С(Ц)ИЕСТА СО ЈАДРАНКА СТОЈАНОВСКА: Со магнетната резонанца сакаме да го видиме невидливото
„Мојата животна цел отсекогаш била да му се помогне на човекот, без разлика дали е пациент, студент, научник.“
Ако нашите написи ти значат, размисли да донираш преку претплата. Тоа е најдобриот начин да нè поддржиш во ова што го правиме.
„Човекот се одликува со лепеза супериорни можности и ако се искористат правилно, тие придонесуваат за еволуција и развој на човештвото. Мојата животна цел отсекогаш била да му се помогне на човекот, без разлика дали е пациент, студент, научник“, вели д-р Јадранка Стојановска, последната гостинка на С(ц)иеста од минатата среда. Таа има завршено Медицински факултет во Македонија, каде почнува специјализација по радиологија и за кратко време сфаќа дека го достигнува максимумот на тоа што може да го научи на Универзитетската клиника во Скопје.
КОВИД овозможи светот да се спои
И покрај тоа што многу ја сака Македонија, желбата за кариерен развој победува и таа заминува на постдокторски на Универзитетот во Мичиген во областа на магнетна резонанца и мозочни тумори, во времетраење од една и пол година, па потоа се обучува во клиничка радиологија и останува таму цели 16 години. Денес е кардиоторакален радиолог и работи како професорка на NYU Grossman School of Medicine.
„Многу ја сакам тројната мисија на работата во академска медицинска институција: едукација, клиничка работа и истражување. И, нормално, учеството во здруженија како четврта компонента за здрава основа на четири столба“, вели Јадранка и објаснува дека истражувањето не сака да ѝ зазема повеќе од 40% од нејзиното време за да може барем три дена да работи на клиника и да има време да обучува специјализанти по радиологија, супспенцијализанти по кардиоторакална радиологија и студенти по медицина.
МР и КОВИД
Како медицинско лице, почетокот на кризата со коронавирусот Јадранка ја затекнал во Мичиген. Вели дека и покрај хаосот, целосното непознавање на вирусот и на болеста, убаво ѝ било тоа што КОВИД овозможил светот да се спои. Со лекари од Австралија, Америка, Италија и В. Британија биле во постојан контакт, правеле состаноци секоја недела и споделувале позитивни искуства за да си помогнат едни со други.
Сега кога човештвото ја има вакцината и постои некаква заштита, таа се занимава со магнетна резонанца (МР) на срце, што вклучува пациенти со симптоми на миокардитис и миокарден инфаркт. Прават МР на срцето на спортисти на колеџ. Ги следат младите спортисти пред да се вратат на своите спортски активности по прележан КОВИД за да се избегнат случаи на нагла смрт, поради тоа што нивните физички активности се навистина тешки. За да се вратат на тренинг, потребен им е негативен магнетен тест. „Магнетот, односно постконтрастната секвенца, кога гледаме дали има акумулација на контраст во миокардот што укажува на воспаление, во голема мера е негативен кај младите. Меѓутоа, некогаш воспалението не може да се види таму, па се користи parametric mapping, Т1 и ECV мапирање. На тој начин, магнетот со бројки ни кажува дека се случува нешто што не го гледаме“, вели Јадранка. Таа кажува дека процентот на луѓе што добиваат миокардитис од КОВИД е мал, околу 11 случаи на 100.000 луѓе, меѓутоа и дека се јавува во минорна стапка од 3 случаи на 100.000 луѓе кај младите здрави мажи вакцинирани со Фајзер или Модерна според новата студија излезена во „New England Journal of Medicine“.
Сепак, Јадранка истакнува дека постои истражување кое покажува дека иако има шанси вакцинираниот да добие миокардитис, станува збор за многу блага форма на воспаление што бргу се повлекува и не остава трајни последици, за разлика од миокардитисот што се јавува кај заболени од КОВИД. Ако станува збор за луѓе кои и пред тоа имале проблеми со срцето, може да настанат проблеми за кои е потребен пејсмејкер или вештачка направа, па дури и трансплантација на срце.
Да се види невидливото
Она што отсекогаш ја интересирало Јадранка е персонализираното отсликување со МР, односно не само да се постави дијагнозата, туку да се предвиди, да се направи прогноза и да се следи ефикасноста на терапијата. Нејзиното истражување во областа на магнетната резонанца на срце е со цел да се открие како дебелината (обезноста) влијае врз работата на срцето кај пациенти кај коишто ултразвукот на срце е нормален. Всушност, тоа се пациенти кои се во некоја фаза на ослабување на срцевата работа, иако тоа е сè уште само суптилно и не е јасно видливо.
На прашањето како се справуваат со особено дебели луѓе кои не можат да влезат во скенерот за МР, Јадранка на зачудување на сите истакна дека бек-ап варијанта им е да ги пратат на магнет... во зоолошка!
За истражувања во областа на МР во Македонија потребни се едуцирани интердисциплинарни тимови.
Да ѝ се помогне на македонската наука
Пред да донесе одлука дали да замине од Македонија, Јадранка побарала совет од професорот Бато Груневски. Тој ѝ рекол да оди, затоа што знае дека таа ќе ѝ врати на Македонија и дека земјата ќе има поголема корист од неа ако замине. Така, цело време додека е во Америка, Јадранка работела на поврзување на луѓе од кај нас со нејзиниот универзитет. Во 2009 година се остварила соработка на нашето Министерство за здравство и УКИМ со Универзитетот во Мичиген, во рамки на која речиси секоја година по двајца студенти по медицина правеле ротации на два-три месеци. И многу лекари оттука отишле таму на едукација од еден или два месеци. Во болницата во „Мичиген медисин“ престојувале околу 50 македонски лекари.
Исто така, таа одржала и три работилници во Македонија, а како што вели, секогаш е тука за нејзините колеги кога им треба второ мислење во областа.
Колку и да сака да види истражувања од областа на МР во Македонија, Јадранка вели дека во земјава недостасува инфраструктура која се состои не само од машините, туку и од едуцирани луѓе: „Тоа е една интердисциплинарна наука за којашто се потребни инженери или физичари, клиничари и радиолози – за срце, за мозок..., па математичари, компјутерџии кои можат да го направат софтверот за постпроцесирање што е особено важен, а кој моментално го нема во Македонија.“
Напорите на Јадранка во моментов се фокусирани на тоа да ѝ помогне на македонската наука. Како што откри на С(ц)иестата, заедно со уште неколку научници родум од Македонија, работат на нова форма за унапредување на соработката на УКИМ со научниците што излегле од нашиот најголем универзитет и се распрснале низ светот. Новоста треба да биде објавена на 10 ноември, на Светскиот ден на науката.