С(Ц)ИЕСТА СО САШКА ДИМОВА: Без инвестиции нема напредок во образованието
Сашка Димова ја напуштила Македонија веднаш по завршувањето на средното образование. Студирала и магистрирала економски науки во Бугарија, Унгарија и Австрија, а докторирала во областа на пазарот на труд на Универзитетот Архаус во Данска. Денес живее во Англија и работи во „Ранд корпорација“. „Ранд“ е американска непрофитна организација со долга и докажана посветеност на објективно и висококвалитетно истражување поткрепено со ригорозна анализа. Како европска рака, канцеларијата во Кембриџ, која е со стотина вработени, има помал опсег на теми на интерес, но има изградено емпириско разбирање на критични теми од областа на образование, вработување, здравје, внатрешни работи и социјални политики. Сашка е економист и работи во група посветена во подобрувањето на политиките од областа на образованието, здравството и безбедноста.
На последната С(ц)иеста таа ги сподели своите искуства од спроведувањето рандомизирани контролирани испитувања во областа на образованието, како алатки за мерење на ефикасноста на новите програми и исплатливоста на нивното спроведување во англискиот образовен систем.
Рандомизираните контролирани испитувања во англиското образование
За да објасни наједноставно како ги употребуваат рандомизираните контролирани испитувања, кои се попознати во областа на медицината, а помалку во општествените науки, Сашка како пример ја даде програмата под наслов „Nuffield Early Language Intervention“. Програмата е дизајнирана од Универзитетот Оксфорд и е наменета за деца од 3 до 5 години кои имаат проблем со развојот на јазикот – било говорни тешкотии, било тешкотии во комуникацијата. „Еден рандомизиран експеримент се дизајнира на тој начин што најпрвин, врз основа на релевантни критериуми, се регрутираат училиштата што ќе бидат репрезентативен примерок на училиштата во Англија. Потоа, ги разгледуваме факторите што можат да влијаат на финалниот исход на програмата (како што се, на пример, регионите во кои се наоѓаат училиштата, бројот на ученици кои може да добијат бесплатни оброци на училиште или друг социо-економски фактор) и кога ќе ги одредиме, ги рандомизираме училиштата. Рандомизацијата може да биде или на ниво на ученик или на ниво на училиште, и потоа се прави поделба на интервенциска група и контролна група“, објаснува Сашка.
Резултатите од испитувањето на успешноста на новите програми во Англија се утврдуваат со стандардизирани тестови
Ваквите истражувања, како што кажува таа, најчесто ги финансира фондација формирана директно од владата на Англија (Education Endownment Foundation), која досега има финансирано повеќе од двесте рандомизирани контролирани испитувања. Притоа, главната цел е да се намали образовниот јаз помеѓу напредните ученици и учениците кои заостануваат.
Откако рандомизираното контролирано испитување ќе се спроведе, за да се одреди ефектот што се постигнал со програмата кај интервентната група во однос на контролната, сите ученици што биле опфатени со испитувањето прават стандардизирани тестови. Стандардизираните тестови можеби не се секогаш најдоброто решение, но се поевтини, а со тоа и рандомизираниот експеримент, кој генерално е прилично скап проект, чини помалку.
Комплементарно на секоја евалуација на резултатите што ги дала програмата кај учениците, се прави и евалуација која вклучува анкети на образовниот персонал во училиштата, преку која се добива индикатор за тоа колку добро секое од училиштата ја има имплементирано програмата и кои биле пречките или олеснувачките фактори при имплементацијата. „На крајот може да се види ефектот и само кај оние училишта кои ја имплементирале програмата онака како што треба, онака како што имале предвидено тие што ја дизајнирале“, истакнува Сашка.
Програмата што се тестираше во 200 училишта, потоа се спроведе во 7.000 училишта низ Англија
Рандомизираното контролирано испитување за програмата „Nuffield Early Language Intervention“ било имплементирано во 200 училишта. На крајот на евалуацијата, главниот заклучок бил дека програмата е ефикасна: децата кои заостанувале во развојот во поглед на јазичните способности, 20 недели интензивно работеле со асистенти-учители во мали групи или индивидуално и кај нив бил забележан напредок од 3 месеци во поглед на нивните јазични вештини, споредено со децата од контролните училишта. Освен што со евалуацијата се утврдило дека програмата е успешна, нејзиниот успех Сашка го гледа и во тоа што самите училишта каде што програмата била експериментално воведена изразиле интерес да продолжат да ја спроведуваат. Владата на Англија летово одлучила да оддели милијарда фунти за стратегија за надоместување на утврденото општо заостанување во образованието кај учениците поради кризата со КОВИД-19, така што оваа програма се проширила и денес е спроведена во 7.000 училишта во Англија, што за Сашка е навистина голем успех и гордост. Во исто време, кажува таа, оваа имплементација е повторно под лупата на „Ранд“, кој се јавува како евалуатор на целиот проект на национално ниво.
Стандардизираните тестови и македонското образование
Стандардизираните тестови со кои Сашка истакна дека најчесто се утврдуваат резултатите од испитувањето на успешноста на новите програми во Англија, постојано се мета на критики во националните образовни системи што ги практикуваат. Сашка вели дека во Англија тие не примаат толку критики, иако било контроверзно оценувањето по пат на машинско учење што било предложено минатата учебна година со цел да се дојде до најобјективните оценки. „Според мене, во моментов, националните стандардизирани тестови се единствениот начин за да донесеме заклучоци која е разликата помеѓу одредени училишта, колку учениците се разликуваат во успехот, кои се областите каде што децата најмногу заостануваат... – за да може правилно да се насочат повеќе финансии кон вистинските цели. Во Англија се увиде дека децата поради КОВИД навистина заостануваат, и покрај тоа што најголем дел од времето училиштата успеаја да останат отворени, и дека таму треба да се насочат средства“, вели Сашка.
Ние како држава мораме да се преиспитаме какви програми спроведуваме и во што реално треба да се инвестира
На прашањето колку од овие работи можат да бидат применливи и во Македонија, таа вели дека работите се применливи, меѓутоа дека постои голем проблем во нашиот образовен систем: „Тенденцијата сите да имаме само петки кај нас направи да не знаеме што не знаеме. Создадовме систем каде што сите по секоја цена треба да добиеме петки, сите по секоја цена треба да се запишеме на факултет и по секоја цена сите треба и да го завршиме. Настана еден таков хаос и во образованието, и во целото општество што ние веќе не знаеме кој знае, а кој не знае. Сите сме одлични, сите знаеме. А тоа се рефлектира и во нашите институции кои треба да ги кројат образовните политики, на кои не им се потребни експерти, затоа што, едноставно, сè си знаат.“
Сашка вели дека кај нас во образованието нема ни пилот-студии за да видиме колку добро може да се имплементира нешто ново и дека сме далеку од вакви истражувања како тие на кои работи таа, кои вклучуваат стотина училишта и чинат многу. „Кај нас веднаш се носат избрзани одлуки на национално ниво и според тоа со сигурност можам да кажам дека нема никаква консултација со експерти за нив. Ние како држава мораме да се преиспитаме какви програми спроведуваме и во што реално треба да се инвестира. Да, овие експерименти што ги правиме ние се скапи, но сè е инвестиција. И образованието е голема инвестиција“, коментира Сашка, потенцирајќи дека не можеме да очекуваме некои работи да се променат ако не инвестираме. Или, пак, ако во моменти кога од некаде мора да се крати, со најголема леснотија си кратиме од образованието.
Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа: Менка Стојанова, Петар Поповски, Кирил Гаштеовски, Марјан Попов, Илина Јакимовска, Илија Дуковски, Весна Бачева, Ирена Дуковска, Бојан Ангелов, Ивана Николоска и Горан Купенков.