БУКИпедија со 5 зошто, 5 затоа
За еден живот исполнет со пишување, за Буки од себична гледна точка и бонус хаику-трака-поука
Кога бев дете, нештата што беа синоним за најголема концентрација на знаење беа енциклопедиите. По дома сите ја имавме познатата црвена книга „1000 зошто, 1000 затоа“, која ни даваше одговор на многу прашања, па и на онаквите на кои никогаш немаше да ни текне да ги поставиме и нè учеше да бидеме љубопитни и да продолжиме да (се) прашуваме.
Ама, тоа беа други времиња. Денес, сите ние по цел ден го имаме со нас најголемиот извор на знаење – интернетот. За сè што нè интересира куцкаме ли куцкаме дури не нè здоболат прстите, очите и вратот.
Како човек што се занимава со пишување од утро до мрак, мојата секојдневна пишувачко-куцкачка рутина изгледа вака:
станувам и уште неизмиена одговарам на пораки што стигнувале додека сум спиела;
седнувам да работам и пишувам привлечни објави за социјални медиуми, пишувам слогани што се лепат за уво, пишувам комерцијални текстови кои не треба да се забележат дека се комерцијални, пишувам сценарија за радиореклами кои ќе ве натераат да се заслушате дури возите, пишувам пораки за уникатните честитки на македонски јазик од брендот Ај честито кои ќе им го разубават мигот на оние на кои ќе им ги подарите, пишувам дипломатски меилови, своерачно потпишувам сè што ќе ми каже партнерката дека е итно најчесто и без да прочитам (упс, да!), фаќам белешки од состаноци и правам детални (писмени!) планови за работа (дневни, неделни, месечни...);
на паузите пишувам коментари на социјални мрежи за сè што ќе ме восхити или изнервира;
кога ќе се вратам дома пишувам списоци за пазарување, пишувам домашни со ќерка ми (добро, таа пишува, ама убаво звучи кажано вака на македонски, па морав 😊), пополнувам уплатници за сметки, активности, претплати...
обично навечер, додека очиве не ми паднат на пола копје, пишувам и за мојот блог Блен.мк. Пишувам рецензии за книги (т.е. пишувам за оние што пишуваат добро), правам интервјуа (многу од нив со пишувачи), им пишувам на интересни луѓе теми и идеи со цел да ги поканам да пишуваат за неделната рубрика Книжевен ГоБЛЕН...
Во некои други слободни времиња, пак, пишувам текстови како овој 😊. Затоа што кога гледам дека Никола прави алатка за транскрипција на македонски јазик, со која еден ден ќе можам пола од овие работи да ги правам со зборување (и со тоа да ги штедам прстите, очите, вратот и, секако, времето – како што правеле големите писатели кога им потфрлувало нешто од погорниве работи, па диктирале) – чувствувам и желба и обврска да ги засукам ракавите, да ги наострам прстите и колку можам да (си) помогнам.
За таа цел, составив една мини БУКИпедија, која во стилот на денешниот брз начин на живеење, се вика „5 зошто, 5 затоа за Буки“. НАПОМЕНА: Ако мислите дека ќе ги видите истите од Фејсбук – се лажете! Па оние прсти од сликана не се исковчени од копи-пејстови 😊
1. ЗОШТО Буки?
ЗАТОА што веќе е многу добар, транскрибира со 99% точност, не меша македонски со други словенски јазици, става интерпункција каде што треба и многу малку греши.
2. ЗОШТО толку бука околу Буки?
ЗАТОА што јазикот не го даваме, си го сакаме, го зборуваме и оваа алатка ни треба за да (з)бучиме во дигиталниот простор на македонски, јасно и гласно.
3. ЗОШТО да го тестирате Буки?
ЗАТОА што сите повеќе им веруваме на своите очи 😊.
4. ЗОШТО да донирате глас за Буки?
ЗАТОА што сложни браќа куќа градат, што ќе посееме тоа ќе жнееме, а Буки јазик чува.
5. ЗОШТО му е потребна поддршка на Буки?
ЗАТОА што со секое споделување на социјалните мрежи, со секоја претплата на овој Сабстек-канал, со секое спомнување пред пријатели, со секое читање на реченица-две правиме нешто за нашиот јазик, односно за нас, за оние околу нас и за оние што доаѓаат по нас.
За крај, ветената хаику-трака-поука:
Зар не сме тука
и да правиме бука
сосе наука