Донаторска забава за Буки
Правете бука, Буки 2.0 е тука! Придружете ни се во четврток (26-ти декември) во 19 часот во Гастротека Сиеста.
Правете бука, Буки 2.0 е тука!
Новиот модел на Буки е побрз и поточен1. Исто така ја додадовме опцијата за транскрипција од аудио фајл, а воспоставивме и соработка со македонските радиолози кои ќе го користат Буки за побрзо читање на радиолошките снимки.
Буки 2.0 ќе биде достапен во четврток наутро на следниов линк, а во четврток навечер во 19 часот ве каниме на донаторска забава на која ќе можете да го поддржите Буки со неколку различни нивоа на поддршка:
Ниво Ⰲ (Веди) - 300 денари (подарок мауспед)
Ниво Ⰳ (Глаголи) - 600 денари (подарок чашка или торбичка)
Ниво Ⰴ (Добро) - 1000 денари (подарок маичка или USB стикче од 32 GB)
Донацијата можете да ја направите на лице место, или преку нашата трансакциска сметка. Ако не можете да дојдете во живо, тогаш пишете ни на info@kantarot.mk и ќе ви ја испорачаме нарачката било каде во Македонија.
Денарска сметка: 250-0010051639-69
Примач: Фондација КАНТАРОТ
Шифра за донација: 562
Девизна сметка: SPARKASSE BANK AD SKOPJE
SWIFT : INSBMK22
IBAN: МК07250001005163969
За оние кои сакаат да нѐ поддржат преку кредитна картичка, можете да се претплатите на нашиот Сабстек за $10 месечно.
А сега малку повеќе детали за Буки 2.0…
Стигнавме до 120 часа за тренинг на Буки 2.0, двојно повеќе од 60-те часа со кои го создадовме Буки 1.0. Имаме многу повеќе говорници и акценти, како и неколку часа снимени детски гласови. Ова е сѐ уште далеку од посакуваните 600 часа транскрибиран говор, но убедени сме дека во 2025 ќе ја оствариме и таа цел. Посебна благодарност до нашиот стипендист Зоран Илијоски и неговото семејство, кои прочитаа преку 4000 реченици на Mozilla Common Voice и го освоија првото место меѓу донаторите на глас за Буки!
Им благодариме на сите кои ни пратија транскрибирани аудио снимки за тренинг на Буки, a особено на:
Наставничката Валентина Степановска-Андонова од училиштето Даме Груев во Битола и нејзините ученици Ана Ванчевска, Драган Трајковски и Леона Аземовска.
Учениците од Меѓународното училиште НОВА
Радиолозите од болницата 8 Септември, предводени од Димитар Вељановски
Дамјан Божиноски
Иван Митревски
Илија Глигоров
Им благодариме на УКИМ и Телеком кои се вклучија во нашата кампања, како и на порталите Блен, Умно и Република, кои објавија интервјуа и текстови за Буки. Секако, најголема благодарност до оние кои неуморно ги споделуваа нашите објави преку социјалните медиуми, а пред сѐ до Костантина, Љубица и Зоран кои ги прогласуваме за почесни Буки амбасадори!
На крај ви благодариме на сите кои нѐ следите преку овој Сабстек! Се надеваме дека ќе се видиме во четврток за да можеме да ви се заблагодариме и во живо.
Процентот на погрешни зборови (word-error rate) се намали од 13.8 на 10.2 за моделот Buki-wav2vec2, кој сега има споредливи перформанси со Buki-Whisper (word-error-rate 10.5) но е далеку побрз.