Мали огласи (4)
Новогодишни НЗД пакетчиња, интервју на Никола Стиков за DW, нова епизода на поткастот Обични луѓе, објава на првата С(ц)иеста за јавност и повик за докторски студии во Германија.
Доаѓа новата година и време е за заедничка поддршка. Имаме ограничен број на НЗД пакетчиња со експерименти со кои сакаме да ве поттикнеме да донирате на Фондација КАНТАРОТ. Секој што ќе направи донација од минимум 750 денари ќе добие едно пакетче за да усреќи едно дете, како и јавна благодарница на сајтот на фондацијата. За донации над 1.000 денари следува и пристап до платените содржини на Сабстек-каналот на Фондација КАНТАРОТ (1 месец = 500 денари).
Што треба да направите?
а) Уплатете минимум 750 денари на нашата жиро сметка 250-0010051639-69 (примач: Фондација Кантарот; шифра за донација: 562) до 20 декември. Средствата од сите поголеми износи ќе ги употребиме за следниот НЗД натпревар; б) Пишете ни меил со податоците за достава (име и презиме, адреса и телефон за контакт) на dragana@kantarot.mk; в) Пакетчињата ги испраќаме на 22 декември и за 2-3 дена ќе бидат на адресата (поштарината е покриена од наша страна).
НАПОМЕНА 1: Бидејќи сакаме нашите пакетчиња да стигнат во што повеќе семејства, едно физичко лице за својата уплата може да добие само едно НЗД пакетче.
НАПОМЕНА 2: Пакетчињата ги даваме по принципот: прв дојден - прв услужен, така што гледајте да бидете меѓу првите.
Никола Стиков разговараше со Теодора Давчевска за Дојче Веле (линк до видео, линк до текст)
„Знам дека условите за работа во Македонија во областа на науката се многу потешки во поглед на пристап до ресурси, во поглед на финансиски средства. Науката како концепт бара секогаш да се биде во тек со светските трендови и затоа мислам дека во Македонија имаме еден голем хендикеп во поглед на тоа дека нашите луѓе немаат доволно соработки, контакти, доволно проекти со странство за да може да се чувствуваат како дел од светските трендови. Мислам дека основната разлика е тоа што ние во странство сме добро поврзани и имаме одлична мрежа на соработници, а ја доживувам Македонија како место во кое има одлична локална наука, но само од време на време отскокнува и наоѓа простор во светските текови“Последната епизода од втората сезона на подкастот Обични луѓе е посветена на генерацијата 1971, која оваа година наполни 50. На што се надевавме, а што се случи? Кои историски настани ја одбележаа нашата генерација? Шест приказни на соговорници кои минале по различни патеки, но имаат слични сеќавања. Епизодата можете да ја слушнете тука.
На 22 декември (среда) во 5 по македонско на Зум ќе ја одржиме првата С(ц)иеста отворена за јавност. Темата ќе биде ‘КОВИД: две години подоцна’, а на панелот ќе учествуваат Драган Даниловски, Харис Бабачиќ и Елисавета Стикова. Подолу е линк за регистрација: https://forms.gle/qEGtieA1veKU3zAR8
Проф. Матиас Ниперт од Универзитетот на Штутгарт нуди докторски позиции на тема ML for Simulation Sciences. Кирил Гаштеовски има лично работено со Матиас, и може да одговори на повеќе прашања околу позицијата. Исто, за разлика од Америка и многу други држави, докторатите во Германија не се на стипендии туку се фултајм добро платени позиции. Повеќе информации тука: : http://matlog.net/phd-postdoc.html