НА КАНТАР СО ПЕТАР ПОПОВСКИ: Во научните трудови најважни се идејата и интелектуалниот скок
Да се биде научник значи да се биде љубопитен, да се истражува, да се чита и пишува и да се создава ново знаење. На последната научна средба во средата, со Петар Поповски, професор на Универзитетот во Алборг, Данска, визитинг-професор на Универзитетот во Бремен и експерт за безжични комуникации, се дискутираше на тема научни комуникации и процеси. Ова се неговите сумирани размислувања и ставови на темата (со бонус-трака „5Г“).
Водич за автостопери до одредиште кое сè уште го нема на мапата
Научното истражување е љубопитност да се учи и желба да се креира знаење, при што секогаш постои еден вид тензија меѓу овие две работи. Ричард Хаминг, познатиот теоретичар на кодирање во неговата статија „Ти и твоето истражување“ раскажува за пријател кој цело време се подготвувал за истражување и, додека тој самиот истражувал, публикувал, патентирал и добивал признанија, пријателот сè уште не се чувствувал подготвен да почне. Хаминг вели: „Знаев дека нема да има појава или ефект кој ќе го носи неговото име“. Ова е убаво да се слушне ако си пред почеток на истражување за да добиеш мотивација и да го направиш тој прв чекор и иако не мислиш дека знаеш сè, да почнеш да создаваш. Веројатно и ќе се удриш некаде од ѕид, ќе се најдеш во темно, ама на крај можеби ќе излезе да креираш знаење.
Наједноставната вистина што постојано ја забораваме во истражувањето е дека треба да бидеш различен од другите, на начин кој има смисла и е релевантен. Треба да се каже: ова е мојата хипотеза и ајде да видам дали има корисна литература што може да ме води да одговорам некое прашање што сметам дека е интересно. А не како што се прави во голем број случаи – ќе се најде чекан и со чеканот се бара клинец, односно ќе се научи некој метод и се бара да се прави истражување во кое по секоја цена ќе се искористи тој метод. Од друга страна, пак, ако само се потпираш на некои хипотези и стоиш во некој ехо-простор, тогаш можеш да се најдеш во ситуација како таа од книгата „Чичко Петрос и проблемот на Голдбах“ каде што еден брилијантен математичар целиот живот го поминува размислувајќи за проблемот на Голдбах без да дојде до решение.
Слика 1: Кога тревата ќе престане да биде зелена, една опција е да продолжи да се гази, а втората е да се отворат повеќе игралишта
Друго нешто што сакам да истакнам е појавата на т.н. трагедија на општите добра (tragedy of the commons) во истражувањето наспроти одржливото истражување. На пример, трагедијата на општите добра може да се илустрира вака: некој што е млад докторанд кој работи без стеги може да почне некоја сосема нова област, но потоа ќе дојдат некои големи имиња и ќе ја земат славата за целата таа област, по што сите почнуваат да работат на областа и таа станува заситена. Под одржливо истражување подразбирам константно реевалуирање на модели и пристапи, наместо догматско прифаќање дека одредена област е од интерес на начин на кој сите го прават тоа.
Сиот тој истражувачки џез
Зошто мислам дека ова е многу слично на џез музика? Па, гледам сличности во процесот. На пример, во музиката почнуваш да учиш некои основни прогресии, потоа мораш многу да вежбаш скали и акорди, да ти влезе техниката во прстите, па мораш да слушаш многу музика, да препознаваш кој какви идеи искористил. Притоа, многу важно е да ги имитираш мајсторите и да импровизираш, а секоја импровизација носи парче нова музика и по некое време можеш да стигнеш до супер резултати, па и до нов правец во музиката и да станеш симбол за иновација, како што е за мене Мајлс Дејвис.
Како паралела на џезот, во истражувањето почнуваш да учиш основни принципи и теории, читаш општи книги, т.н. библии во областа, па читаш многу научни статии, кои често не ги разбираш, па ги читаш двапати, петпати... додека не почнеш да разбираш по нешто. Потоа вежбаш, се трудиш да решаваш, симулираш мали проблеми. Во првите трудови ги имитираш мајсторите, дури на крај не сфатиш дека тоа што си го имал како идеја е новото, тоа е твојата импровизација, сосема доволна за твојата работа да се третира како нова музика. По некое време можеш да стигнеш до одличен резултат, па дури и да дефинираш нова истражувачка област.
Прашање на боја на џемпер или на модел
Моделот е претстава за некое реално сценарио. Тоа е некој вид карикатура на реалноста, која содржи доволно детали за да препознаеме за кого/што се работи. Ние размислуваме во модели во секојдневниот живот за да ги поедноставиме работите до ниво на разбирливост. Ние користиме поедноставени модели и во нашето секојдневие, но за жал тоа понекогаш се злоупотребува, на пример, за создавање предрасуди на база на поедноставен модел за одредена група луѓе. Ако се користат правилно, моделите можат да доведат до тоа да имаш нов увид во некои постоечки концепти или да добиеш нови идеи.
Понекогаш деталите го подобруваат моделот, а понекогаш ја заматуваат големата слика. На пример, да речеме правиме модели за простирање на радиосигнали во безжичните комуникации, да речеме со Wi-Fi, и сакаме да го моделираме влијанието на луѓето во некоја просторија во однос на тоа како тие ги попречуваат или одбиваат сигналите. Во таков контекст, прашањето „каква боја џемпери носат луѓето“ е глупаво или во најмала рака нерелевантно за фреквенцискиот опсег на радиосигналите. Но, ова прашање престанува да биде глупаво ако посматраме безжични комуникации на база на видлива светлина (Li-Fi), затоа што ако ги облечете луѓето во бели џемпери тие ќе рефлектираат и ќе прават поголемо одбивање и расејување на сигналите и со тоа поголема интерференција.
За коавторските работи
Она што го истражуваме, секако дека треба и да го објавиме, а сите ние различно ги разбираме публикациите. Има луѓе кои сакаат да направат една публикација годишно, ама таа да го смени светот; тоа е доста ризично. Од друга страна, има луѓе кои имаат стотици публикации годишно. Секако, голем дел од нив се коавторски, што го отвора прашањето што навистина значи да се биде коавтор. Според мене, коавторство е ако секој од авторите придонесе со дел без кој трудот не би можел да настане.
Во врска со публикувањето научни трудови, би сакал да истакнам уште неколку работи:
Нема поскапоцена работа од коавторот, зашто конструктивната критика од соработниците е најважна. Ако коавторот има аргументи да ти каже дека трудот не ви е готов и дека треба да не го праќате, ти прави голема услуга – ти го одбива на лице место, што е многу подобро отколку по три месеци анонимни ревизори да го направат истото. Јас имам една група соработници кај кои одам секогаш кога имам некоја нова идеја за да видам што мислат.
Водете сметка да одржувате темпо на публикување, затоа што во принцип публикациите се тоа што се смета. Тешко е целосно да имаш придонес во еден труд во сите аспекти, а и да работиш на трудови паралелно со повеќе луѓе, но тука самите треба да го најдете својот оптимум. Сепак, секогаш имајте ја предвид Конвенцијата од Ванкувер во која е специфицирано што е минимумот што треба да го направиш за да бидеш коавтор на еден труд.
Преземајте иницијативи за нови публикации. Добро е во публикации да се придружиш и како калфа, не мора постојано да си мајсторот. Ако си академски истражувач добро е да се работи на минимум две-три идеи, зашто ако идеите се нови секогаш има ризик дека ќе пропаднат или дека некој друг на друг универзитет пред тебе го направил истото.
Секој ден запишувајте, како што вели комичарот Џери Сајнфелд, кој секој ден задолжително запишувал нови шеги – од нив некои излегувале добри, други одлични, трети за никаде, но важно е дека цело време ги продуцирал. Кога ќе запишеш, подобро ги разбираш идеите.
Пишувањето е мислење, мислењето е пишување
Го знаете оној ефект кога ќе фатите да читате некој тежок труд – го читате еднаш брзо и сфаќате дека ништо не сте разбрале, па му се враќате одново и гледате дека и првиот пат сте ги пофаќале работите ама не сте биле свесни за тоа? Слично е и со пишувањето и со уредувањето на напишаното – размислуваш за идеја, ќе ја напишеш и утредента кога ќе ја прочиташ, поинаку звучи, па ја корегираш или ја пишуваш одново. Важно е прво да размислиш што сакаш да добиеш, да ја имаш суштината сумирана во три реченици околу кои потоа можеш да генерализираш и да ги опфатиш сите случаи.
Видете ги математичките докази. Кога ги читаш, изгледаат совршено, ама тоа е како да гледаш битка по војна, затоа што доказот сигурно не изгледал совршено во првите негови верзии.
Способноста за читање и пишување е основна за еден научник. Затоа, треба да имаш многу читано за да можеш да пишуваш и тоа не само научни трудови, туку и друга литература (уметничка, философска...) која е на многу повисоко креативно ниво на изразување и во која може да се препознае како се презентира добра идеја. Нема да користиш изразни форми од Борхес во научни трудови, но можеш да ја забележиш јаснотијата што ја постигнува и да се стремиш кога пишуваш да ти биде јасно тоа што го правиш.
Читање и вреднување научни трудови
Кога читам научни инженерски трудови, ако станува збор за непозната област, ако е нешто целосно ново, прво ги читам воведот и контекстот, па описниот дел каде што авторите кажуваат што прават поразлично од она што претходно било правено. Ако тоа е доволно интересно, одам да читам по ред. Ако трудот е од област што е позната, веднаш одам на делот каде што го опишуваат проблемот за да разберам што точно прават. Она што последно го гледам се резултатите, затоа што мислам дека штом го публикувале, сигурно има некакво подобрување.
Меѓутоа, најмногу од сè сакам да ги видам идејата и интелектуалниот скок што го направиле, каде го смениле моделот на размислување, која претпоставка ја промениле и за мене тоа е централното читање. И сакам да потенцирам дека кога читаш добар труд од инженерски области, јазикот не е секундарен. Има автори во мојата област кои пишуваат со завидно убав стил и знам дека сите тие „се скапуваат“ од читање неинженерска литература.
Златната средина на научната разбирливост
Кога сме кај пишувањето за научни работи, постојат информации од нашите трудови за кои може да постои голем јавен интерес и тука блоговите можат да завршат голема работа. Кај широката публика се случува да има големи непознавања за некоја актуелна тема, како што е сега 5Г и за заблудите сметам дека голема вина носат инженерите поради тоа што зборуваат со жаргон што никој што не е инженер не може да го разбере. Земете труд од математичар или физичар од пред 50 години – тоа е напишано толку разбирливо, а денешниве научни трудови наликуваат како да се генерирани со машинско учење.
Од друга страна, имам амбивалентни чувства кон претераното поедноставување на работите. Имам колеги што ги ставаат сите лекции како видеа онлајн, со објаснувања и со сè што ги прави да изгледаат добро. Но, ставање на двеминутно видео за некоја научна тема, колку и да е информативно, на одредени луѓе може да им создаде лажна слика дека којзнае колку научиле ако изгледале неколку такви видеа.
И тука навлегуваме во т.н. култура на „elevator pitch“ – да успееш да ја продадеш својата идеја за исклучително кратко време, а тоа се веќе комерцијалните елементи во истражувањата. Не е лошо да можеш да го направиш тоа, тоа е „продажба“. Кога во средно одиш да бараш друштво во кафуле не го носиш на тебе, да речеме, медалот што си го освоил во кајакарство, туку те забележуваат, на пример, врз основа на физичката појава или некое парче облека, а потоа може да имаш шанса да кажеш дека си освоил прво место во кајак. Исто и ваквите кратки изложувања на научни трудови на конференции можат да ти дадат шанса ако заинтересираш некого, врз основа на тоа да отворите подлабока дискусија, ама ако е труд за вистинско знаење... не е ова начинот, да се остане само на површното објаснување. Луѓето ќе прочитаат пет такви статии и ќе станат експерти за имунологија, епидемиологија, 5Г...
БОНУС: 5Г
Имајќи пред себе на „Зум“ експерт за безжични комуникации, при крајот на средбата, учесниците љубопитно ја однесоа дискусијата во насока на горливата тема на 5Г. „Горлива“ и буквално, имајќи предвид дека од 30 март досега во Велика Британија има 77 случаи на палење на антени за 5Г. Ова е видувањето на Петар Поповски за она што нè мачи во врска со паниката што изминатиот период се крена за оваа нова технологија:
5Г е технологија која е во голема мера надвор од рацете на академските истражувачи, која сега е во рацете на луѓе кои ја комерцијализираат. Дали 5Г не ти може ништо „до крајот на светот“? Не се знае, исто како што не се знае дали 4Г или Wi-Fi или храната со сите адитиви внатре можат да имаат некој ефект врз човековото тело. Затоа, пред да се постави прашањето дали 5Г е штетно, јас би го поставил прашањето дали безжичните технологии се штетни, бидејќи 5Г во моментов не е проширено и бројот на уреди каде што функционира е многукратно помал од оние на 4Г и Wi-Fi.
Во светот има многу независни истражувачки фондови кои финансираат базични истражувања, па така и истражувања на биолошките ефекти кои ги има зрачењето на безжичните уреди. Ако се погледа листата на канцерогени фактори на cancer.gov, може да се види, на пример, дека алкохолот има докажани канцерогени ефекти, но нејонизирачкото зрачење, како она од Wi-Fi или 5Г, нема. Светов во којшто живееме е статистички и за многу работи кои се резултат на комплексни интеракции не постојат конечни одговори. Не знаеме дали некое зрачење на долг рок ќе биде штетно или не, затоа што не сме ги виделе сите можни ситуации во кои тоа може да влијае врз еден биолошки систем.
Ако не верувате во овие технологии и се плашите од нив, најдобро е воопшто да не користите безжична технологија. Како што има луѓе вегани во исхраната, може да има и вегани во комуникацијата. Нема смисла со мобилниот телефон залепен на уво по цел ден да се зборува против 5Г. Па, со еден долг телефонски повик сте се озрачиле колку што 5Г базна станица не може да ве озрачи за неколку години!
На долг рок, како и за секоја технологија, има непознати работи за 5Г. На пример, кога беа измислени и конструирани првите авиони, не можевме да предвидиме дека ќе имаат таков ефект на емисиитe на стакленички гасови (greenhouse gases). Стравот од 5Г доаѓа од наводниот канцероген ефект на фреквенциите во таканареченото милиметарско браново подрачје. Но, овие фреквенции сè уште не се користат нашироко, на начин на којшто се користат пониските фреквенции. Кај милиметарските бранови има поинакви својства на апсорпција, но со дозволените нивоа на радијација не се забележани негативни ефекти. Сепак, сметам дека поставувањето и инсталирањето на опрема што користи нови фреквенции треба да биде внимателно и постојано да се следи, ама не може априори да го отфрлиме.
Во крајна линија, ако некогаш се докаже дека 5Г или другите безжични технологии имаат штетни ефекти, тие ќе бидат штетни за сите, и за нас и за нашите семејства - зарем ние би дозволиле такво нешто да остане во функција? Тогаш секако дека совеста ни налага веднаш да се зафатиме со работа и да креираме друг побезбеден систем, кој ќе треба да функционира - затоа што сигурно нема да престанеме да комуницираме.
Дискусијата ја водеше Кирил Гаштеовски, а во неа учествуваа и: Никола Стиков, Розита Димова, Менка Стојанова, Илина Јакимовска, Блаже Аризанов, Елисавета Стикова, Горан Купенков и Димитар Силјановски.
Литература разменета меѓу учесниците:
„Чичко Петрос и проблемот на Голдбах“ – Апостолос Доксијадис (Uncle Petros and Goldbach's Conjecture – Apostolos Doxiadis)
„Структурата на научната револуција“ – Томас Кун (Structure of scientific revolution – Thomas Kuhn)
„Фабрика за идеи“ – Џон Гертнер (Ideas factory – Jon Gertner)
„Добро пишување“ – Вилијам Зинсер (On Writing Well – William Zinsser)
https://blogs.scientificamerican.com/observations/we-have-no-reason-to-believe-5g-is-safe/