С(Ц)ИЕСТА СО ЗЛАТКО ВАСИЛКОСКИ: Мултиверзум за љубопитни почетници
Пред две недели ја имавме првата с(ц)иеста за книга. Книгата е „Мултиверзум за почетници“, а гостин ни беше нејзиниот автор Златко Василкоски, професор на Универзитетот „Бостон“.
Ако нашите написи ти значат, размисли да донираш преку претплата. Тоа е најдобриот начин да нè поддржиш во ова што го правиме.
Златко Василкоски е горд велешанец кој околу три децении е надвор од Македонија. Студирал математика и физика на ПМФ во Скопје во 80-те години на минатиот век. Неговото понатамошно усовршување во физиката траело подолго од неговото образование од прво одделение до завршување факултет и го вклучува магистрирањето и докторатот на Универзитетот „Тафтс“ во Масачусетс (компјутерски пресметки поврзани со свиткување на протеини, за кои неговиот ментор и автор на предговорот во неговата книга, Мартин Карплус, ја добил Нобеловата награда во 2013 година).
По десетина години поминати на постдокторски студии на МИТ, Харвард и Нортистерн, се вработува во приватниот сектор. Неговото универзитетско професорско искуство опфаќа предавање на повеќе престижни универзитети, како „Тафтс“, МИТ, „Сафолк“ и „Бентли“. Денес живее и работи во Бостон, каде што ја води групата за вештачка интелигенција во компанијата EBSCO Industries, Inc., а на Универзитетот „Бостон“ предава анализа на податоци со вештачка интелигенција.
Пред две недели Златко гостуваше на првата с(ц)иеста поврзана со книга, односно со неговата книга „Мултиверзум за почетници“.
Тој е теоретски физичар, како и неговата сопруга, која исто така докторирала на Универзитетот „Тафтс“. Нивниот интерес за космологијата, а особено за постоењето на други универзуми освен нашиот е поврзан со нивниот професор Александар Виленкин, кој бил првиот космолог кој во 1990-тите на научна основа ја вовел во науката идејата за постоење на други универзуми покрај нашиот.
„Сите ние сме заинтересирани за фундаменталните прашања не само во физиката туку и во целата наука. Фактите кои можеме да ги прочитаме на интернет сами по себе не значат ништо доколку не се формира правилен начин на размислување и нивно толкување“, вели Златко кој книгата ја напишал со цел на македонскиот читател да му даде прегледен научен одговор на најголемите неодговорени мистерии во науката денес.
Односно, на прашања како што се:
· Како настанал нашиот универзум? Дали постојат и други универзуми? Како започнал животот на земјата?
· Како се развило човековото знаење и како тоа прераснало во нашата наука?
· Дали математиката како и физиката ja откриваме (таа веќе постои и немаме избор за тоа што ќе најдеме) или пак ја измислуваме (таа претходно не постоела) како сонетот - поезија од 14 реда за првпат измислен од Сицилијанецот Џакомо да Лентини во 13 век.
· Што е времето и зошто тоа постои? Нашите сетила ни кажуваат дека реалноста живее во моментот „сега“. Нашата меморија ни кажува дека времето тече од фиксното минато кон неопределената иднина. Интересна е неодамнешната идеја на Карло Ровели за интимната врска помеѓу времето и топлината.
· Конечно, дали човечкиот мозок е способен да ја разбере во целост комплексноста на нашиот универзум? Каков е, пак, случајот со разбирањето на другите универзуми?
Вечното размислување за вечните теми
Физиката како област отсекогаш била малку платена. Како што вели Златко, дури и Галилеј на врвот на својата кариера добивал плата два-три пати помала од онаа на лекарите во негово време. Дури и 400 години подоцна, во денешно време, ниските плати на физичарите сè уште служат за потсмев, како на пример во телевизиската серија „Теоријата на Големата експлозија“. Според легендата, единствениот физичар што се изборил за пристојна плата е најпроминентниот жив американски физичар и добитник на Нобеловата награда во 1979, Стивен Вајнберг. Тој во 1982 година, за да премине од „Харвард“ на Универзитетот во Тексас побарал неговата плата секогаш да ја надминува онаа на тренерот на фудбалскиот тим, кој е еден од најдобрите тимови во САД. Поразителен е фактот дека денес годишната плата на тој фудбалскиот тренер е над 5 милиони долари, додека платата на Вајнберг е 10 пати помала.
„Така што, можете да си замислите како стојат работите со теориската физика, чие усовршување зема неколку децении и финансиските трошоци за сето тоа треба да се отплаќаат уште подолго. Тоа значи дека, реално, малкумина успеваат да останат да работат во таа област“, вели Златко.
Иако повеќето теориски работи се базираат на идеи и доаѓаат со размислување, во теориската физика интересна е зависноста меѓу идеите и технологијата. Цитирајќи го теорискиот физичар Ли Смолин, Златко вели дека има некои големи теориски откритија, како на пример теоријата на релативноста, до кои луѓето можеле да стигнат многу порано во историјата. На пример, немало пречка таа идеја да му паднела на ум и на Аристотел, 19 века пред Галилео да се досети за тоа. За други теориски заклучоци, пак, кои се попрактични и се поврзани, на пример, со астрономијата, технологијата игра голема улога, затоа што тие зависат од телескопи и други технолошки орудија за набљудување во вселената.
„Нашиот универзум содржи многу простор и има многу малку состојки како што се материјата и енергијата, чија интеракција е регулирана од многу малку физички закони“, вели Златко и дообјаснува: „Како што гледаме денес, зема извесно време за комплексноста во нашиот универзумот (како животот) да се појави, но останува уште многу, многу повеќе време за да се види какви сè не многу нови работи ќе се појавуваат и ќе се случат во овој наш универзум. Нашата иднина се протега пред нас многу подалеку отколку минатото зад нас.“
П.С.: Сите што сакате да го запознаете Златко, тој доаѓа во Македонија деновиве и на 7 мај (сабота) во 18:00 часот ќе биде на Саемот на книгата, каде што на штандот на издавачката куќа „Арс ламина“ ќе има промоција на неговата книга.