Во мугрите на генеративната ВИ: скромно гледиште на еден општествен научник
Гостинскиот текст на Анастас Вангели, асистент-професор на Школата за економија и бизнис на Универзитетот во Љубљана, преведен за да придонесеме во адатацијата на терминологијата за ВИ на македонски.
This text is a Macedonian translation of Anastas Vangeli’s guest post
Анастас Вангели е стар пријател на нашата фондација. Тој беше нашиот трет гостин на С(ц)иеста во мај 2020 година, кога ни се придружи на дискусија за Кина и односот на земјата кон КОВИД-19. Во овој текст, кој беше објавен на англиски пред да одржиме нова С(ц)иеста со него, пишува за генеративната вештачка интелигенција од перспектива на општествен научник.
Овие идеи за првпат беа дискутирани за време на семинарот поддржан од NAWA, како дел од серијалот „Семинар за нови проекти“ на Високата школа за општествени истражувања при Полската академија на науките во Варшава, на 17.03.2023 г.
Како општествен научник кој работи во поле кое е пресек на глобалните политики, економијата и општествените работи, понизно дискутирам за вештачката интелигенција (ВИ), особено пред публики коишто имаат длабоко техничко знаење, како поголемиот дел од С(ц)иеста заедницата и читателите на Сабстек-каналот Кантарот. Иако сум лаик во однос на техничките познавања, многу ме интересираат различните погледи на социо-економските, културните, политичките и менаџерските димензии на ВИ и конкурентските социо-технички имагинарии на иднината во која доминира ВИ. Пошироките влијанија и контексти на генеративната револуција на ВИ (од битката меѓу тек-корпорациите и владите, преку неизбежната секуритизација и политизација на дискурсот за ВИ, па сè до геополитичките несигурности и недостатокот на соодветна законска регулатива) заслужуваат добра, долга и длабока дискусија.
Како и да е, повеќе би сакал овој текст да го врамам не гледајќи на големата слика, туку ангажирајќи (мета)рефлексивна вежба инспирирана од влијанието на генеративната ВИ врз искуствата од секојдневниот живот на еден научник од областа на општествените науки, кој е сведок на тектонски поместувања на полето на производството на знаење и на големиот ефект на хистереза - дефиниран како дисјункција меѓу брзата структурна промена предизвикана од напредокот на генеративната ВИ од една страна, и видниот отпор кон промените од страна на многумина од академскиот свет (или барем од областа на општествените науки).
ВИ ги потресе истражувањата
Мојот пристап кон влијанието на генеративната ВИ е тактички оптимистичен, а стратешки претпазлив. Можеби ваквиот став е поразличен од поголемиот дел од академскиот свет, кој почесто бира одбранбен став. Академскиот свет помалку ги прифаќа не-човековите креации отколку маркетингот или медиумите каде што, како што некој тврдеше, пролиферацијата на алатките на ВИ се третира со драматичен опортунизам, како да се работи за нова инвестициска можност налик на треската за инвестиции во крипто-валутите од пред некоја година. Етичките грижи и стравови дека ВИ може да даде залажувачки или фактички неточни тврдења кои изгледаат логични се точни и широко распространети и имаат централна улога во формирањето на ставовите кон ВИ помеѓу академиците. Сепак, од дргата страна се наоѓаат академски инфлуенсери, кои промовираат етичко и одговорно користење на генеративната ВИ за помош при различни аспекти на научно истражување и пишување.
Новата генерација на алатки на ВИ за академските области (кои стигнаа, на пример и до мејнстрим вестите како оние на Euronews) во пракса носат револуција во процесот на истражување од идеја, преку пребарување на литература до дизајн на истражувањата и нивното пишување. Напредните алатки на ВИ им помагаат на истражувачите речиси инстантно да најдат соодветни референци, да ги поправаат граматичките грешки и да ги реструктуираат нивните трудови многу побргу и поефикасно. Во четботовите имаат истражувачки асистент или партнер за размена на идеи кој е достапен 24/7, и кој секој ден станува попаметен и попрониклив. Ако помислиме на ВИ алаткитете како што се брзите конвертори од говор во текст (за транскрибирање на интервјуа и за забелешки од терен) или за специфичните апликации направени за брзо читање и сумирање на PDF-ови (кои ми даваат надеж дека еден ден ќе можам да ја поминам целата литература во која се имам затрупано низ годините), сам по себе станува јасен ставот на тактички ентузијазам - можностите се навистина неограничени.
Како и да е, трансформативниот потенцијал на АИ во областа на истражувањата отвора значајни прашања за квалитетот на истражувањата и за квантитетот на резултатите. И ова е местото каде што можеби е потребна стратешка претпазливост.
Квалитет и квантитет на истражувањата во ерата на ВИ
Пристапот до генеративната ВИ може да го демократизира производството на знаење. Ова може да биде вознемирувачко и заканувачко сознание, особено за оние кои имаат поминато ноќи и ноќи без сон усовршувајќи ги своите вештини и честопати вложувајќи премногу труд кој денес лесно би можел да биде сработен од машините, или од помалку квалификуван работник во партнерство со сè попаметни машини. Ако повеќето алатки останат релативно достапни, понепривилегираните истражувачи можеби ќе можат да фатат чекор - сега и тие ќе имаат свои асистенти и ќе можат да автоматизираат голем дел од својата работа. Дополнително, Grammarly и Quillbot го подигнуваат нивото на пишување на англиски, што води кон застарување на лекторството како работа и професија (генеративната ВИ исто така може да помогне при преведување на содржина од еден на друг јазик; неповрзано со овој текст - многу интересна е дебатата за користењето на алатките на ВИ за зачувувањето на јазичната разновидност). Никогаш не било полесно да се подигне квалитетот на академската работа.
Академските средини се прилично компетитивни, а новите алатки на генеративна ВИ имаат потенцијал да ја забрзаат трката помеѓу академиците „до даска.“ Воглавно, во ерата на ВИ, квалитетот на резултатите од истражувањата веројатно ќе расте (дури и ако тоа е само површно). Врвните истражувања може постепено да се подобруваат, но најдраматични подобрувања ќе се почувствуваат во пониските „слоеви“ на глобалната академска хиерархија. Така што, главниот предизвик доаѓа од зголемување на квалитетот и видливоста на научен аутпут кој без помошта од ВИ би бил невидлив.
Како и да е, генеративната ВИ пред сè подразбира можност работите да се прават побргу, заштедувајќи им на научниците (и, општо земено, на умствените работници) драгоцено време. Следствено на тоа, се поставува прашањето што ќе правиме со вишокот слободно време? За многумина, одговорот ќе биде нешто како: конечно ќе имам време да завршам уште еден труд што долго го влечкам. Во таа смисла, генеративната ВИ веројатно дополнително ќе ја поттикнува културата на преземање неодржлив обем на работни обврски и хиперпродукција.
Во вакви услови, гледањето на ВИ како аугментирана машина за пишување или калкулатор, а не како суштински трансформативна технологија, ќе биде само испуштена можност за човековата интелигенција за да ги истражува неистражените територии и да ги решава нерешените проблеми. Со оглед на тоа што прекумерната продукција и натаму расте, само ВИ ќе може да ја процесира огромната маса на публикации, што парадоксално ќе го направи пребарувањето низ академската литература екстремно зависно од ВИ. Оваа спирала на штанцање на премногу нов материјал е незапирлива. Кај природните науки, едно можно сценарио е она за „крајот на научниот труд“, но тоа не би поминало во општествените науки: ниту најхрабриот општествен научник не би се осмелил да размислува во оваа насока - нашето знаење зависи од наративите и толкувањето на општествениот свет.
Општествените науки се важни
Ако ВИ веќе може (или наскоро би можела) да раскажува и да интерпретира подобро отколку еден просечен научник од областа на општествените науки, што е тогаш следно за општествените науки? Човековата способност да ја восприема општествената реалност и да разликува вистина од невистина (без да се навлегува во философски дебати за тоа што е вистина и дали таа постои) останува единствениот критериум на разграничување помеѓу човечката и вештачката интелигенција. Општествените научници, во основа ги користат овие вештини на восприемање и процесирање на реалноста (што ли и да подразбираме под тој термин) за да го разберат човековото однесување во различни контексти, суптилности, динамики и комплексности. Но, концептуалните трудови и манифести на инженерите за ВИ покажуваат недостаток од контакт со општествените науки, што можеби е резултат на изолирани размислувања (на двете страни). Тој недостаток на интеракција помеѓу ВИ и општествените науки е навистина тажен, дотоколку повеќе што генеративната ВИ влијае врз комуникацијата меѓу луѓето, соработката и производството на знаење, што ја прави суштински општествена технологија.
Парадоксално, преголемата продукција во ерата на генеративната ВИ може уште повеќе да ја засили изолацијата и тоа не само меѓу науките и научните дисциплини, туку и во самите општества. Ги делам стравовите на Џером Лениер, кој се плаши дека генеративната ВИ може да води до зголемување на „заемната неразбирливост“ помеѓу луѓето. Бескрајните можности на генеративната ВИ овозможуваат бескрајно виртуелно создавање на персонализирана содржина, од најраната возраст (на пример сликовници за деца) па натаму – сè до персонализирани културни артефакти, концепти, па дури и цели вештачки јазици што ги ќе говорат само едно лице и неговиот/нејзиниот личен четбот. Дали е можен крај или барем драматично ослабување на интерсубјективноста меѓу луѓето? Во крајна линија, адресирањето на многуте испречени предизвици со појавата на генеративната ВИ – од етички до одговорни практики во образованието па натаму – како и приватноста на податоците, но и прашања од типот на трансформација на бизнисите и индустриите, технолошкиот вишок, пролиферацијата на дезинформациите или влијанието врз менталното здравје ќе бара уште поголема вклученост на општествените науки. На повидок е и развојот на општествени теории базирани на ВИ. Може ли ова да се направи додека сите сè уште се разбираме? Или ќе ни треба посредништвото на ВИ за да можеме да комуницираме едни со други?