ОД С(Ц)ИЕСТАТА СО ЗОРАН ШУНИЌ: Рангирањето универзитети е мешање баби и жаби
Рангирањето е нешто со кое сме опкружени во секој сегмент од нашето живеење: рангираме спортисти, политичари, работодавци и кандидати за работа, универзитети и студенти, па и бурек!
Ако нашите написи ти значат, размисли да донираш преку претплата. Тоа е најдобриот начин да нè поддржиш во ова што го правиме.
Зоран Шуниќ е научник од Скопје, кој завршил Математика на Природно-математичкиот факултет на УКИМ. Зоран веќе 26 години е во Америка и по менување на неколку универзитети, денес е професор по математика на Универзитетот Хофстра во Њујорк.
На С(ц)иестата што се одржа минатата среда, во организација на Фондацијата Кантарот, Зоран зборуваше за рангирањето. A тоа е нешто со кое сме опкружени во секој сегмент од нашето живеење: рангираме спортисти, музички хитови, политичари, работодавци и кандидати за работа, универзитети и студенти, па и буреци, што би рекол Зоран.
Дискусијата беше еден поширок разговор за рангирањето како обид за спојување на повеќе ранг-листи кои се подредени според поединечни критериуми во една збирна ранг-листа што верно ќе ја претставува заедничката оценка произлезена од тие критериуми.
Проблематично тука е што секогаш може да се постави прашањето чија волја се изразува со едно рангирање, затоа што сепак некој треба да ги спои критериумите на некаков начин. Како што вели Зоран: „Математички гледано, проблемот на рангирањето не е толку тежок ако ја имате целта – што сакате да оптимизирате. Меѓутоа, не постои процедура која сите можни логични цели ќе ги задоволи во исто време. Мора да се одбере едно нешто што е важно и да се оптимизира само според тој критериум“.
Проблемот со рангирањето на универзитетите
Но, какви проблеми носи ова во пракса? На пример, кога станува збор за рангирањето на универзитетите. Ранг-листите на универзитетите имаат многу голема моќ. И во светски и во локални рамки, тие диктираат како ги перципираме странските и нашите универзитети. А, сепак, нивните процедури за рангирање најчесто остануваат во сенка поради нивната комплицираност и со тоа резултатите добиваат независен живот, иако сами по себе честопати не кажуваат многу.
Кога станува збор за рангирањето на универзитетите, Зоран смета дека е супер што реномираните ранг-листи собираат разно-разни податоци, ама тој би сакал тие податоци да ни бидат достапни целосно, како raw data, а не само како едно крајно бројче кое најчесто ништо не значи. „Цел живот на децата им велиме не мешајте баби и жаби, а во рангирањата нон-стоп го правиме тоа. Овие рангирања на универзитетите се токму тоа: 20% од импакт фактор, 15% од меѓународна соработка, 3 од карти, 5% од К-15 и јавете се во студиото, имаме победник, рангирани сме! За мене тоа е бесмислица“, истакнува тој и додава дека ова се однесува и на рангирањето на учениците: „Исто како кога ќе го видите просекот на едно дете. Со тоа, вие ништо не знаете за него. Но, ако ги видите поединечните оценки по предметите ќе видите кои предмети му одат, на кои полиња е послабо, каде лежи неговиот талент и ќе почнете да го разбирате.“
Дополнителни проблеми со рангирањата
Изминатиот период, во јавноста имаше реакции и голема дискусија околу рангирањето на УКИМ на Вебометрикс. Се појавија вести дека УКИМ паднал уште сто места на ранг-листата, а во суштина, според објаснувањата на некои научници, станува збор за осцилација што е нормална при таквите рангирања, која се должи на фактори од типот на менување на методологијата за рангирање или нешто слично.
Зоран вели дека и покрај обидите да дознае што точно мери рангирањето на Вебометрикс, и понатаму не му е јасно. Од тоа што го гледал, 50% од рангирањето зависи од бројот на линкови кон дадената институција на интернет – што не е јасно што значи; 10% од рангирањето зависи од профилите на вработените на Google Scholar – а тоа е пак симптоматично, затоа што кој има – кој нема профил, кој го одржува – кој не го одржува...
Како што лекарот нема да има поим што ни е ако му однесеме една бројка која е сума на бели крвни зрнца + притисок + пулс, така и нам рангирањата на универзитетите не ни кажуваат ништо.
„Друго што ми е интересно во врска со Вебометрикс е што тие тврдат дека имаат 30.000 институции што ги рангирале и дека УКИМ еве пред некоја година бил на 1.493-то место. Јас не знам како може некој воопшто да каже дека некој е на 1.493-то место од 30.000 субјекти?! Која е таа астрономска прецизност која дава дека 1.492 институции се подобри од оваа која е 1.493-та?! Статистичките грешки и, уште повеќе, грешките на заокружување веќе се поголеми од тие разлики меѓу 1492-то и 1493-то место“, зачудено вели Зоран. Тој смета дека Шангајската листа, листите на US News и Times Higher Education се посериозни, затоа што рангираат до стото место, потоа од 100-то до 200-то место ги ставаат во иста група, па од 200-то до 300-то, па потоа од 500-то до 1.000-то место и така нагоре прават сè поголеми и поголеми групи, при што не се забележуваат ваквите осцилации и со тоа не се остава простор за кревање врева околу нешта што се тотално бесмислени.
Рангирањето е несовршено, но понекогаш ни е неопходно
Меѓутоа, тука се наметнува очигледното прашање: доколку рангирањата не се добри и сакаме отворени целосни податоци, како можеме да се справиме со субјективниот поглед при читањето на тие податоци во случаи кога треба да се донесе одлука за тоа која политика е најдобра, кој политичар, кое решение...
Зоран на ова одговара дека секогаш кога нема потреба да се составуваат категориите во една, за да се добие една бројка (како во случајот со универзитетите), тоа едноставно не треба да се прави. Исто како што на лекарот не му носиме лабораториски резултати сведени на една бројка која е сума на бели крвни зрнца + притисок + пулс. Знаеме дека така лекарот нема да дознае ништо за нас и дека е потребно да ги погледне одделно сите овие бројки. Слично е и со рангирањето на универзитетите, смета Зоран, меѓутоа вели дека за други работи, кога треба да се рангира за да се донесе одлука што е најдобро во одреден случај – тоа едноставно мора да се направи.
„Рангирањето е тешка и невозможна задача, но знаеме дека понекогаш мора да се прави“, вели тој и додава: „Она што ни останува при секое вакво неминовно несовршено рангирање е да дискутираме, да расправаме што е важно во моментот, која е оптимизациската функција што сакаме да ја постигнеме и така да стигнеме до договор како ќе рангираме. Нема магична формула за рангирањето, како што нема ни за демократијата – за двете е потребен голем напор. Нема идеална процедура, но има корисни процедури кои во голем број случаи ќе бидат во ред, но во одредено време ќе видите недоследности и морате да знаете дека ќе ги има и дека морате да ги прифатите. Или да ја смените процедурата. Да, така е. И ние луѓето сме несовршени, па нормално е и нашите процедури да се такви“.