С(Ц)ИЕСТА СО МАРЈАН ПОПОВ: Светот има предизвици, а Македонија проблеми со енергетиката
Од прва рака, од експерт за електроенергетика дознаваме кои се суштинските разлики меѓу енергетската криза на глобално ниво и онаа кај нас, во Македонија. Плус директен линк за следната С(ц)иеста.
Ако нашите написи ти значат, размисли да донираш преку претплата. Тоа е најдобриот начин да нè поддржиш во ова што го правиме.
Марјан Попов е електротехнички инженер – насока електроенергетика со магистратура од Електротехничкиот факултет во Скопје, каде што дипломирал во 1993 година и каде што работел како асистент до 1998 година. Во 1998-ма заминува на докторски студии на Универзитетот Делфт во Холандија и оттогаш до денес живее и работи во Делфт. Во моментов е професор во областа на електроенергетските системи и држи три предавања на мастер-студии, а од неодамна е и „IEEE fellow“.
Од времето кога тој почнал да се занимава со електроенергетиката до денес многу работи се имаат променето во областа. Ако во телекомуникациите можевме да видиме прилично брзи промени во овие неколку децении, од ПТТ во 80-те години, преку интернетот во 90-те, до огромна дигитализација од 2000-те наваму – во енергетиката работите одат побавно. Сепак, од 90-те години наваму, а особено со прифаќањето на Протоколот од Кјото од страна на голем број држави, почнува и енергетската транзиција. Таа е насочена кон премин од фосилни горива на одржливи извори на енергија со крајна цел намалување на емисијата на CO2 на глобално ниво, како и намалување на ефектот на стаклена градина, кој води до глобално затоплување на земјата.
Живееме во време на енергетска транзиција
А како изгледа енергетската транзиција од аспект на енергетиката? „Тоа значи дека топологијата на електроенергетскиот систем се менува драстично. Класичните електроенергетски системи функционираa беспрекорно според иновациите реализирани од Никола Тесла. Денес, со малите електрани на ветар, вода, плима и осека, како и фотоволтаичните системи, се менува структурата на системот – тој нема голема инерција и во случај на куси врски, генераторите се изложени на поголеми електромеханички осцилации што може лесно да доведе до нестабилност на системот“, вели Марјан.
Светската енергетска криза се должи на транзицијата кон обновливи извори на енергија.
Тој објаснува дека во моментов системот е комбиниран и дека исфрлањето на големите генератори (кои ги имаме во термо- и во гасните електрани) и нивната замена со мали ветровни или соларни мора да биде проследено со навремено дијагностицирање на хавариите во системот, кусите врски и нестабилностите. „Тука настапува на сцена сè поголемата употреба на информатичките технологии во енергетиката, користењето на синхрофазoрите – имаме многу мерења, собирање на податоци и нивна анализа со користење на вештачка интелигенција. Ова е всушност премин од аналоген кон дигитален систем, што е еден неопходен процес кон постигнувањето на целта: користење на 100% обновливи извори на енергија“, вели тој.
Ако во светот се продолжи со оваа мотивација за целосно преминување на обновливи извори на енергија, тоа би можело да се постигне до 2050-60 година.
Енергетскиот систем е комплициран. Електричната енергија е нешто што не може да се складира, па практично кога ние вклучуваме светло, во истиот момент ја произведуваме електричната енергија. За регулирање на разликите во производството и потрошувачката на енергија, се грижат центри за контрола, кои исто така работат според строго планирање кое се базира на на претходно дефинирани податоци на побарувачката на енергија. Електроенергетскиот систем мора да биде јак и мора да има голема инерција; во спротивно имаме голема промена на фреквенцијата што полесно може да доведе до пад на електроенергетскиот систем. „Електроенергетските системи денес имаат контрола, но сепак не можеме така едноставно да ги исклучиме големите генератори што сè уште ги имаме. Холандија, на пример, има уште 3 електрани на јаглен и постепено во текот на годините што доаѓаат планира да ги исклучува, и да го зголемува бројот на обновливи извори на енергија, како и сè уште да ги користи гасните електрани. Иако Холандија е премногу посветена на тоа и произведува многу електрична енергијаод обновливи извори, сепак од неа целата земја може да се напојува само еден саат во денот“, вели Марјан и посочува дека тоа е причината зошто енергетската транзиција ќе трае долго време.
Светската енергетска криза
Периодов сме бомбардирани со вести дека ни претстои енергетска криза – и во светот и кај нас. Но, малкумина всушност знаат за што точно се работи и од каде доаѓа заканата. Според Марјан, светската енергетска криза се должи токму на напорите на земјите да направат транзиција кон обновливи извори на енергија.
„Дополнителни предизвици во таа насока се складирањето на енергија и транспортниот капацитет“, истакнува тој. Првиот треба да се реши со правење на огромни батерии кои ќе складираат енергија и со претворање на енергијата со електролиза во водород, гас кој може да се складира и потоа да се користи за напојување на автомобили како и за греење. Проблемот со транспортниот капацитет, пак, се должи на постојаното зголемување на потребата за електрична енергија во целиот свет – како од постоечките објекти, така и од новоизградените кои постојано се во пораст.
Отсекогаш сум бил многу загрижен за македонската енергетика.
Предизвици кои треба да се надминат се и атомските централи. Иако некои земји, како Германија, целосно се имаат посветено на нивното згаснување, на други, како Франција и Шведска, голем дел од снабдувањето им е преку нуклеарна енергија и овде останува да се реши справувањето со радиоактивниот отпад.
Марјан објаснува дека енергетичарите (не само електроинженерите, туку и физичарите, машинските инженери, експертите од областа на термодинамиката и хемичарите) работат на целокупниот предизвик електричната енергија да се произведува од обновливи извори на енергија. Важен фактор е да се зголеми ефикасноста и доверливоста на енергетските системи (затоа што ветровната и сончевата енергија се непредвидливи). Неговите прогнози се дека ако во светот се продолжи со оваа мотивација за целосно преминување на обновливи извори на енергија, тоа би можело да се постигне до 2050-60 година.
Енергетската криза во Македонија
Сепак, ако енергетската криза во светот се должи на напорите за енергетска транзиција – во Македонија ситуацијата е поинаква. Македонија во изминатите децении не го зголеми производството на електрична енергија. За жал, сите големи електрани се наследство од поранешна Југославија. Наш најголем производствен капацитет е РЕК Битола, електроцентрала на јаглен. Со други зборови, далеку сме од енергетските предизвици на развиените земји (каде што производството на енергија е тема број 1) и сме исправени пред нашите големи проблеми. „Отсекогаш сум бил многу загрижен за нашата енергетика“, вели Марјан, кој упатува апел дека се потребни долгорочни планови, затоа што електричната енергијата е неопходен фактор за функционирање на секоја земја: „Мојот професор Дионис Манов на времето велеше дека развиеноста на една земја се гледа според количината на производство на електрична енергија. Колку повеќе енергија имаме, значи дека имаме и поголема индустрија и економија. Мислам дека во Македонија треба сериозно да се седне и да се разговара како можат да се решат овие проблеми во иднина, затоа што времето нè гази.“
За решението на нашата криза, тој го цитира професорот Константин Димитров, експерт за ефикасност на електрична енергија: „Имаме две опции: или да трошиме струја толку колку што имаме, што значи дека ќе има рестрикции и што не е во ред, или со време да се купува енергија на берза и таа енергија да биде по платежна цена, но за тоа е неопходно да се прави добро планирање.“
Како експерт за електроенергетски системи, кој учествувал во многу државни енергетски проекти на Холандија, како и во европски проекти, Марјан советува дека во иднина Македонија мора да води повеќе сметка за енергијата и да инвестира во изградба на електрани – по можност на гас, а инвестирањето во фотоволтаични, ветровни и хидроелектрани секако треба да продолжи.