НА КАНТАР СО АНАСТАС ВАНГЕЛИ: Кина и КОВИД-19 - глобална политичка перспектива
Околу планетата Трисоларис кружат три сонца. На неа нема предвидлив тек на денот и ноќта, на годините и месеците, на годишните времиња. Понекогаш денот може да трае со недели, а следниот да заврши додека да трепнеш. Исто како и ноќта. Одеднаш може да стегне поларна зима, па да пукне пеколно лето. Нејзината цивилизација живее секојдневно справувајќи се со непредвидливото. Ова била првата асоцијација што му се јавила на Анастас Вангели во деновите кога сите сфаќавме дека соочувањето со кризата што почна да ја предизвикува коронавирусот всушност значи да ѝ се гледа в очи на непредвидливоста и да не може да се види каков ќе ни биде понатаму животот.
Приказната за Трисоларис е од научно-фантастичната трилогија „Проблемот на три тела“ (The Three-Body Problem) од кинескиот автор Лиу Ц’шjин, која Анастас ја прочитал привлечен од својот интерес за Кина и во која пронашол многу парадигматски размислувања за светот, кои помагаат да се разбере денешниот кинески светоглед.
Како гостин на онлајн-дискусијата која се одржа во средата (29 април), Анастас Вангели, доктор по општествени науки кој се занимава со меѓународна политичка социологија и економија со фокус на Кина, оттука го почна своето излагање на главните поенти околу денешната ситуација со КОВИД-19, Кина и светот. Подолу во текстот се сумирани неговите тези, дискусијата со останатите учесници во разговорот и некои начелни заклучоци.
Наука и „фантастична“ политика
Она што денес е главна тема на дебата околу улогата на Кина во кризата со КОВИД-19 е прашањето на потеклото на вирусот, дали Кина има нешто со тоа и каква одговорност би требало да сноси доколку има. Но, за да се стигне до одговорите, многу е важно да се разграничи што е научна, a што политичка перспектива, особено политичката перспектива која доаѓа од САД как доминантна сила во светската политика. Кина беше првата земја зафатена со КОВИД-19, вирусот за првпат на нејзината територија се пренел од животни на луѓе, пред да измутира за да може да се пренесува помеѓу луѓето и засега науката кажува дека тој не е создаден или „избегал“ од лабораторија. Кина беше прва која се соочи со непознатиот вирус, со него се справи релативно добро (и покрај одредени пропусти), и му даде доволно време на светот да се подготви за тоа што следува. Кина како првозафатена земја прва излезе од првата фаза, односно од првиот бран на заразата.
Но, во САД, главната јавна дебата се води во насока на тоа Кина да се поврзе со вирусот не само како место каде што првпат се создал, туку како земја која со своето лошо реагирање е одговорна за глобалната пандемија и за тоа треба да сноси одговорност и да плати за целата економска штета и за сите изгубени животи, што е нешто што нема преседан, барем од перспектива на меѓународното право. Но, политичкиот аспект има повеќе димензии. САД се наоѓа во година на избори, тензијата е вжештена, притисокот врз Трамп е многу голем, а пред некој ден во „Политико“ излезе протечен меморандум со насоки за републиканските кандидати за следните избори секое прашање за справувањето со вирусот да се поврзе со Кина. Оваа дебата може да се води за да се импресионира домашната публика, но може да има и геополитички реперкусии од невидени размери.
Американската перспектива во голема мера потсеќа на Холивудска приказна, која веќе сите можеме да ја препознаеме: добрите, лошите, вирусот... сме го гледале филмот многу пати.
Позицијата на Кина е поинаква. Кинеските политички и интелектуални елити ја прифаќаат реалноста на борба на човештвото против природата и сметаат дека имаат одговорност да бидат проактивни во таа борба, но и можност да демонстрираат глобално лидерство преку споделување искуство, помош и донации и извоз на заштитна опрема (на пример, откако по брза постапка беше зголемен капацитетот за производство, од Кина се извезени околу 21 милијарди маски помеѓу март и април, а милиони маски беа донирани од најразлични кинески институции и поединци). Меѓутоа, помеѓу помладите дипломати (т.н. „wolf warriors“) можат да се слушнат пожестоки националистички и конфронтирачки пораки (особено остри кон обвинувањата упатени кон Кина), кои ја одразуваат генерациската промена (поновите генерации во Кина се „погруби“ од постарите). Ако позицијата на Кина на моменти делува контрадикторно, тоа е токму поради тој меѓугенерациски конфликт. Сепак, во основа, кинеското читање на глобалната ситуација на ниво на наратив, потсетува на „Проблемот на трите тела“: иако проблемот кој го засега целиот свет започнува во Кина, токму Кина е таа што успева да потегне глобална акција за мобилизација на сите нации за заеднички да се спасува светот.
Останува да видиме чија приказна ќе победи.
Комунистички пример за остатокот од светот?
Кинескиот политички систем е систем во кој доминира Кинеската комунистичка партија [Инаку номинално, во Кина на власт е коалиција од девет политички партии, вклучувајќи ја и ККП и неколку организации], која својот легитимитет пред сè го црпи од економскиот перформанс [се разбира, ова е симплификација - има многу други фактори кои го легитимираат системот, но сепак, економскиот перформанс е во центарот]. Од 1978 година, годината кога економската реформи и отворањето на кинеската економија кон светот започнуваат, воспоставен е општествен договор дека сè што прави партијата, (вклучително и нештата што западниот свет ги гледа како репресија и авторитарно владеење), е оправдано сè додека системот испорачува економски резултати и квалитетот на животот на луѓето се подобрува. Одејќи по таа своја траекторија четири децении, Кина стана светско „економско чудо“ и речиси целосно ја искорени сиромаштијата.
Токму затоа, она што ги изненади и збуни сите што се занимаваат со Кина е мерката за (речиси) целосно гаснење на економијата како одговор на КОВИД-19: прво на ниво на град во Вухан, па на провинција, а понатаму и на ниво на цела Кина (мерките варираа од место до место, но трендот беше да се преземат радикални чекори, па дури и превентивно) [Важно е да се напомене дека многу од мерките надвор од Вухан и Хубеи беа воведени како еден вид „продолжување“ на годишниот одмор за Кинеска нова година]. Со тоа, Кина реши да ја сопре својата економска активност првпат по 40 години, без никакви дебати дали вреди да се одржи економијата по цена на тоа да има повеќе жртви, што многумина ќе го сметаа за нормално од неа. Централизираноста на власта во Кина овозможи брзо реагирање во ситуацијата со КОВИД-19, испраќање лекарски и други екипи од цела Кина во Вухан за експресно време и релативно добро справување со ситуацијата. Кинескиот начин, како што беше посочено од дискутантите, исто така во голема мера се потпре на користење на технолошки решенија и вештачка интелигенција. Главно, овие решенија во Кина се поефикасни затоа што многу помалку се внимава на приватноста на податоците (нешто што го успорува пробивот на овие технологии на Запад).
Распространувањето и преземањето на туѓи идеи и модели, како што се општествено уредување, економски системи или справување со проблеми (т.н. процеси на дифузија) се составен дел од историскиот развој на човечките општества. Така и во оваа пандемија, како што беше посочено од страна на дискутантите, постои основа да се зборува за дифузија – по стапките на Кина, многу од останатите зафатени земји продолжија да се справуваат со кризата на истиот (или сличен) начин, иако Кина ја има својата големина и своите ресурси, а владата ја има можноста брзо да реагира што не е возможно во многу други земји од административна гледна точка. Сепак, треба да се напомене дека Кина не ги измисли овие мерки (тие се базирани на претходни практики од блиската и далечната историја), само што од позиција на првозафатена земја од вирусот, ги постави како еден вид „стандард“ во контекстот на КОВИД-19.
Кинески здравствени работници во полна работна опрема. Извор: CNBC
Но, справувањето со КОВИД-19 исто така донесе и промена во динамиката на глобалната политичка дебата, особено во поглед на „натпреварот“ на системи и идеологии. Кинескиот модел на уредување досега повеќе го фалеа луѓе кои беа критично настроени кон Западот и кои гледаа некаква алтернатива во Кина. ККП, пак, досега беше со став: ние градиме сопствен, автохтон модел и сметаме дека можеме да одржиме лекција за некои работи, меѓутоа не се мешаме во внатрешните работи на другите - секој нека си го бира својот пат, секој нека си прави што мисли дека треба да прави и тоа е право на секоја нација. Но, ситуацијата со КОВИД-19 доведе до промена на овој став. Особено важна улога играа „хардкор“ односно „wolf warrior“ портпаролите на Министерството за надворешни работи на Кина, кои не само што велат „гледајте и учете од Кина, Кина покажува како треба да се справиме со ова“, туку и ги прекоруваат Западните земји за неодговорно справување со вирусот (на пример, „вие на Запад калкулирате, правите грешки, ви умираат луѓе…“), што пак предизвикува нови тензии на глобално ниво.
Се разбира, само од одредена временска дистанца ќе може да се увиди кој начин на справување со пандемијата бил најефикасен (иако тешко е да се зборува за универзално апликабилен начин). Во дискусијата беше спомената Шведска како интересен случај, која беше една од земјите кои не ги копираа кинеските мерки за справување со кризата (притоа е и во тензични односи со Кина), нудејќи поинаква парадигма и решение.
Идеализам и разочарувања
Она што е најзначајно и од што зависи развојот на настаните на глобалната економско-политичка сцена се односите меѓу САД и Кина, кои се најлоши од 1972 наваму, и кои во моментов се соочуваат со заемно рушење на идеалите и заемно разочарување. Тоа може да се илустрира со некои интересни извори.
Главната поента на книгата „Кина како привидение“ (The China Mirage) е дека уште од 19 век, периодот кога Кина како многу попросперитетно општество запаѓа во војни и кризи, Американците ја доживуваат како „втор дел“ на Америка, односно како една голема земја, каде што има бришан простор да се рашират либерални вредности, христијанството и, нормално, американскиот бизнис. Американскиот и, во голема мера, европскиот пристап кон Кина, впрочем отсекогаш бил таа да се промени и да стане како нас, дел од западната цивилизација. Тоа беше и логиката на приближувањето во 1970-тите и соработката сиве овие децении. Но, како што се менуваше балансот на силите, се менуваше и наративот, за во последниве години да дојде до голема промена во ставот на Американците. Па, така, дури и во националната стратегија на САД од пред неколку години стои терминот „disillusionment“ – Американците ја изразуваат својата разочараност што Кина, и покрај нивната добра волја и попуштање, не ги прави реформите што тие ги посакуваат.
Кинеските елити, пак, сакаат порамноправен светски поредок, односно поредок во кој нивниот глас ќе биде прифатен како еднаков на оној на Американците. Еден од главните интелектуалци во Кина, Јан Шјуетонг, во неговата книга „Водството и подемот на големата сила“ (Leadership and the Rise of Great Power), зборува за вредности и доблести, за развивање на заемна врска меѓу нациите базирана на почит, што на моменти делува дури и наивно. Слично, и Лиу промовира идеалистички пристап во „Проблемот на три тела“ кога се случува заканата од вонземјаните: во Обединетите Нации сите земји, со особен придонес на Кина, работат сложно, градат заеднички институции и светот доаѓа до консензус да избере неколку луѓе на кои доброволно ќе им делегира толкава одговорност да се занимаваат со наоѓање решение.
Но, оваа криза на КОВИД-19 доаѓа како момент на еден драстичен исчекор, кој како да ги крши тие заемни митови и ја разголува сликата на борба за превласт и моќ.
Паднати во замката на Тукидид?
Така, доаѓаме до она што се нарекува замката на Тукидид, лекција од Пелопонеската војна од 431-404 г. п.н.е., а тоа е дека кога имате една голема статус кво сила (тогаш Спарта, денес САД) и една сила во надоаѓање (тогаш Атина, денес Кина), тие неминовно ќе бидат во конфликт, затоа што првата сила ќе се осети загрозена, а надоаѓачката неиспочитувана (при што победник е статус кво силата).
На Слика 1 може да се види јавното мислење во САД во однос на прашањето на Кина. Нормално, и претходно имало осцилации, но никогаш не било олку лошо како што е денес во време на пандемијата. И, што е уште поважно, во средниот приказ се гледа дека нема толку голема разлика меѓу перцепцијата на републиканците и демократите кога станува збор за Кина; веројатно тоа прашање ќе ги обликува наредните претседателски избори во САД, а кој ќе победи нема да направи голема разлика во односите со Кина.
Слика 1: Јавното мислење во САД во однос на Кина (клик за повисока резолуција)
Во исто време, пак, во Кина преовладува чувството на фрустрација и незадоволство од третманот што Кина го добива на меѓународната сцена - дел од тој сентимент е канализиран преку „wolf warrior“ дипломатите, но тој останува да лебди и да ги формира ставовите на идните генерации.
Меѓузависноста и зависноста
Она што нуди некаков баланс на „реалистичкото“ читање на глобалната политика е економската меѓузависност помеѓу САД и Кина, која оди рака под рака со нивниот политички и економски натпревар. Капиталистичкото отворање на Кина е спротивно на интуитивниот марксистички пристап: освен што има за цел да донесе брз напредок, отварањето има за цел и од капиталистите од Западот да прави луѓе што ќе имаат интерес од стабилноста на Кина и на тој начин да создава меѓузависност (interdependence).
Шведскиот автор Јохан Лагерквист, кој во книгата „Тјананмен редукс“ го критикува Западот и неговата неолиберална идеологија (и особено ја критикува Кина), вели: Кина е „злобната империја“, меѓутоа таа е ставена во таа позиција од страна на корумпираните западни капиталисти, кои во 90-те години наместо да ја срушат ККП, водени од мотивот за профит продолжија да инвестираат, ја градеа меѓузависноста и сега едноставно ја доведоа Кина во водство.
Од кинеска перспектива, сите тие пазарни механизми, особено отвореноста и интегрирањето во глобалниот капитализам за ККП се инструмент за подобрување на нивната позиција при чекорењето кон следна фаза од она што тие го нарекуваат социјализам со кинески карактеристики. И токму преку градењето на таа меѓузависност со што повеќе влијателни актери, пред сè во бизнис-секторот во САД и во Западна Европа, се зајакнува и надворешниот интерес да се зачува стабилноста на владеењето на ККП и да се превенираат големи политички конфликти. Останува да се види колку меѓузависноста ќе спречи конфликт на близок или среден рок во светот по КОВИД-19.
Она што е извесно е дека Кина во оваа криза ќе настрада економски, како и сите други земји, меѓутоа нејзиното страдање, како и во 2008 година, ќе биде релативно помало од тоа на западните економии. ММФ проектираше оваа година Кина да има позитивен раст од 1,2% од БДП, за разлика од САД каде што се очекува пад од речиси -6% и еврозоната од -7,5%, што би било навистина голем успех за Кина (Слика 2).
Слика 2: Проценки на ММФ за пораст/пад на БДП (клик за повисока резолуција)
Притоа, извесно е дека и покрај растечкиот протекционизам и тензиите, Кина ќе остане една од главните дестинации за глобалниот бизнис. За големите западни компании шармот и моќта на привлечноста што ја има кинескиот пазар од 1,4 милијарди потрошувачи, на кои ќе им расте куповната моќ и апетитот за нови добра и растечкиот капацитет за иновации на кинеската економија е нешто што ја прави Кина да биде и понатаму да остане една од главните дестинации за многу бизниси во светот. Според последните истражувања на PwC и Американската стопанска комора во Кина, многу од странските инвеститори и покрај притисоците, ќе задржат бар дел од своите операции во Кина и позицијата на Кина во глобалните синџири за снабдување нема да биде значително ослабната. Тоа значи дека меѓузависноста ќе се одржи дури и во време на засилени тензии и конкуренција.
Значи, повторно, останува да видиме кое објаснување за светската политика ќе преовладее: претпоставката дека конфликт помеѓу големите сили е неминовен или претпоставката дека економската меѓузависност нема да дозволи натамошна ескалација на односите помеѓу САД и Кина.
Во дискусијата учествуваа: Никола Стиков, Владимир Трајковиќ, Атанас Кирјаковски, Илија Дуковски, Јордан Шишовски, Петар Поповски, Блаже Аризанов, Драган Тевдовски и Кирил Гаштеовски.
Литература што учесниците ја препорачаа за време на дискусијата:
1. „Проблемот на три тела“ - Лиу Цишjин (The Three-Body Problem – Liu Cixin)
2. New Yorker профил на Liu Cixin
3. „Супермоќите на ВИ: Кина, Силиконската долина и новиот светски поредок“ – Каи-Фу Ли (AI Superpowers: China, Silicon Valley, and the New World Order – Kai-Fu Lee)
4. „Кина како привид“ – Џејмс Бредли (The China Mirage – James Bradley)
5. „Водството и подемот на големата сила“ – Јан Шјуетонг (Leadership and the Rise of Great Power – Yan Xuetong)
6. „Тјананмен редукс: болната вистина за проширениот неолиберален поредок“ - Јохан Лагерквист (Tiananmen Redux: The hard truth about the expanded neoliberal world order - Johan Lagerkvist)
7. „Предодредени за војна: можат ли Америка и Кина да ја избегнат замката на Тукидид?“ – Грахам Алисон (Destined for War: Can America and China Escape Thucidydes’s trap? – Graham Allison )
Подготви: Наташа Атанасова