Нашиот прв Сабстек-напис :)
Надминавме 50 претплатници. Објавивме видео за С(ц)иестата за научна фантастика. Илина објави нов поткаст. НЗД организира бесплатна работилница за деца. Во декември: Конференција С(ц)иеста 2021
Здраво, здраво,
Ова е нашиот прв Сабстек-напис 😊
Додека влегуваме во пишувачка форма за да почнеме редовно да ви испраќаме Сабстекови (планот е да стигнуваат до вас секој вторник), во првиов сакаме да споделиме неколку работи:
Горди сме што бројот на претплатници на нашиот Сабстек-канал континуирано расте. Идејата ни беше првиот напис да го испратиме првиот вторник кога ќе имаме достигнато 50 претплатници, но од минатиот до денеска бројката ја надминавме за околу 30% и отидовме високо над 50-ката 😊.
Денес го објавивме видеото од С(ц)иестата за научна фантастика што се одржа пред неколку месеци. Разговаравме за тоа што читаме/гледаме во моментот, за научнофантастичните дела што имале најголемо влијание врз нашиот живот и кариерата, за потжанрови како сајбер-панк НФ, тешка НФ (hard SF), шпекулативна НФ, НФ за деца… и споделивме голема листа на научнофантастични дела (книги, ТВ-серии, филмови, стрипови…):
Поткастот Обични луѓе деновиве слави една година од своето постоење. По тој повод, Илина ја објави 17. епизода која ја раскажува приказната за фотографот Нил Фолберг, ученик на големиот Ансел Адамс, кој во 1971 година бил на шестмесечно фотографско „сафари“ во Македонија. Фотографиите од над 400-те ролни филм што ги понел оттука дури сега се објавени во форма на книга. На линкот можете да ја слушнете приказната и да најдете информации како да ја добиете македонската верзија на книгата кога ќе биде готова.
[OTКАЖАНО ПОРАДИ ПОЖАРИТЕ ВО МАЛЕШЕВИЈАТА]
Во сабота (07.08.2021 г.) Наука за деца во соработка со Едукативниот центар во с. Негрево ќе организира бесплатни работилници за деца од 7 до 14 години. Секој учесник ќе добие НЗД пакетче со четири активности кои објаснуваат концепти од областа на математиката и природните науки. Децата ќе дознаат што е хексафлексагон, ќе изградат мост само од стапчиња за сладолед, ќе откријат дали ладната вода е потешка од топлата, а ќе научат и како се одредува киселоста на различни супстанци. Во пакетчето е вклучена и боенка со археолошки авантури, подарок од Институтот Макс Планк. Ако знаете деца кои би уживале во активноста, ТУКА дознајте како да ни се придружите.Во декември планираме да организираме Конференција С(ц)иеста 2021. Целта ни е да собереме на едно место научници родум од Македонија, кои со јавноста ќе ги споделат своите истражувања, сознанија и размислувања од областите на кои работат. Форматот ќе зависи од пандемијата, меѓутоа планираме комбинација од онлајн-дискусии и панели во живо кои ќе се одвиваат во текот на целиот месец. Тоа што сакаме да го постигнеме се неформални и лежерни муабети за теми што се важни за човештвото додека зачекоруваме во третата деценија на 21 век. Иако до декември има време, ние почнуваме со подготовките и на време ќе ве информираме за нивниот тек.
За крај, би ни било мило ако имате со кого да го споделите овој напис и на тој начин да го раширите муабетот за тоа што го прави нашата фондација. Сигурно имате неколку специјални пријатели за длабоки муабети на интересни теми – тие се тие до кои сакаме да допреме!
Останете добри, чувајте се од жештини и се читаме следниот вторник,
Тимот на КАНТАРОТ