С(Ц)ИЕСТА СО ЕЛЕНА Б. СТАВРЕВСКА: Нееднаквостите и политиките за справување со КОВИД

Како политиките за справување со КОВИД влијаат на нееднаквостите? Дали постоечките нееднаквости се земени предвид при донесувањето одлуки и политики за справување со кризата - и кај нас и во светот?

Ако нашите написи ти значат, размисли да станеш платен претплатник. Тоа е најдобриот начин да нè поддржиш во ова што го правиме.

Елена Б. Ставревска од Македонија заминува во 2005 година, кога со стипендија од Фондацијата Отворено општество додипломските студии ги продолжува на Универзитетот Вашингтон во Сиетл. Во годините што следуваат кариерниот пат ја води низ многу универзитети и низ повеќе земји од светот. 

Уште како мала, за време на југословенските војни почнале да ја интересираат прашањата за мирот, насилството и војните. Така, од студирање европско право, полека се врти кон меѓународни односи, безбедност и мировни студии (во магистерската) и политички науки, област во којашто докторира на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта.

Во моментов е дел од научниот кадар на Лондонската школа за економија и политички науки и работи на истражувањето „Родов мир“ (Gendered Peace), фокусирано на родовиот и на политичко-економскиот аспект на разбирањето на мирот и насилството.

Иако е надвор од земјава, Елена со години наназад ги следи општествено-политичките случувања тука. Сакајќи да придонесе кон разбирањето на одредени прашања што го засегаат нашето општество, таа почнува и учествува во повеќе иницијативи. Во 2014 година, по предлогот за нов закон за високо образованиe со пријателите-научници Љубица Спасковска, Анастас Вангели и Горан Лазаревски иницираат веб-страница која служи како платформа за споделување различни мислења, првично поврзани со законот, што тој значи и како може да се гледа на него, а потоа и за други општествени теми. „Функциониравме преку таканаречени виртуелни заседанија, кои се состоеја во поставување едно прашање и одговори на различни луѓе од различни перспективи. Иницијативата обединуваше луѓе во и вон Македонија, па ја нарековме Прекуграничен комитет“, вели Елена и кажува дека заседанијата се занимавале со различни теми, од урбаното планирање, работничките права, до протестите...

Деколонизација на знаењето

Во моментов со колеги од општествени науки од регионот работи на неколку иницијативи поврзани со трендот на деколонизација на производството на знаење, како што е примерот со Yugoslawomen+ колективот. „Во мојата област, во областа на меѓународните односи, за Балканот постои речиси целосна колонизација на концептите и најчесто има само две асоцијации: војни и насилство. Балканските земји не се гледаат како можен производител на знаење, туку како ‘производител’ на нестабилност и место каде се тестираат различни теории на меѓународни односи“, објаснува Елена.

Учењето колку што е учење, толку е и одучување.

Проблемот на колонизацијата на производството на знаењето, како што појаснува Елена, е поврзан со физичката колонизација на земји, каде што „белиот спасител“ се претставувал дека знае што е најдобро за субјектите на колонизацијата, а тие биле третирани единствено како физички ресурси, без способност за интелектуално творење: „Дури и по завршувањето на процесот на физичка деколонизација во светот, менталната и интелектуална деколонизација продолжува и денес. Покрај Латинска Америка, Африка, Блискиот Исток, делови од Азија, со ова се соочува и Балканот, иако на свој специфичен начин. Така, и покрај тоа што е физички дел од Европа, како што убаво објаснува Марија Тодорова во нејзината позната книга Замислувајќи го Балканот, Балканот често е портретиран како Другиот во однос на ‘цивилизираната’ Европа.“

Ваквите размислувања, според Елена, се гледаат и на ниво на автоколонизација – во Македонија, на пример, многу повеќе се цени што ќе каже некој меѓународен експерт за Македонија отколку квалитетните истражувања што се прават во земјата: „Би рекла дека колку што учењето е учење, толку е и одучување – од патријархатот, од колонизацијата...

КОВИД-кризата, продлабочување на нееднаквостите и соработка помеѓу науките

Помеѓу другото, последнава година Елена работи и на истражување поврзано со политиките што разни држави во светот ги имаат како одговор на КОВИД и особено родовиот аспект на тие политики. Тоа што ја интересира е како овие политики влијаат на нееднаквостите и дали постоечките нееднаквости се земени предвид при донесувањето одлуки и политики за справување со кризата, односно дали е земено предвид како истите политики различно влијаат на различни делови од популацијата. „Кога се носи мерка за целосно затворање во една земја и за недвижење, на пример, тоа различно влијае на луѓе кои се дел од неформалната економија, на пример, и чиј опстанок зависи од излегувањето од дома. Ним мерката драстично им го менува животот за разлика од оние меѓу нас кои можат да работат од дома. Во Македонија немам видено дека е направена ваква студија за тоа како се погодени различни делови од општеството од мерките, а би било корисно да се знае“, вели Елена. 

Треба да се смени тонот на обраќањето кон јавноста. Важно е да се зборува со луѓето како со луѓе.

Дополнително, нееднаквостите се видливи и во однос на вакцинацијата - од недостапноста на вакцини, до пристапот кон заедници кои заради различни, понекогаш историски причини имаат недоверба кон институциите. Ова во одредена мера укажува и на недоволната соработка помеѓу природните и општествените науки. Според неа, тоа што го гледаме денес е дека децениите инвестирање во природните науки резултира, помеѓу другото, со брзото развивање на вакцини, што е за поздравување. Но, од друга страна, децениите намалено финансирање на општествените науки доведуваат до тоа да немаме податоци кои ќе ни укажат што ни следува, било тоа да е од аспект на улогата која довербата или нееднаквостите ја играат во процесот на вакцинирање, или од аспект на кампањите на дезинформации и нивното влијание на популацијата. 

Елена препорачува дека тоа што треба да се случи во многу земји, а и кај нас, е да се смени тонот на обраќањето кон јавноста. Луѓето кои не се вакцинираат често имаат причина за своите резерви. „Има луѓе кои се склони кон теории на заговор, меѓутоа има и луѓе кои имаат легитимни задршки и важно е да се зборува со луѓето како со луѓе, да се разговара за прашањата кои постојат, да се понудат одговори“, истакнува таа. Науката е постојано во потрага по одговори и кога ќе наиде на нешто што не е во согласност со тоа што веќе го знаеме, го поставува следното прашање… На сличен начин треба да се пристапи и кон ова прашање - како најдобро да се заштити и промовира јавното здравје без дополнително да се маргинализираат одредени поединци и заедници?  

За крај, Елена вели дека можеби најважно е што учиме од оваа пандемија за во иднина: „Земјите кои се имаа справувано со ебола поподготвено одговорија на пандемијата, а ние како да не научуваме ништо од тековнава пандемија. И од аспект на одговорноста, протоколите, довербата меѓу луѓето, во институциите – и во здравствените, па и во образовните... не сум сигурна дека се прави што било за да ја пребродиме оваа или да ја дочекаме поподготвени следната – а сигурно ќе ја има!“

Според неа, клучот на светско ниво лежи во координацијата на природните и општествените науки, а кај нас и во соработката меѓу научниците и научничките родум од Македонија за да се извлече повеќе од тоа што заеднички можат да придонесат.


Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа: Илина Јакимовска, Марина Матеска, Илија Дуковски, Тања Павлеска, Ивана Николоска, Драгана Стикова, Милка Ивановска Хаџиевска, Кирил Гаштеовски, Билјана Гаштеовска и Матеј Плавевски. 

Share

Share KAHTAPOT