Пред месец дена го објавивме Буки, новата алатка за транскрипција на македонски јазик. Вложивме многу време, пари и нерви во Буки, но позитивните реакции во јавноста нѐ убедија дека не треба да застанеме тука. Со овој напис сакаме да ве мотивираме и вие да придонесете кон нешто што е бесплатно, квалитетно и неопходно за зачувување на македонскиот јазик.
За сите наши сегашни и идни поддржувачи, БУКИ-рајте го 26 декември за промоцијата на Буки 2.0! Деталите се зад paywall на крајот од постов. Клик на синото копче ќе ви даде можност да нѐ поддржите финансиски, а другите видови на поддршка се објаснети подолу.
ЧИТАЈТЕ НА ГЛАС ЗА БУКИ 2.0
Буки функционира извонредно, но секогаш може и подобро. Бесплатните модели за транскрипција на македонски од Мета и OpenAI мешаат македонски со бугарски и српски, користат букви што ги нема во нашата азбука и немаат добра интерпункција (споредба 1, споредба 2). Платениот модел на Гугл (кој го користат алатки како TurboScribe, Dictanote и Транскриптор) функционира пристојно, но често решава да прескокне дел од аудиото ако не разбере што е кажано. А не е баш ни евтин…
Во моментов Буки е трениран само на 60 часа македонски говор и просто е неверојатно дека работи толку добро (тестирајте го на следниов линк). Сепак, имаме проблем со препознавање на детски гласови и на дијалектен говор. Затоа, новата верзија на Буки сакаме да ја истренираме со поголема разновидност на гласови и акценти. Би ви биле многу благодарни ако се вклучите во нашата кампања и прочитате неколку реченици на македонски. Уште подобро ако им помогнете на вашите деца да го направат истото. Подолу е краток туторијал за тоа како можете да донирате глас. Одете на https://commonvoice.mozilla.org/mk и следете ги упатствата од видеово. Знаеме дека во видеото има граматички и лекторски грешки, но поентата на Буки е да транскрибира и говор што не е литературен.
Горните упатства се доколку сакате да донирате глас без да направите профил на Mozilla Common Voice. Ако пак сакате да бидете дел од натпреварот за топ 10 БУКИ-сти (за кој имаме и награди), тогаш ќе треба да направите профил на Mozilla common voice и да ги изберете опциите во црвено:
ДИЗАЈНИРАЈТЕ ЛОГО ЗА БУКИ 2.0
Како што можете да видите од првата слика во постов, ние не сме дизајнери. За среќа, опкружени сме со талент и сигурни сме дека некој од вас може да направи впечатлив дизајн за Буки 2.0. Буквата „буки“ е дел и од глаголицата и од старата кирилица, така што има многу убави начини да ја вметнеме во дизајнот на Буки 2.0. Ако се инспирирате, пратете ни го вашето лого на info@kantarot.mk и ставете ја во сс: naukazadeca.mk@gmail.com.
ПОДДРЖЕТЕ НЀ ФИНАНСИСКИ
Хостирањето на Буки не е евтино, посебно затоа што во моментов ја користиме платформата HuggingFace. Само во првата недела потрошивме околу $200, затоа што сакавме транскрипцијата да биде брза. Буки работеше во милисекунди и беше способен да прави транскрипција во реално време.
Сепак, овие трошоци не се одржливи на долги патеки, па затоа се префрливме на поевтин хостинг (ZeroGPU), ама тоа значи дека на секој транскрипт му треба околу 10 секунди. Исто така ограничени сме на аудио пократко од 30 секунди, а вистинската корист на Буки е кога би можеле да транскрибираме големи аудио фајлови. Засега опцијата за големи фајлови е сокриена, затоа што е многу скапа. Ако сакате да пристапите до неа, пишете ни меил (info@kantarot.mk) и ќе ја отвориме специјално за вас.
За да го направиме Буки брз и стабилен, имаме потреба од сервер со силна графичка картичка. Подолу е линк со информации за тоа како можете да ни помогнете, со претплата на нашиот Сабстек или со донација на нашата трансакциска сметка
Трансакциска сметка: 250-0010051639-69
Примач: Фондација КАНТАРОТ
Шифра за донација: 562
Кампањата ќе трае до 15 декември. Помогнете ни до тогаш да стигнеме до 600 часа говор, сервер за локално хостирање на БУКИ и дизајн со кој ќе може сите да се гордееме!
А за оние кои нѐ поддржуваат финансиски, БУКИ-рајте го 26 декември за мала прослава и промоција на Буки 2.0 на која ќе ни се придружи и креаторот на Буки Дејан Порјазовски (деталите зад paywall)