С(Ц)ИЕСТА СО ФИЛИП ИЛИЕВСКИ: За здраворазумските работи
Да се има здрав разум, да се задржи здравиот разум, да се користи здравиот разум... зборови кои постојано ќе ги слушнете околу вас и кои ги земате здраво за готово, затоа што за еден хомо сапиенс логично е да има здрав разум и да го користи. Но, дали е здраворазумно да се смета дека некого можете да го научите на здрав разум? Што ако тој некој е две генерации постар од вас, или е од другиот крај на светот, или живее на Северниот пол? А што ако тоа не е некој, туку е нешто. На пример, машина? Можете ли машина да научите на здрав разум?
Филип Илиевски, научен истражувач во Институтот за информациски науки на Универзитетот на Јужна Калифорнија, се занимава токму со тоа. Минатата година докторирал на Универзитетот Врије во Амстердам во полето на вештачка интелигенција (ВИ), а сега негов примарен интерес е учењето на здравиот разум кај машините и употребата на екстерно знаење од страна на машините за разбирање текст. Тој беше гостин на последната научна дискусија, каде што се разговараше за ВИ и здраворазумските работи.
Машино, читај меѓу редови
„Common sense“ на македонски се преведува како „здрав разум“ и иако суштината на значењето на терминот е задржана во преводот, според Филип, изостанува аспектот на „common“, односно на општото, заедничкото. Станува збор за општо знаење, кое се смета дека е заедничко за сите луѓе и кое луѓето го користат за да разберат, да толкуваат и го искористуваат во секојдневните ситуации. Меѓутоа, ова наше знаење е прилично имплицитно. Тоа се претпоставува, сметаме дека е општо познато и затоа е отсутно од разговорите и текстовите. Како што велел Пол Грајс, комуникацијата меѓу луѓето оди на тој начин што информацијата мора да биде доволно експлицитна за да биде разбирлива, ама не треба да бидеш преексплицитен за да не бидеш банален.
За луѓето што се занимаваат со машинско учење и со вештачка интелигенција, прашањето на здравиот разум е прашање на живот или смрт. За вештачката интелигенција, секако. Нивните напори да ја усовршат вештачката интелигенција се всушност напори да ја научат да резонира здраворазумно. Притоа, можете да замислите колку е тешко да се каже на машина да учи од кажано и да научи нешто што... се крие во некажаното. Исто како да ѝ кажете да чита меѓу редови.
Решението на овој проблем засега се состои во статистичко учење, преку текстуални податоци со кои се храни вештачката интелигенција, при што со целата нејзина сложеност, се очекува дека самата ќе се нахрани и со здраворазумското знаење што се крие во тие текстови. Наспроти струјата на „чисто учење“, која се заснова на тоа да се „пушти“ машината да учи сама, на пример, да го чита интернетот без никаква човечка интервенција и некако магично да го научи здраворазумското знаење што е присутно таму, на полето на ВИ има и втора струја. Таа се залага за невросимболички методи, со кои ќе се дојде до правила на дешифрирање на знаењето, кои ќе ѝ помогнат на ВИ при учењето од статистичките модели. Тука, луѓето низ светот досега имаат создадено и сè уште работат на семантички бази на здраворазумско знаење, од кои Филип истакнува три како најзначајни: (1) „Сајк“ (Cyc), која е стара триесет години и е најбогата, но и затворена; (2) „Концепт нет“ (Concept Net), најкористената база на податоци кога станува збор за здраворазумско знаење, која располага со околу 30 милиони факти и постои околу 20 години и (3) „Атомик“ (Atomic), која постои само една година, но прилично активно се развива и се користи. Овие три, како и останатите бази, имаат различен начин на поврзување на фактите, меѓутоа сите следат структура на графикон, каде што концептите се поврзани со врски и формираат голема мрежа што може да се искористува за различни задачи (tasks) во развивањето на вештачката интелигенција.
Колку очи има моето стапало? Две!
Има ситуации во кои ВИ е навистина импресивна. Може да искомпонира цела музичка композиција, да разговара со луѓе или да ги победи во некоја игра. Меѓутоа, знае да биде и особено проблематична (некако глупаво-глупава), најмногу кога ќе се почувствува нејзиниот недостиг на здрав разум. На пример, на прашањето: „Колку очи има моето стапало“, може најладнокрвно да ви одговори: „Две“, што е резултат на некакво погрешно поврзување на материјалот од кој учела. Или, може да даде многу дискриминирачко дополнување на текст што ќе го започнете со „двајца муслимани“, што исто така се должи на податоците со кои била нахранета и заклучоците што можела да ги извлече од нив. Бидејќи тие податоци се на еден јазик (да речеме, англиски), имаат во себе културолошки предрасуди (cultural bias) и неминовно е тие предрасуди да се прелеат во резонирањето на ВИ.
Така, во дискусијата се наметна прашањето дали здравиот разум е заеднички за луѓето, па и дали здравиот разум воопшто постои. Во рамки на антропологијата, на пример, уште од 1975 година, со револуционерниот текст на големиот Клифорд Гирц се смета дека здравиот разум е навистина проблематичен термин, оти дури и на ниво на најконкретни причинско-последични врски од природата кои ги сметаме за непобитни можат да се најдат културолошки разлики во толкувањето. На пример, ако врне и се намокриш – дали е тоа лошо, добро, пожелно, непожелно – во секоја култура има различни поимања, а и во рамки на една иста култура пак постојат разлики. Како што во нашата култура за тоа да се биде прв, односно (нај)брз има два контрадикторни става изразени преку поговорките: „Кој рано рани три среќи граби“ и „Брзата кучка слепи кучиња раѓа“. Ова и за човекот отвора една голема дилема: да се биде или не – прв, а што би било доколку вештачката интелигенција би требало да го учи ова?!
Одговорот од Филип и од останатите учесници на дискусијата кои истражуваат на полето на вештачката интелигенција е дека во блиска иднина, делот на здрав разум за кој се зборува во ВИ е релативно неспорен и заеднички за доста луѓе на планетава (како на пример, дека авионот се користи за летање за што обично е неопходно гориво). И дека моментално поголема грижа се културолошките предрасуди (со нивни речник, бајас) што не ни знаат дека ВИ ги има, затоа што нема стандарден начин да се воспостави силна контрола на тоа од кои податоци (треба да) се тренира една невронска мрежа.
Додека вештачката интелигенција ги прави своите први бебешки чекори, потребно е ова прашање постојано да биде отворено. Затоа што, бајасот е човекова карактеристика и во зависност од културата што стои зад една ВИ, таа неминовно ќе си впие од нејзиниот културолошки бајас. Но, со оглед на тоа што и денес во ВИ постои сегмент на истражување на длабок бајас, потребно е да се сврти вниманието кон тоа дека луѓето што (ќе) се занимаваат со ова, неопходно е да бидат од близу запознаени со бајасот во човечкиот мозок.
Меѓутоа, како работата да е малку комплицирана – се отвора и последното прашање. А тоа е: ако целта на ВИ е да направи машина што ќе размислува како човек, нели е успех ако таа машина има бајас? Само во тој случај таа имитира и размислува како човек. Без бајасот машината би била обид за создавање на идеален човек, на натчовек кој би размислувал идеално, што е враќање на играта на тенок мраз и можност за негово кршење и пропаѓање во некои мрачни дистописки води.
Зошто, сепак, здравиот разум е важен кога зборуваме за ВИ? Зошто, сепак, каков-таков таа треба да го има? Одговорот на овие прашања како заклучок од дискусијата, ќе оставиме да го кажат зборовите на Филип: „Главниот збор тука е зборот доверба. Со оглед на тоа што од денешен аспект изгледа доста можно и разумно во иднина човештвото да користи повеќе ВИ, ние мораме да дознаваме повеќе за тоа кои се границите на ВИ, кои ѝ се позитивните и негативните страни и до каде може да ѝ се верува. ВИ веројатно никогаш нема да биде 100% во ред, но и луѓето генерално не се. Ама ако ја разбереме повеќе, ќе знаеме во кои ситуации и во која мера на комбинација со луѓе може да ја користиме и да функционира како што посакуваме.“
Дискусијата ја водеше Кирил Гаштеовски, а во неа учествуваа: Никола Стиков, Илина Јакимовска, Илија Дуковски, Дане Митрев, Тања Павлеска, Андреј Ристески, Кујтим Рахмани, Дафинка Срезоска, Дино Граматиков, Алек Димитриев, Мартин Јосифоски, Бојана Стојанова, Марија Стојанова, Небојша Илијевски, Ивана Николоска и Кирил Антевски.