трудот што ме инспирираше - „Македонските универзитети на Шангајската листа: што направивме досега и што треба да направиме отсега?“ од Гордана Богоева-Гацева и Зоран Хаџи-Велков. Она што моите учители го пишуваат има смисла, и тие се во право. Нема да спорам со броевите, трендовите и изнесената анализа. Ако сакаме Македонија да се појави на Шангајската листа преку (еден од) своите универзитети, секако дека треба да се прифатат предложените методи кои водат до таа цел, најважно - поголемо инвестирање во науката (научен кадар и инфраструктура).
Но, неколку работи кои се забeлежливи помеѓу редови ме тераат да се замислам. Ако се задржиме во соседството на Македонија, како во предметниот труд, може да се запрашаме дали напредокот што сите посочени земји го оствариле се одразил и врз други параметри кои се значајни за благосостојбата на едно општество. На пример, дали во посочените земји се зголемил стандардот на живот, задоволството на граѓаните, дали се намалил „одливот на мозоци“, нееднаквоста итн. во пропорција со зголемувањето на бројот на трудови пресметани по милијарда долари од националното бруто домашно прозводство? Не знам, и за тоа би требало да се направи посебна анализа. Но, ако одговорот е негативен, тогаш се поставува прашањето дали придобивките од доаѓањето на Шангајската листа се пожелни, односно кој е во добивка, а кој во загуба како последица од заземањето на предложениот курс.
Мора да се поздрави фактот што авторите посветуваат еден параграф од трудот (последниот од четвртото поглавје) да посочат дека постојат проблеми со начинот на кој се рангираат универзитетите односно дека не се сите убедени во исправноста на начинот на кој ги мериме достигнувањата на научните работници. За жал, дискусијата по ова прашање не е развиена понатаму, а токму тука се наоѓа клучот на полемиката: која е исправната стратегија за развој на високото образование?
Ова поради тоа што и земји кои се високо развиени и на високи позиции на листите на рангирање на универзитетте се соочуваат со парадокс: сè е во ред со мерењата, институциите блескаат, а сепак вработените се жалат на неверојатен притисок од постојаната потреба да се биде најдобар, прекаријатот на истражувачките позиции, исчашениот модел на финансирање (патем, оној кој се предлага да се воведе во Македонија како пат кон развојот).
Значи, постои потреба да се разговара дали Македонија би пропуштила уште една можност: да не ги направи грешките на развиените земји додека се развива.
Оттаму и насловот, тоест: дали е Македонија во состојба да создаде свој модел и успешно да го примени? Притоа, помало значење би имала некоја Шангајска листа и местото на неа, а далеку поголемо испорачаната корист на сопствените граѓани. Одговорот, чинам, е тесно поврзан со одговорот на друго прашање: колку е Македонија суверена во областите кои се предмет на анализиве, и кој е суверенот во Македонија? Дали е тоа македонскиот народ, во смислата во која се подразбира сувереноста на народот на една држава од таканаречените западни демократии (кон кои постојано се нагласува дека се стреми и Македонија)?
Ова бара една поширока анализа и овие прашања се во доменот на МАНУ и стратегиите кои таа ги изготвува. Секако, рекурзијата продолжува: колку е МАНУ суверена, и понатаму... колку е државата која сака да има универзитети на Шангајската листа држава и дали е поминато времето на студии и стратегии?
„... шчо требит да праиме за однапред?“
Ненад, се согласувам. Но (секогаш има некое но) мислам дека колку што е ситуацијата во Македонија патолошка, каде владее целосно изместена меритократија, толку е и во Европа / запад, каде конкуренцијата станува речиси цел самата за себе, а научните работници се веќе во позиција на прекаријат (со исклучок на највисоките позиции). Се надевам оти е очигледно дека и тоа не е здраво. Прашањето е како да го видиме патот до решението, барем за Македонија.
Па нема смисол Македонија да има различен академски систем од западниот, пошто веќе со децении гравитираме према Европа. Од тој аспект, било какви промени треба да одат во насока на усогласување, а не на измислување на нов систем. Системот е горе долу ист во цел свет. Не се работи само за инвестирање во кадар и инфраструктура, туку за имплементирање на транспарентен меритократен систем кој ќе овозможи најдобрите да испливаат на површина, а останатите ќе ги прати да се занимаваат со нешто друго во кое се добри. Најнормално е кога станува збор за лимитиран број на позиции и средства да има стрес и притисок. Она што не е нормално е да немаш никаков стрес, а да не продуцираш.