НА КАНТАР СО РОЗИТА ДИМОВА: Ех да имам ко што немам
(антрополошко видување на кризата со КОВИД-19)
Најпрвин во најголемите колички во маркетите полневме брашно, зејтин, грав, леќа, шпагети, прашок за перење... Додека намирниците останаа да фаќаат прашина по дома, сфативме дека душичката ни плаче за манго, протеинско јогуртче и чипс, па почнавме да си ги купуваме сите луксусчиња по кои копнеевме во оној период кога пред супермаркетите почнаа да се прават редови како да нема утре (за пазарување). Бидејќи не можевме парите да ги трошиме по кафеани и кафулиња, веднаш ги пренаменивме за алое вера кое читавме дека го зајакнува имунитетот за можната борба со коронавирусот, за сапуни специјално создадени да не ни ја сушат кожата ни по стотото миење на рацете во денот и за понекој украс за по дома. А во суштина, едвај чекавме да се отворат трговските центри за да можеме да си купиме нов пар чевли кои може и никогаш немаше да ги облечеме, но барем ќе се почувствувавме сигурни дека работите се враќаат во нормала.
Вака некако би можело да изгледа лична размисла внесена во дневникот на било кој од нас во некоја поблиска или подалечна иднина. Kога ќе се свртиме наназад и ќе погледнеме на ова време сега, кога луѓето се соочени со една целосно непозната кризна реалност, неизбежно е дека овие времиња се вистинска инспирација за анализа за оние кои се занимаваат со анализа на секојдневното живеење.
Една од нив е Розита Димова, професорка по антропологија на Универзитетот во Гент, во Белгија, која беше гостинка на научната средба што се одржа во средата на Зум. Во продолжение се нејзините размислувања за местото на антропологијата денес и за антрополошките аспекти на кризата со КОВИД-19 кои беа изнесени за време на дискусијата.
култура со мало „к“ и социјалитет
Кога зборувам за културата, јас не зборувам за онаа Култура со големо „К“, сфатена како култура на високо ниво, туку за културата со мало „к“ – културата како начин на секојдневно живеење. Антропологијата како наука до 70-те години ги анализираше „малите“ примитивни, егзотични и далечни групи луѓе (толку практично нарекувани култури) во Африка, Папуа Нова Гвинеја, Јужна Америка...
При крајот на 70-те и почетокот на 80-те со феминистичката револуција и концептот на ориентализмот на Едвард Саид, тој пристап на создавање на Другиот како нешто објективизирано и фетишизирано избледува и на сцена настапува критична антропологија која поаѓа од тоа дека не постои затворена култура и дека културата не е предмет за да се анализира, туку дека станува збор за еден процес во кој антропологот активно учествува. Постмодерната антропологија се обидува да анализира земајќи ги предвид контекстот, улогата на антропологот, релациите на моќ, хиерархијата, политиката на локацијата, а се воведува и концептот на политизација, затоа што деполитизацијата е обезличувачка. Треба да му се даде глас на другиот и истовремено да се биде свесен за тоа какви сè нееднаквости постојат земајќи ги предвид изворите на моќта.
Концептот на моќ е многу важен и затоа јас во мојата работа се обидувам да се дистанцирам од концептот на култура кој е многу подеполитизиран и го преферирам концептот на „sociality“, за кој најблизок превод би бил социјалитет. Тој е селекција од повеќе пристапи, и во суштина може да се каже дека е состојба на социјално коприсуство на еден ист простор од повеќе луѓе, со цел создавање нови социјални релации.
Крај на муабетите за крај на консумеризмот
Интересот за материјалната култура, за сето она што може да се види и да се спореди, ме држи од студентските денови, преку докторатот па сè до денес, во овој период на криза. Ме фасцинира консумеризмот што се случува во екот на пандемијата. Сега не ни паѓа на памет да купуваме некои работи што претходно сме ги купувале, но затоа со задоволство ќе дадеме пари онлајн да нарачаме алое вера за зајакнување на имунолошкиот систем или сапун што не ја суши кожата на рацете.
Шопинг-треска за време на корона (Извор: La Presse)
Материјалното и шопингот се толку суштествени за начинот на којшто живееме, што консумеризмот може да доживее само видоизменување, но не и крај.
Ленин се обидел да ги дефинира човековите потреби за простор и рекол дека на секој човек му треба само 6 м2, што било основа за комуналките во Советскиот Сојуз. Но припадниците на Будимпештанската школа со право критикуваат и велат дека човековите потреби не можат да се дефинираат и дека тоа е најголемото потфрлување на социјализмот што доведе и до негово уништување. Или, како што вели Жан Бодријар: потрошувачката е практика што никогаш не завршува, таа е постојана циркулација, една постојана активна манипулација на знаците (semiotic manipulation) – на рекламите и адвертајзингот. Потребите, желбите, копнежите не постојат априори па да се задоволат, туку се создаваат во тој процес на (ре)продуцирани знаци.
Консумеризам, анксиозност и фантазија
Психоаналитичарот Жак Лакан, надградувајќи се на Фројд, зборува за симбиозата што личноста ја има пред да влезе во јазикот, а која потсвесно останува и се претвора во празнина што цел живот човекот се обидува да ја надополни преку разни пороци – прекумерно купување, пиење, јадење... Таа репетитивност во суштина е обид за пополнување на неисполнета празнина и е поврзана со анксиозноста, која според Лакан е поврзана со нашето влегување во јазикот, во симболичкиот домен, кога сфаќаме дека фактички ние не сме ние, туку сме растргнати меѓу општествените правила.
И, според Лакан, двигателот на потрошувачката е фантазијата. Ти мораш да имаш желба, копнеж, да размислуваш сакам ова, сакам она, нешто што е целосно нематеријална практика, меѓутоа завршува со (купување на) нешто многу конкретно. А тоа е маѓепсан круг. Материјалното и социјалното не се одвоени, туку заедно се произведуваат едно со друго и се преклопуваат.
Ех да имам ко што немам
Една од моите омилени книги е „Прилично модерни: убавината, сексот и пластичните операции во Бразил“, чиј почеток гласи: „Само интелектуалците ја сакаат бедата, сиромашните го преферираат луксузот“.
Во сета наша критика на консумеризмот и потрошувачката, тоа го правиме од една привилегирана интелектуална позиција. Кога зборувате со луѓе што немаат, сите преферираат да ги имаат работите што ги немаат, како што вели и стихот на Влатко Стефановски во „Gipsy Magic“: „Ех да имам, ко што немам“. Немаштијата или неприсуството на материјални работи создава огромна желба, и копнеж, и фантазија... што можеме да го видиме и во денешнава криза со КОВИД-19.
Дејвид Харви го има формулирано поимот компресија на време-просторот. Во суштина, времето и просторот се многу важни регистри за врамување на реалноста, а тие се многу нестабилни и постојано се менуваат. Ленин, кој исто така бил заинтригиран од просторот и времето, рекол дека понекогаш за неколку недели се случува нешто што не би се случило за долг временски период, за декади. Оваа негова опсервација (мисла) е особено релевантна за сегашниов момент на живеење во време на коронавирусот.
Можам ова да го илустрирам со личен пример. Прво, за просторната компонента: заглавена сум во еден мал стан од 35 м2, каде што не сум научена да функционирам на подолг рок и едноставно ми делува како еден вид затвор во кој и балконот ми го имаат окупирано ластовички. Физички се чувствувам ограничено како што не сум се осетила којзнае од кога. Временската компонента: времето ми тече толку бавно, имам време да размислам за многу работи, да формулирам многу нови теми, да експериментирам и да пишувам. Едноставно, начинот на кој се компресирани времето и просторот во овој период е многу интересен и е поинаков од она што го имавме сите ние претходно.
За крај, би сакала да истакнам уште две работи што многу ме интригираат во овој период:
Терминот „социјалитет“ (sociality) е покомплексен од култура и освен што ја зема предвид политичката димензија, исто така се обидува да излезе од антропоцентричната анализа на реалноста во која центар на сè е само човекот. Социјалитетот ја признава улогата на нечовечките фактори (животни, вода, кал). Во оваа насока особено е интересна улогата на животните во јавните простори. Во Скопје ги слушаме уличните кучиња за време на полицискиот час како доминираат надвор во просторот, во Венеција пливаат делфини, елени се шетаат по улиците на еден град во Јапонија што гласно зборува дека просторов не е освоен само од нас и дека го делиме не само ние луѓето, туку ние луѓето го делиме со другите животински видови.
Реакциите во овој период кон улогата на „државата“ како авторитет кој се грижи за нас или кој се обидува да ја ограничи нашата слобода се особено интересни. Кога Агамбен ја напиша книгата „Состојба на исклучок“ во 2003 година по терористичките напади во Америка, тој ја критикуваше американската политика која го искористи тој момент да воведе еден вид авторитарно владеење и да ги оправда нападите на Авганистан и Ирак. Агамбен е особено релевантен во овој момент на полициски час, граѓанска (не)послушност и ограничено движење. Особено важна е и реакцијата кон нашите луѓе што се вратени од странство, кои се и песимистички и оптимистички. Нивното присуство се објаснува де со малтене расистички елементи („тие извадија бугарски пасоши и заминаа оттука, а сега идат да ни ги земаат работните места а при прва можност пак ќе се вратат“), де со радост дека селата во југоисточна Македонија заживуваат, се обработува земја, има поголема циркулација на луѓе во претходно целосно напуштени простори.
Целата ситуација со КОВИД-19 и однесувањето на луѓето, од антрополошка гледна точка е навистина интересна и верувам дека и кај нас ќе заинтригира многу социјални антрополози за да истражуваат и да пишуваат за неа.
Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа и: Илина Јакимовска, Атанас Кирјаковски, Илија Дуковски, Горан Купенков и Бојан Ангелов.
Литература разменета меѓу учесниците:
„Толкување на културата“ – Клифорд Гирц (The Interpretation of Cultures – Clifford Geertz)
„Ориентализам“ – Едвард В. Саид (Orientalism – Edward W. Said)
„Етнобарок: материјалното, естетиката и конфликтот во модерна Македонија“ – (Ethno-baroque: Materiality, Aesthetics and Conflict in Modern-Day Macedonia)
„Прилично модерни: убавината, сексот и пластичните операции во Бразил“ – Александер Едмондс (Pretty Modern: Beauty, Sex and Plastic surgery in Brazil – Alexander Edmonds)
„Состојба на исклучок“ – Џорџо Агамбен (State of Exeption – Giorgio Agamben)
„Науката во акција“ – Бруно Латур (Science in Action: How to Follow Scientists and Engineers Through Society)
„Состојбата на постмодерноста“ – Дејвид Харви (The Condition of Postmodernity: An Enquiry into the Origins of Cultural Change - David Harvey)
Подготви: Наташа Атанасова