С(Ц)ИЕСТА СО ВАЛЕНТИНА ГЕЧЕВСКА: Сакаме УКИМ да фати чекор со светската наука
Проректорката за наука на УКИМ работи на инструмент за меѓународна соработка на универзитетот со научниците надвор од Македонија, кој наскоро ќе биде официјализиран.
Ако нашите написи ти значат, размисли да станеш платен претплатник. Тоа е најдобриот начин да нè поддржиш во ова што го правиме.
Валентина Гечевска гимназија завршила во Корчагин, а потоа Машински факултет во Скопје. Истражувачкиот дух го имала во гените од мала и тој бил препознаен за време на нејзините студии, кога почнала да добива екстра задачи и проекти со цел да остане во академската средина. За магистерската теза во 1993 година развила експертски систем за моделирање на цилиндрични машински делови и проектирање процеси на нивна обработка, програмиран во Borland C++, со програмерски код од 1.000 страници, кој и денес се чува во библиотеката на факултетот.
Денес ретко пишува код, но затоа ја интересираат постратегиски работи. Во моментов е проректорка за наука на УКИМ и во својот мандат си има зацртано да го подигне нивото на науката на универзитетот, најмногу со помош на интернационализацијата.
Интернационализација и вмрежување
Во времето кога Валентина завршила со студиите, единствена можност да замине во странство ѝ била како инженер, па затоа поканата да остане во академската заедница на Машинскиот факултет ѝ се видела поинтересна. Сепак, во сите понатамошни чекори, интернационализацијата си вмешувала прсти. Во 90-те била на престој во Америка, за развој на вештини за предметите што требало да ги предава, коментор ѝ бил професор од Марибор, а на постдокторски отишла на Политехничкиот факултет во Торино. Денес е визитинг-професор на Универзитетот во Марибор, а постојана соработка како надворешен експерт има и со Универзитетот во Торино. „Во сите овие чекори постојано правев контакти со луѓе од странство, си ги отворав патиштата и соработував, сакав да ги верифицирам и валоризирам работите што ги правам со околината, со средината, со светот“, вели Валентина.
Се борам за правење на интердисциплинарни тимови на УКИМ. Интернационализацијата и вмрежувањето се многу важни.
Заложбите за интернационализација, првите проекти од ЕУ, формирањето центар за истражување во рамки на факултетот и соработката со стопанството – сето тоа нејзините колеги го препознаваат и во 2004 година станува продеканка за наука и меѓународна соработка на Машинскиот факултет. Кога доаѓа на позицијата, на факултетот затекнува само три проекти, а по 4 години бројката скокнува на 40, со што се зголемува бројот на ангажираните млади луѓе во научно-истражувачката дејност. Таа заложба да им отвора врата на младите не ја напушта до денес: „И од оваа позиција се борам за правење на интердисциплинарни тимови на универзитетот. Интернационализацијата и вмрежувањето се многу важни, меѓутоа нема равенка, нема модел и никој никому нема да му сервира нешто – сите треба да се бориме и да работиме“, истакнува таа.
Проректорска визија за УКИМ
Денес, нејзината истрајност во борбата е фокусирана на УКИМ, нашиот образовен гигант кој ги покрива сите научно-истражувачки подрачја, има 23 факултети, 5 институти, 7 придружни членки и околу 3.000 вработени, од кои околу 2.000 се академски научно-истражувачки кадар. Несомнено, УКИМ има многу направено, меѓутоа од времето е останато сите негови единици да функционираат одделно – факултетите се како поединечни фирми, а интегрираноста како да е вештачки наметната. Валентина објаснува дека со останатите проректори ентузијастички се обидуваат да направат нешто за да ги придвижат работите на универзитетот: „Во државава највисокоцитираните луѓе се од УКИМ и тоа се луѓе кои носат силни проекти. Направени се огромни лаборатории, етаблирани врз база на ентузијазмот на одредени научници. Целата таа маса дава една огромна енергија, меѓутоа повремено знае да западне во летаргија.“
Жално е што повеќето српски универзитети го надминуваат УКИМ во индикаторите за најважните ранг-листи на универзитети во светот.
Таа летаргија, меѓу другото, се должи и на тоа што науката не е препознаена во рамки на државните институции, а финансиите од државата за науката, за научно-истражувачките проекти се на исклучително ниско ниво. „Поддршка на проекти и пристап до научно-истражувачка литература – тоа се работите кои во светот се најнормален алат, а кај нас: научна фантастика“, вели Валентина, која истакнува дека во својот мандат како проректорка се бори универзитетот да добие пристап до електронски бази на научна литература, за да можат научниците да бидат во тек со најновите истражувања во нивните области на истражување.
Понатаму, поле на работа е и визибилноста на универзитетот и пристапот до научните резултати, односно објавувањето во референтни публикации. Валентина вели дека е жално што повеќето српски универзитети го надминуваат УКИМ во индикаторите (KPI) кои ги следат за најважните ранг-листи на универзитети во светот. „Нашите научници треба да се мотивираат што повеќе да објавуваат, но за да се дојде до тоа, тие треба да имаат услови, инфраструктура за да реализираат истражување и капацитет за да работат, да изготват трудови и да ги објавуваат кога ќе ги поминат рецензиите“, смета таа. Иако кај нас во Законот е внесена само Шангајската листа, проректорите направиле анализа и на другите валидни ранг-листи и склопиле микс од инструменти и алатки кои ги споделиле помеѓу научната заедница преку продеканите за наука и меѓународна соработка и биле сведоци на прифаќање и позитивен фидбек.
С(ц)иеста во функција на УКИМ
С(ц)иеста заедницата, која Валентина галовно ја нарече „дружина на наши луѓе“, има многу млади и веќе етаблирани научници по потекло од земјава, кои се добро позиционирани на различни престижни институции во светот. За време на дискусијата, Валентина, заедно со проректорот за меѓународна соработка Ордан Чукалиев, кој исто така беше присутен, се обратија до присутните, а и до останатите кои ќе ги читаат отпосле овие редови, со покана за соработка.
Како што кажаа проректорите, тие веруваат дека сите што дел од образованието стекнале во Македонија или на УКИМ, имаат исконска потреба да ја одржат врската со својата држава. За таа цел тие прават инструмент за соработка кој сè уште не можат во целост да го откријат додека не се официјализира, но во меѓувреме ги истакнуваат останатите странични активности во кои можат да се вклучат научниците родум од Македонија за да му помогнат на УКИМ:
Организација на алумни – она што досега постоеше само на хартија, време е вистински и заеднички да се заживее.
Секој научник надвор од Македонија може да започне соработка со млад научник од подмладокот на УКИМ. Тоа е win-win ситуација во која едниот научник ќе го тргне својот пат кон светот и светската наука, а другиот во својот истражувачки тим ќе добие млад талентиран истражувач какви што ги има многу во Македонија.
Научниците во странство можат да вклучат асистенти од УКИМ во своите истражувачки активности, што ќе им овозможи побрзо да го фатат чекорот со светската наука. Исто така, можат да ги поканат и да ги вклучат во проектите со кои аплицираат, како и да го користат УКИМ како афилијација.
Научниците од С(ц)иеста имаат покана да направат предавања во кои на младите македонски научници ќе им го претстават тоа што го работат: преку мотивациски говори за тоа што значи тоа што го правиш да го правиш максимално квалитетно и добро или, едноставно, да споделат вештини во однос на дизајнирање на истражување и методолошка подготвеност.
Најавениот инструмент за соработка се планира да се објави на денот на науката (10 ноември). Дотогаш Валентина порачува дека секој придонес кон УКИМ и кон македонската наука е добредојден, посакуван и потребен: „Знајте дека за оваа држава ќе значи многу да успеете да допрете и до само еден човек“.
Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа и: Ордан Чукалиев, Даниел Трпевски, Панче Наумов, Гоце Андреевски, Дејан Порјазовски, Спасе Петкоски, Никола Златанов, Марина Матеска, Кирил Гаштеовски, Андреј Ристески, Елена Ставревска, Илина Јакимовска, Илија Дуковски и Никола Златанов.