С(Ц)ИЕСТА СО ВЛАДИМИР АТАНАСОВСКИ: Мораме да создадеме дополнителна вредност во ИКТ-секторот
Како треба да изгледа паметната стратегија за специјализација на ИКТ-секторот кај нас - фин-тек, м-здравство, е-здравство или нешто друго? +Зум линк за наредната с(ц)иеста за крипто филантропија.
Ако нашите написи ти значат, размисли да донираш преку претплата. Тоа е најдобриот начин да нè поддржиш во ова што го правиме.
Владимир Атанасовски е редовен професор на Институтот за телекомуникации во рамки на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ)/УКИМ, а во моментов ги извршува функциите продекан за финансии и соработка со стопанството на факултетот и управител на Центарот за трансфер на технологии и иновации - ИНОФЕИТ. Има докторирано во областа на безжични хетерогени мрежи, поточно управување со ресурси во когнитивни радиомрежи. Во делот на истражувањето, периодов работи на апликација за 6G технологија за проект во „Хоризонт Европа“.
ИНОФЕИТ – мост меѓу студентите и приватниот сектор
Во 2017 година, кога УКИМ го отвора трговското друштво ИНОФЕИТ, како продекан за финансии, Владимир станува негов управител. Центарот е формиран со идеја да се надмине јазот меѓу образованието и приватниот сектор кај нас, затоа што многу од студентите не знаат што се случува во приватниот сектор, а тој не вложува доволно во факултетите. Целта на ИНОФЕИТ е да врши трансфер на технологии и иновации (ТТТ – technology to transfer) од кадарот на ФЕИТ, со што студентите и приватниот сектор ќе можат да се поврзат преку реални проекти. Така, студентите ќе видат дека можат да работат на интересни проекти и во Македонија, а приватниот сектор ќе добие иновативност.
Појавувањето на ИНОФЕИТ се поклопило со експанзијата на портфолиото на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). „Тука од две страни се најдовме со компаниите. Тие можеа да добијат средства за развој на нов и иновативен производ од ФИТР, а ние можевме да им ги обезбедиме иновациските услуги. За дел од проектите помогнавме и во пишувањето на апликациите, за ние да го изработуваме иновативниот дел. ИНОФЕИТ сака тоа што е во доменот на истражување и развој да остане на факултетот, а тоа што е истражување и иновации да остане во ИНОФЕИТ, со обид да се пренесе технологија кон стопанството“, вели Владимир.
Еден проект на кој има работено ИНОФЕИТ, а кој веројатно сите од Скопје го знаат, е зелената машина за рециклирање пластични шишиња која може да се види во поголемите супермаркети низ градот. „’Пакомак’ од нас побара паметна вендинг-машина, а ние дадовме предлог за целосен систем за прибирање отпад и стимулација за негово користење. Машината сега го фотографира шишето што се става во неа, т.е. собира и складира податоци и на сопственикот му дава можност за анализа на тие податоци“, вели Владимир.
Последните напори на Центарот се во врска со Дигиталниот иновациски хаб, кој физички постои во факултетот, а е насочен кон Internet-of-Things (IoT) решенија. Идејата на овој хаб е да ги поврзе понудата и побарувачката, односно да ја олесни комуникацијата помеѓу приватниот сектор, јавната администрација и граѓанскиот сектор и да ги поттикне да соработуваат со факултетот. Со други зборови, како што вели Владимир: „Сè што правиме е за студентите да видат дека приватниот сектор има потреба од нив, а компаниите да видат дека производи со додадена вредност може да создаваат единствено во соработка со факултетите.“
Стратегија за паметна специјализација на државата
Ден пред да се одржи с(ц)иестата, Владимир одржал работилница на ИНОФЕИТ за изработка на визија за развој на информациско-комуникациските технологии (ИКТ). „Работилницата е дел од процесот за изработка на стратегијата за паметна специјализација на државата во доменот на ИКТ“, вели тој и објаснува дека вакви стратегии веќе имаат земјите од ЕУ и оние од регионот.
„Процесот опфаќа квантитативна анализа, каде што ИКТ се издвои како единствена гранка кај нас со потенцијали и резултати во делот на научни истражувања и развиен приватен сектор. Потоа се правеше квалитативна анализа на најдобрите чинители преку интервјуа со нив за да се види каде тие го гледаат развојот“, вели Владимир и кажува дека во моментов се во дел од процесот наречен „претприемачко откривање“, кој опфаќа три работилници: SWOT анализа, дефинирање на визијата и градење на мерки за иден развој.
„На работилницата работевме на визијата. Таа е фин начин на кажување на работите, кој може и да не значи ништо, но ни беше важно да ги дефинираме приоритетните сегменти во ИКТ за да знаеме каде и како сакаме да се движиме“, вели Владимир.
Тој објаснува дека процесот е под капата на „Joint Research Center - JRC“ на Европската комисија, кој бара секое тврдење да се базира на факти и стратегијата да се заснова на нив: државата треба да докаже дека има и академски знаења, и иновативни компании, дека знае како да се позиционира во глобалниот синџир на вредности, дека има поддршка од целиот сектор за да го прави тоа... „Сето ова го немаме за да станеме нуклеарна сила, на пример, но можеме да градиме стратегија за ИКТ. Секторот кај нас претходно бил посветен исклучиво на „custom software development“, што на некој начин е лон-индустрија. Тука е и засега профитабилниот DevОps (development and operations) поддомен. Во моментов овие работи се одлични, компаниите работат, вработените се задоволни со високите плати, но мораме повеќе да работиме сите на создавање производи со додадена вредност, нешто што ќе нè разликува од другите на пазарот и што ќе спречи еден ден едно индиско предградие лесно да нè замени. Круцијално во тој процес е стимулација на науката и инвестиции во подигнување на степенот на научна извонредност на државата“, смета Владимир.
Фокус на фин-тек, м-здравство и е-здравство
И тука се стигнува до третата фаза, која е всушност градење мерки за иден развој. Според Владимир, мора да се дефинираат т.н. „niche markets“, мали сегменти од пазарот каде што ќе влеземе за да се развиваме во некоја меѓусекторска област. Тоа треба да биде со ИКТ-решенија кои ќе се базираат на подлабока податочна аналитика („data driven“), нешто што не бара големи ресурси, туку креативност од луѓето, нешто што Владимир смета дека го имаме и дека на тој начин можеме да се извоиме на пазарот.
Државата има најголем интерес во стратегијата за паметна специјализација, особено министерствата за економија и за образование и наука. Процесот досега е значително помогнат од надворешни донатори кои, се разбира, имаат и свои цели и приоритети. „Нормално, тие наместо да фрлаат пари за да прават равенки, сакаат равенките да ги претворат во пари“, вели фигуративно Владимир.
Сепак, со градењето на оваа стратегија, наведените наши министерства гледаат можност на неа да ја темелат иновациската стратегија на државата. На прашањето кои се областите на кои Владимир смета дека треба да им се даде приоритет, тој вели: „Според тоа што го гледав во нашите ИТ компании, во делот на custom software development мислам дека имаме добри фин-тек решенија, односно решенија од областа на финансиската технологија, кои регионално, а и локално можат да ни донесат бенефит, имајќи ја предвид развиеноста на банкарскиот сектор. Тука се и решенијата за м-здравство и е-здравство. Со пандемијата почнавме да даваме поголемо значење на здравјето и на добросостојбата, така што и тука можеме да ставиме акцент“. Владимир смета дека сè што се однесува на „dаta driven“ ќе ни овозможи многу иновации во различни сектори.
Како заклучок, на крај, Владимир вели дека ние во Македонија зборуваме за трансфер на технологии, но дека не сакаме да зборуваме за концептот на развој на самата технологија, за тоа дека за да дојдеш до неа треба да се инвестира во базични научни истражувања, опрема и луѓе: „Во развојот на нови производи и технологии не постои магична формула да се прескокне одреден чекор. Нам ни недостига вложување во фундаментална наука и подигнување на степенот на научна извонредност. Тоа е предуслов да зборуваме за развој и иновации понатаму. Затоа во мерките за градење на идните политики силно ќе се залагам за тоа дека за да постигнеме ниво на извонредност во ИКТ-секторот, мораме не само да го спречиме одлевањето на мозоците од земјата, туку и да ги вратиме оние кои се надевам дека не си заминале за навек“.
P.S. Нашата следна с(ц)иеста е во среда (6 април) во 8 по македонското. Темата е крипто филантропија, а гостинот е Енди Перкинс (Andy Perkins). Енди има диплома и магистериум од електро факултетот на Стенфорд, MBA од „Јејл“ и 15-годишно работно искуство во областа на филантропијата. Започнувајќи во 2017, неговите контакти со донатори и фондации го водат кон пазарот на криптовалути. Енди има темелни познавања за биткоин и голем интерес за улогата што биткоинот ќе ја игра во иднината, со акцент на човекови права, развој, енергија и животна средина. Разговорот ќе биде на англиски. Подолу е директен Зум-линк за поддржувачите на КАНТАРОТ: