Буки може да спаси живот
Пишува: доц. д-р Димитар Вељановски, специјалист радиолог и супспецијалист интервентен неврорадиолог
Во мојата канцеларија имам една слика која љубоморно ја чувам. Таа е реликвија на едно не толку многу дамнешно време. На сликата сум јас и една стара машина за пишување која ја користевме ние специјализантите по радиологија за да ги напишеме резултатите на снимените пациенти во ургентниот центар. Од тогаш поминаа 16 години. На сликата имам црна коса ама тоа не важно, сите ние имаме по некоја „мана“, нели.
Додека го пишувам текстов седам повторно во мојата канцеларија, но сега имам голем монитор, релативно модерен информатички медицински систем поврзан со силен компјутер во кој се инкорпорирани сите прегледи од моите пациенти. Со кликнување само на едно копче на екранот се појавува комплетно прегледот којшто сакам да го анализирам за да можам да напишам дијагноза и да ја „запечатам“ судбината на некој од снимените пациенти со мојата детална радиолошка експертиза.
Сликата секогаш им ја покажувам на моите студенти сакајќи да детерминирам еден временски квантен скок за да им покажам дека, во вртлогот на временската машина, сигурно ќе излеземе живи ако го прифатиме модерното време незаборавајќи ги малите камчиња кои сме ги фрлале по патот. Колку повеќе се трудам да им го доловам тој концепт, толку повеќе се сеќавам на разговорот со една група тинејџери пред извесно време на кои им кажував дека треба да бидат мошне внимателни во изборот на бурата од информации и дека во наше време немаше интернет, за да слушнам од нив – „а колку време немаше интернет“.
Кога за првпат ја слушнав информацијата за раѓањето на Буки, набрзо ми се роди идејата дека тоа е навистина модел кој може да го направи нашето радиолошко секојдневие поподносливо. Го контактирав мојот драг пријател Никола Стиков кој ми беше фантастичен домаќин на мојот неколкумесечен престој на Универзитетот „Мекгил“ во Монтреал, Канада. Брзо се сретнавме и договоривме првични детали за можна примена на Буки во радиологијата. Никола ме поврза со Дејан Порјазовски, експерт за технологии на вештачка интелигенција за препознавање говор од Универзитетот „Аалто“ во Финска и, аирлија, тргна работата.
Радиологијата, како што би рекол еден од моите драги професори, не е песна на радио ами гранка од медицината која се занимава со скенирање на човековиот организам, користејќи различни радиолошки машини, од конвенционален рентгенски апарат, преку компјутеризираната томографија (КТ) до највисоко софистицираниот апарат за магнетна резонанца. Нашето секојдневие како радиолози се состои во интерпретација на наоди добиени од различните снимања и скенирања. Основната наша задача е да ги забележиме абнормалностите од снимањата и во дескриптивна форма да ги ставиме на хартија односно да поставиме дијагноза.
Тоа не е нималку лесна задача, тоа е резултат на долгогодишно макотрпно учење и пракса. Но, нема жалење, таква е медицината.
За да го напишеме извештајот најчесто куцкаме по тастатурите на нашите компјутери или ги користиме вештите раце на нашите две драги професионални дактиолографки кои куцаат точно со брзина на светлината. Но, тие се две, а ние сме 14 колеги во одделот, а понекогаш се случува да треба да напишеме до 200 и повеќе извештаи дневно. И не оди баш математиката, тие се растргнати на сите страни, а нетрпението лебди во етерот.
Но, времето работи за нас. Она што сме го гледале и сме се восхитувале пред десетина години, поминувајќи низ низа на едукации по значајни светски и европски центри, станува наша светла реалност. Ние денес го имаме нашиот РадиоБуки.
Тој претставува дигитална платформа базирана на вештачка интелигенција и е способен да транскрибира македонски говор и радиолошки наоди многу брзо и со голема точност. За тоа да функционира како што треба, во нашиот радиолошки оддел во Градската општа болница „8 Септември“, кој се состои од 14 специјалисти радиолози, ние брзо се договоривме, седнавме, ги засукавме ракавите и снимивме неколку часовен говор кој обединува многу од нашите дијагнози кои ги пишуваме секој ден. Тоа значи дека во иднина ќе можеме многу повешто и побрзо да ги пишуваме нашите наоди, со што ќе ја зголемиме ефикасноста на нашата работа. Верувајте, листата на пациенти кои чекаат резултати за веќе направени прегледи низ различни медицински центри во нашата земја е многу голема.
Замислете, имате пациент со мозочен удар кај кој секоја минута е важна, секоја минута изумираат илјадници неврони, од круцијално значење за тој пациент е што побргу да го скенираме, а сега наодот можеме да го интерпретираме додека трае скенирањето. Тоа ќе значи брза дијагноза, навремена терапија и подобрување на квалитетот на живот.
Со ова алатка се отвора светла иднина во нашето радиолошко друштво, веќе сме на праг да станеме побрзи, повешти и поточни правејќи го нашето секојдневие посреќно, но и нашите пациенти. Точната и брза дијагноза е од суштинско значење во третманот на пациентот кој е наш приоритет. На тој начин, можеме да испишеме нова радиолошка историја која ќе биде темел на еден модерен здравствен систем кој луѓето ќе го препознаваат, ќе се чувствуваат сигурни, со тоа ќе се засилува довербата на народот во здравствените работници кои неуморно се борат да постават точна дијагноза која значи долг живот... а, пак, ние, радиолозите, ќе се гордееме зашто… И РАДИОБУКИ МОЖЕ ДА СПАСИ ЖИВОТ, ЗАРЕМ НЕ?!