С(Ц)ИЕСТА СО ВЛАДИМИР КУЗМАНОВСКИ: За одржливо производство на храна
Како индустриското земјоделство придонесува за загрозување на животната средина? Има ли надеж човештвото во борбата со климатските промени? И збор-два за вештачка интелигенција во нашето земјоделство.
Ако нашите написи ти значат, размисли да донираш преку претплата. Тоа е најдобриот начин да нè поддржиш во ова што го правиме.
Владимир Кузмановски има завршено информатика на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Се вработува како програмер и работно патува во Африка, каде што на нафтените полиња ја гледа преголемата експлоатација на природните ресурси и оттука почнува неговиот интерес за климатските промени и заштитата на животната средина. И потоа, на магистерските и докторските студии кои ги завршува во Словенија, му се погодува да работи на проекти од областа на шумарството и земјоделството.
И на постдокторски студии останува таму, каде што се занимава со вештачка интелигенција (ВИ) за одржливо производство на храна. Се свртува кон биодиверзитетот на инсектите на полето и квалитетот на почвата како земјоделски медиум.
Во моментов Владимир е во Финска. Работи на Универзитетот Аалто, на заеднички проект меѓу Естонија и Финска, кој се занимава со паметни градови. Конкретно, се занимава со урбаната мобилност и со моделирање на ефектите што автономниот јавен превоз би ги имал врз населението. Врската со тоа што го работел претходно е во терминот одржливост и, секако, во вештачката интелигенција и грижата за животната средина.
За земјоделските работи
За време на докторатот Владимир соработувал со францускиот институт „Арвалис“, специјализиран за житни растенија. Институтот работи истражувања во служба на земјоделските советници и фармерите. „Во Франција земјоделските советници се еден вид институција. Имено, секој фармер има свој советник со кого се консултира за годишната сеидба“, вели тој и објаснува дека институтот има експериментални станици низ цела Франција кои прибираат податоци за водата од дренажата, за концентрацијата на пестициди и сл.
Главниот проблем во сите општествени системи е што ние постојано сакаме да го максимизираме профитот. Дури и при производството на храна.
Како што кажува Владимир, употребата на пестициди при индустриско производство на храна не е стандардизирана на ниво на цел свет. Во ЕУ тоа е строго контролирано, но, поред него, Франција е најконзервативна земја во поглед на употребата на пестициди при производство на храна: „Таму, на пример, листата на забранети пестициди е трипати подолга отколку во Словенија, а во САД секој може да користи што сака, речиси како во Македонија.“
Има ли надеж за нас?
На прашањето дали инженерите можат да придонесат кон сопирање на климатските промени, Владимир вели дека нема надеж. „Одржливоста се јавува како решение на проблемот со климатските промени, а тие се неминовни. Тие се проблем што е многу доцна да се реши. Тоа што се прави сега е за да се забават тие промени за да можат луѓето и животните да се адаптираат на нив и таа еволуциска адаптација да не биде катастрофална“, вели Владимир и дополнува дека науката во тој поглед ни дава шанси да успееме.
Сепак, сведоци сме дека во светот сè повеќе има луѓе кои велат дека поради климатските промени што нè очекуваат не сакаат да имаат деца за да не треба тие деца да ги доживеат. Но, Владимир е категоричен: „Климатските промени во основа се долгорочен процес и, напротив, добро е да имаме деца – деца кои ќе ги наведеме да работат на решавање на проблемот, а не само на искористување на ресурсите.“
Работиме на проект за македонското земјоделство со кој преку ВИ ќе утврдуваме дали одредени култури се под стрес.
Во врска со влијанијата на земјоделството на животната средина и на климатските промени, Владимир вели дека најголемиот проблем произлегува од тоа што во нашите општествени системи главен критериум за оптимизација е економскиот – ние постојано сакаме да го максимизираме профитот. Тоа се провлекува и во производството на храна, па имаме култури кои се садат на иста почва секоја година. На тој начин, културата ги јаде сите ресурси од почвата, таа со текот на времето се деградира и прави поголема штета отколку што носи придобивки. На пример, почвата го губи својството за циркулација на нутриентите, меѓу кои и нутриентите што успеваат да ја задржат влажноста, па имаме нерационално користење на водата. Тоа, исто така, повлекува и користење на пестициди, затоа што штетниците не би се населиле во толкава мера доколку на едно исто место постојано не се користи истата култура. Производството на пестициди, пак, е хемиски процес кој исто така има многу емисии на штетни гасови, а тука е и употребата на машините кои работат на нафтено согорување.
Решението за тоа можеби би бил еден комплексен холистички пристап, како во фармата од филмот Biggest little farm, каде што се почитува тоа дека секој жив организирам си има своја улога во екосистемот во кој живееме. На пример, змиите што ќе се појават на фармата не се уништуваат затоа што на тој начин фармата се спасува од глодарите кои ги јадат растенијата и нема потреба да се третираат хемиски ни змиите, ни глодарите. „Овој принцип се вика биодинамичко производство и е екстремно тежок, затоа што решението не е континуум. Ако најдеш решение за една култура, тоа не важи за друга. Многу ресурси одат на воспоставување и одржување на еквилибриумот и не се знае дали воопшто има простор за работата да стане профитабилна“, вели Владимир.
ВИ за македонското земјоделство
Во моментов Владимир има планови и за работа во Македонија. Со Томе Ефтимов и Јован Таневски основаат стартап за искористување на хиперспектрални и мултиспектрални сензори за фенотипизација на растенијата. Проектот им бил одобрен од Фондот за иновации и технолошки развој и наскоро ќе почнат со негова реализација.
Во соработка со професорката Соња Гаџовска Симиќ од Институтот за биологија на ПМФ, ќе прават периодични снимки со камери на македонски домат кој ќе се подложува на стрес поврзан со температура и вода. „Идејата не е само да направиме фенотипизација преку хиперспектралната слика, туку некако да го премостиме јазот меѓу висококвалитетната и нискоквалитетната опрема. За почеток доматите ќе се набљудуваат во лабораторија, а потоа и во оранжериите во ЗИК Брегалница – во нивната природна проиводствена средина“, вели Владимир. Планот им е да користат длабоко учење за автоматско процесирање на сликите од културите и со тоа наместо генетски да се анализираат растенијата за да се дознае дали трпат некој стрес, тоа ќе може да се детектира автоматски преку фотографија од нив.