НАУКА ЗА ДЕЦА е боја!
Во Македонија е опасно да живееш со розови очила, па знае сè да ни се чини црно. А не е. И затоа, кога ќе видиме боја, обврска ни е да си ја покажеме едни со други.
Ми требаше речиси една недела од конференцијата НАУКА ЗА ДЕЦА да за ми слегнат впечатоците, па да можам да напишам нешто и во мое лично име, настрана од сите постови на социјалните мрежи на НЗД. Ја имав привилегијата да бидам и дел од тимот за организација, а и моето дете со другарчињата да учествува на конференцијата. Односно, ја имав можноста да ја искусам НАУКА ЗА ДЕЦА и од оваа, и од онаа страна.
Од оваа страна, организациската, можам само да кажам дека луѓе како Никола (Никола Стиков) и Драгана (Dragana Stikova Ex-Matevska) ми влеваат нова верба во луѓето. Верба дека ние тука во Македонија сè уште можеме да правиме големи и убави работи едни за други и дека треба да се трудиме да ги забележуваме таквите бисери како нив во песокта која често ни се чини како сè подлабока тиња. Оти бисери има и песокта не е тиња сè додека не се предадеме целосно и ние самите не ја растињиме – тие и оваа конференција се жив доказ за тоа!
Од онаа страна, страната на децата и родителите, горда сум што ќерка ми Каја имаше можност да види дека трудот што го вложи летово цртајќи цртежи за ликовниот конкурс ѝ се исплати, овозможувајќи ѝ да учествува на својата прва изложба; да им покаже на другарчињата што и зошто нацртала на темата „Научна фантазија“, да разгледа што нацртале останатите деца и пред неа да се отворат световите на другите кои размислуваат поинаку на истата тема.
Има и трета страна, страната на сите што ја поддржаа оваа конференција. Најмногу ми значи што издавачките куќи „Три“ (Издавачки центар ТРИ), „Чудна шума“ (Чудна шума) и „Полица“ (Полица), донираа ваучери за сите наградени деца од ликовниот конкурс. Со едно јавување, со еден муабет покажаа дека се на страната на културата и подготвени да поддржат убави иницијативи. А за едно дете, да добиеш награда за цртање во форма на пакет книги што сам ќе си ги избереш – има ли поубаво?! Тука се и сите макро и микродонации што ги донираа фирми и поединци, знајни и незнајни, но сите за почит. И за пример дека само заедно, кој со колку и со што може да помогне, можеме да правиме големи и вредни работи.
Можеби и немаше да го напишам постов, како што често прескокнувам да ги напишам работите што ги мислам фокусирајќи се за тоа време да сработам нешто што ме чека, ама по муабетот од вчера со еден драг соработник дека во државава веќе нема смисла да се живее, не дека сакам да ставам розови очила и да кажам дека сè е супер, ама добив реална потреба да кажам дека не е сè црно. Има и боја, само треба да го тргнеме црниот превез за да ја видиме и кога ќе ја видиме да им ја покажеме и на другите. Еве, Наука За Деца е таа боја што јас ја видов и посакувам секоја година да станува сè посилна и повидлива - најмногу во очите на тие на кои (најмногу) им треба боја!