С(Ц)ИЕСТА СО НИНА ГЕОМЕТРИЕВА: Поважна ми е влијателноста од авторските права
Ако ја изгуглате Нина Геометриева, ќе добиете резултати само за една личност и тоа што ќе го видите, ако имате склоност кон дизајн, во најмала рака ќе ве фасцинира. Ако имате малку повеќе време, можете да поминете часови и часови, да следите линкови од најразлични мрежи и платформи и да читате и гледате нејзини работи.
Нина беше гостинка на последната С(ц)иеста на 10 февруари, каде што се приклучи на Зум од Јапонија и зборуваше за нејзиниот кариерен и дизајнерско-уметнички пат, кој почнал сосема случајно за да ја одведе до Google Maps во Јапонија, каде што работи и живее сега.
Дизајн од нога
Како што кажува таа, во времето кога студирала на Електро (каде што издржала само година-две) и била дел од „Дисфилхармонија“, почнала да прави постери за настапите, па тоа ѝ станало толку интересно и почнала да ги објавува на Фејсбук. По 6 месеци ја исконтактирале од стартап фирма од Скопје и се вработила таму како дизајнерка, нешто што во тоа време не ѝ се верувало дека можело да се случи. И токму тогаш, пред точно девет години, ѝ почнала дизајнерската кариера. Сè што научив за дизајнот, научив од нога – не се вратив на факултетот, не студирав, не учев дизајн, туку се учев сама низ работа и со гуглање, вели Нина и додава дека фриленсерското работење ѝ помогнало да развие однос со луѓето од надвор, да си го подобри англискиот и да развива разни концепти за разни типови на дизајн.
Сакам да бидам UX дизајнер
Потоа, почнала дизајните да ги објавува на Behance и Dribbble и некои од нејзините проекти добивале навистина многу внимание, а со нив почнале да доаѓаат и многу понуди за работа во странство. „И одеднаш ме викаат да работам во Виена! Со Дамјан без размислување отидовме без виза и работев таму три месеци“, вели Нина, која кажува дека овојпат тоа било во маркетинг-агенција и таму почнала „да разбира некои работи за дизајнот“. Потоа била и во Берлин, ама главната цел со нејзиниот партнер им била да одат на исток: Јапонија, Хонгконг или Сингапур. „Најмногу сакавме во Јапонија и почнав да аплицирам, ама сфатив дека е претешко да се преселиш во јапонска компанија без да го знаеш јазикот и без да имаш диплома – таму образованието е многу, многу битно“. Така, Јапонија отпаднала и на првата понуда од Сингапур, заминале таму.
Заштитата на авторските права би спречила дизајнот да стане вирален и да ме направи влијателен дизајнер
Нина работела во стартап, каде што почнала да сфаќа дека повеќе сака да работи на самиот производ отколку на графичкиот дизајн и маркетингот. Сакала да навлегува во с’ржта на производот и поради тоа почнала повеќе да размислува за корисничкото искуство. „Таму ми беше пресвртната точка: сакам да бидам UX дизајнер и ќе пробам да станам“, се сеќава таа. Од таа фирма по една година отишла во друга, во најголемата апликација за запознавање во Југоисточна Азија, каде што работела две години за да сфати дека тоа повеќе не е за неа. За UX (user experience) дизајнер, потребно е клучните луѓе во фирмата да имаат разбирање и да му даваат приоритет на корисничкото искуство, нешто што не дава секогаш резултати веднаш, туку е долгорочна инвестиција што се исплаќа со верноста на среќните корисници. „Тој концепт беше незамислив за луѓето со коишто работев и сфатив дека морам да отидам на друго место, во друга средина каде што ќе можам да го развивам тоа“, вели Нина.
Јапонија и Google Maps
И, конечно - Јапонија. Во Јапонија дошла преку Гугл, каде што се вработила во Сингапур. Работела на иницијативата „Next billion users“ наменета за брзорастечките пазари и преку неа почнала да работи на апликација за плаќање во Индија, која се покажала како особено успешна. Оттаму, се преселила во Јапонија и се придружила на Google Maps: „Делот на којшто јас работам во Google Maps е „User generated content“, односно сè што е поврзано со придонесот на корисниците. Пред да се придружам на тимот, немав поим колку од информациите на Google Maps зависат од луѓето. И кризата со КОВИД го покажа тоа – кога луѓето престанаа да излегуваат, а места почнаа да се затвораат и немаше кој да пишува рецензии за тоа, па мапата привремено ни се скрши. Луѓето почнаа да зборуваат дека Google Maps не е точен, дека нè носи до места што не постојат. Но, за брзо време, со олабавувањето на мерките насекаде, луѓето почнаа повторно да придонесуваат и мапата се врати во нормала по почетокот на кризата“.
И покрај нејзината работа како дизајнер на корисничко искуство, таа продолжува да си „игра“ со графичкиот дизајн и да ја развива својата специфична естетика. Така, се раѓа еден од нејзините најпознати дизајни, дизајнот на планетите кој станува вирален и сигурно сте го виделе на многу места без да знаете дека всушност е нејзин. На прашањето дали ако се врати назад во времето, би сменила нешто во поглед на објавувањето на дизајнот и заштитата на авторските права, таа вели дека иако на почетокот се нервирала кога ќе видела дека некој ѝ го краде дизајнот и пријавувала, денес смета дека не би сменила ништо. „Заштитата на авторските права би спречила дизајнот да стане вирален и да ме направи влијателен дизајнер, а мене тоа ми е многу поважно отколку некој да ми го пише името“, вели Нина, која повеќе сака да се фокусира на тоа од неа да излегуваат што повеќе креативни работи отколку да се занимава со правна заштита на направеното.
Дизајнер vs. уметник
Повеќе би сакала да бидам позната како уметник отколку како дизајнер, вели Нина на ова директно прашање. Мислам дека така ќе имам повеќе слобода да решавам како да ја развивам мојата кариера. Кажува дека периодов е ептен навлечена на криптоуметноста, која е многу интересен начин за пренесување на динамиката од физичкиот свет во дигиталниот. Дигиталната уметност досега немаше голема вредност, затоа што од едно дело можеше да се направат милион копии. Ама блокчејн-технологијата дава решение со тоа што успева да направи од едно уметничко дело да има само една копија и само еден сопственик. „Не се интересирам за криптоуметноста толку поради лиценците и авторските права, туку поради испитувањето на можностите. Сега се случува бум во дигиталниот свет со местата како Superrare, NiftyGateway... Можеш да купиш дел од одредено уметничко дело, на пример крило од слика со птица, па уметникот може да ти понуди неколку вида крила, а ти да си одбереш која варијанта на крило ќе биде дел од уметничкото дело“, со восхит раскажува Нина, која вели дека длабоко е навлезена во истражување на овој свет и сака да стане дел од него. Дел од тој свет во кој уметноста се редефинира и станува едно големо играчко искуство.
БОНУС ИНФО:
Ако и вас ве интересира од каде потекнува презимето Геометриева, еве го одговорот на Нина: „Јас сум Георгиева, ама бидејќи имаше толку многу Нини Георгиеви на Гугл, си го сменив во Нина Геометриева за да излегувам прва“ 😊.
А, Нина Киборгиева, пак, е сосема друга приказна: https://www.instagram.com/geometrieva/
Дискусијата ја водеше Костадин Граматиков, а во неа учествуваа: Никола Стиков, Илина Јакимовска, Влахо Костов, Мирон Мимидиновски, Владимир Кузмановски, Ивана Николоска, Дејан Порјазовски, Горан Купенков и Марија Дренковска.