Мали огласи (и останати корисни информации)
Секција за споделување повици за стипендии, вести за отворени позиции во лаборатории или компании, известувања за конференции, линкови за научни трудови или интересни статии... па и покани за пиво :)
Знаеме дека не сакаме преполн инбокс на меил, ама знаеме и дека сакате да споделуваме интересни и корисни работи кои можат да поттикнат дискусија или соработка. Токму затоа, тука на Сабстек, почнуваме секција за мали огласи (и останати корисни информации).
Ажурирано на 25 август:
Од Ирена Стојковска: Сојузот на математичари на Македонија веќе две години организира Есенски математички школи за ученици од четврто одделение со четврта година. И оваа година би требало да организираме, ќе има соопштенија на страната на СММ во текот на месец септември. Школата би била во октомври и ноември во саботите. Повеќе информации за претходните школи на https://smm.org.mk/skoli/matematicki-skoli/ А на истата страна ќе има и информација за овогодинешната школа. Ако имате прашања може и да ме исконтактирате на мејл irena.stojkovska@gmail.com.
Од Ивона Кафеџиска: јас топло би го препорачала Збир. Мислам дека родителите нема да погрешат ако си го запишат детето таму. Сопстевеникот на училиштето, а воедно и еден од наставниците таму, е Стефан Лозановски. Јас лично го знам Стефан и е исклучително добар математичар, а неколку пати ја има и претставувано Македонија на светската олимпијада по математика. Пред некое време објави и книга:
https://www.olympiadgeometry.com/
и секоја година - заедно со другите наставници во Збир - спрема талентирани и млади математичари за натпревари. Ретко кое дете останало без награда - секако доколку навистина ја сакаат математиката и вложуваат труд за да напредуваат. :)
Во секцијата планираме да објавуваме:
- повици за стипендии;
- вести за отворени позиции во лаборатории или во компании,
- медиумски написи од/за членови на С(ц)иеста
- кратки известувања за конференции или патувања на кои би сакале да се поврзете со членови на групата,
- линкови од научни трудови или интересни статии...
Со други зборови, сè што е од интерес на нашата С(ц)иеста заедница. Кога ќе имате нешто такво, испратете ни го на: info@kantarot.mk и ние ќе го прикачиме тука.
Под огласите и информациите (кои планираме редовно да ги ажурираме за во секое време да бидат релевантни), слободно можете да коментирате во врска со нив или да пишете дека патувате некаде на конференција или да ни кажете дека барате друштво за пиво, на пример 😊. На овој начин се надеваме дека секцијава ќе заживее како некој вид форум во кој членовите на С(ц)иеста ќе можат лежерно да комуницираат меѓу себе без преплавен инбокс и здодевни нотификации.
Еве неколку работи што сметавме дека треба да се најдат на нашата „прва огласна табла“:
1. Инспирана од нашата С(ц)иеста за научна фантастика (нагалено sci-fiesta:) ), Наташа Атанасова го преведе есејот на Урсула К. ле Гвин (воведот во „Левата рака на темнината“) за тоа зошто се чита научната фантастика и како иднината во научната фантастика не е тука за да предвиди, туку за да опише. Есејот го имате на ЛИНКОВ.
2. Илина Јакимовска објави осврт за книгата „Песна за новиот ден“ (А Song for a New Day) од Сара Пинскер. Романот е објавен во септември 2019 година и минатата година ја освои наградата „Nebula“ за најдобра научна фантастика. Книгата опишува свет поделен на Пред и После како резултат на пандемија. Луѓето живеат во изолација и во страв од близина со другите, јавните настани се забранети и единственото место каде што нешто се „случува“ е онлајн... Доколку овие сличности не ве наежија, да додадеме дека барот во кој се одвива голем дел од дејствието се вика... „2020“!
3. Петар Поповски има отворени позиции за истражувачи во неговата група на Универзитетот во Алборг. Доколку сакате да работите со Петар, можете да му се обратите на petarp@es.aau.dk, а подолу е неговиот Автостоперски водич за истражувачи, кој најпрвин беше споделен на македонски на С(ц)иеста (линк), а сега е достапен и на англиски (тука).
4. Никола Стиков ќе биде во Северна Америка до 15 декември. Базата е Монтреал (очекувајте неколку лежерни сциести од таму :) ), но во средината на октомври ќе скокне и до Северна Калифорнија. Ако сте во Монтреал или во Bay Area пратете меил на stikov@gmail.com за дружба.