С(Ц)ИЕСТА СО ИВО ЏИДРОВСКИ: Моделирањето органи со матични клетки е иднината на медицината
Овој наш млад научник успеал да го открие вистинскиот начин за моделирање дишни патишта од матични клетки во рамки на проект под покровителство на тренинг-мрежата Марија Кири Интернешнл.
Ако нашите написи ти значат, размисли да станеш платен претплатник. Тоа е најдобриот начин да нè поддржиш во ова што го правиме.
Иво Џидровски на 12 години се сели во Лион, во Франција и целото образование му е на француски и англиски. Завршува факултет по биологија на Лион 1 Клод Бернар и уште тогаш го воочува потенцијалот што истражувањата во областа на матичните клетки ќе го имаат во иднина.
Стажира на Институтот Луј Пастер (Louis Pasteur), каде што се покажал како вистински палавко во лабораторијата, a потоа и на И-стем (I-Stem), најголемиот институт за матични клетки во Франција. Тука, всушност, ја почнува својата работа со моделирање матични клетки. Во институтот работат на ретки генетски болести како резултат на мутација во еден ген. „Кога имаш една мутација во генот, можеш многу лесно да моделираш со матични клетки и да ја корегираш таа мутација со CRISPR-технологија за генетски модификации, па да направиш еден модел со болест, еден без болест и да ги проучуваш двата во паралела“, вели Иво. Поучен од претходното искуство за тоа што не треба да се прави во лабораторијата, тука учи што треба да се прави и како се работи, па стекнува добри референци.
Работата во меѓународниот проект In3
Hа докторски студии заминува на Универзитетот Њукасл, во Англија, каде што работи во лабораторијата на албанската научничка Мајлинда Лако, на проект под покровителство на тренинг-мрежата Марија Кири Интернешнл (ITN) (https://estiv.org/in3/progress.html).
Чисто за појаснување, под ин витро се подразбира сè што се прави во лабораторија, ин виво е работа во живо суштество, а ин силико е компјутерска симулација или предикција. Проектот на кој работел Иво се вика In3 project и целта е да се направи ин витро модел со помош на ин силико методи, со кој ќе се замени тестирањето на животните во доменот на токсикологијата. „Ако фармацевтската индустрија сака да тестира нова молекула или хемиската индустрија, некое ново средство што не се знае дали е штетно за луѓето, наместо да користи животни, ќе го користи нашиот ин витро-ин силико модел. Меѓу животните и човекот секако има разлики – немаат исти транспортери, немаат ист метаболизам; да, има цел организам, меѓутоа не можеш на ист начин да ги предвидиш работите како што би можел во човечки модел заедно со компјутерски модел“, вели тој.
Многу поетичко е користењето на ин виво-ин силико модел од матични клетки од користењето животни растени за тестирање.
На мултидисциплинарниот проект работат 15 истражувачи со разни експертизи од цел свет, а за овие позиции имало над 2.000 апликанти. Иво работел на развивање модел на дишни патишта од матични клетки. Една година растел и развивал матични клетки во клетки какви што има во белите дробови и бил прилично горд на својата работа, сè додека не отишол на конференција на ESTIV во Берлин, каде што сфатил дека ин витро моделирањето на дишни канали во светот оди во насока на модел кој се развива на интерфаза воздух и течност.
Ги искористувa новите сознанија и ги зема органоидите што ги правел, топки од клетки и од нив ги вади базалните клетки, кои еден месец се растат во течност, потоа го продолжува развојот на течност и воздух дополнителен месец што предизвикува трансфoрмација во другите клетки од дишните патишта, како цилијарните, кои имаат движења со кои создаваат слуз. И – успева! Успева да направи модел кој потоа се патентира во фирмата на неговиот шеф, Newcells biotech Ltd.
Како што ќе се развива науката во иднина, ако некој добие рак, ќе може на неговите клетки да се направи брз скрининг и да се дознае која молекула би била најефективна за тој тип на рак и која би била дозата.
Додека Иво е во лабораторијата во којашто прават модел на бели дробови, се појавува SARS-CoV-2, односно новиот коронавирус, кој главно ги напаѓа токму белите дробови. Бидејќи рецепторот што го користи вирусот за да ги инфицира клетките на белите дробови, ACE2 го има во нивните модели, тие пробуваат да го инфицираат моделот, во соработка со Универзитетот во Ливерпул. Резултатите покажале дека вирусот може да го инфицира моделот од матичните клетки, кој по инфекцијата почнува да испушта цитокини (IL-6, IL-12, IL-8, Interferon-gamma (IFNG) и IL-1β) на сличен начин со ин виво (цитокинската бура кај луѓе што биле инфицирани од вирусот).
Етичка дилема – нема!
На прашањето за тоа дали има етички дилеми во врска со моделирањето човечки органи од матични клетки, Иво вели дека според него сето тоа е етички исправно. Тој работи со индуцирани матични клетки (IPCS) кои се поразлични од ембрионските. Индуцираните се добиваат од кое било човечко ткиво (кожа, урина, влакно...) на возрасен човек и можат да се трансформираат во ембрионска состојба каде што се комплетно наивни, немаат никаков идентитет и можат да станат што било. За оваа технологија, како што кажува Иво, јапонскиот научник Шинја Јаманака во 2012 година ја добива Нобеловата награда за физиологија или медицина и тоа е една од причините што го привлекла оваа област на истражување.
Уште повеќе, тој смета дека е многу поетичко користењето на ваквиот метод од користењето животни растени за тестирање, а дополнително предвидува: „Како што ќе се развива науката во иднина, мислам дека секој ќе може да дава клетки. Да речеме, некој добил рак. На неговите клетки се прави брз скрининг и веднаш се дознава која молекула би била најефективна за тој тип на рак и која би била дозата. Денес е сè уште рано за тоа, ама за дваесет години со автоматизација, стандардизација и промена на регулацијата, мислам дека ќе се дојде дотаму“.
Работа на својата фирма In3 Solutions
Во моментов, Иво е во Македонија. Зошто избрал да се врати? Па... „Затоа што овдека имам жена, не плаќаме кирија и евтин е животот. И има многу добар патлиџан, како нигде у свет, па лубеница, смоква... тоа беше нешто што многу ми фалеше во Англија. Има и сонце. Во Англија сонце не видов четири години, сакав да ја згреам душата, да си се вратам дома, бабина супа да сркнам. Сега животот ми е многу интересен, супер ми е“, вели тој и добива молба од заминатите од Македонија да не им ја разгорува носталгијата 😊.
Битно, Иво сега има фирма тука – In3 Solutions, чија главна дејност се решенија за одржување научни конференции и тренинзи – онлајн и хибридни, со учесници во живо и онлајн. „Платформата е многу интерактивна, како учесник си во 2Д-средина, кога ќе се доближиш до некого можеш да разговараш со него, кога ќе се оддалечиш веќе не се слушате. И во истата соба ако има 50 луѓе, може да има три групи на дискусии, кои не си пречат една со друга“, објаснува тој и дава отворена покана платформата да се проба за некоја идна (лежерна) С(ц)иеста.
Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа: Кирил Гаштеовски, Дагана Стикова, Ордан Чукалиев, Симон Џидровски, Тања Павлеска, Ивана Николоска, Елисавета Стикова, Харис Бабичиќ и Илија Дуковски.