Ангела е дете со научна ѕвезда, загледано во вселената
Додека деновиве Земјата завршува уште еден круг околу Сонцето, ние ја завршуваме годинава со текст за младата македонска научна надеж, Ангела Тунеска.
Забелешка: Интервјуто со Ангела е првото аудиоинтервју транскрибирано со Буки.
На 13 декември (петок 13-ти) во 13 часот, решени да им пркосиме на малерозните бројки, во гастротека „Сиеста“ ја запознавме Ангела Тунеска, добитничката на наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ за 2024-та година.
Ангела го освои тимот на НАУКА ЗА ДЕЦА со својата апликација, но ништо поразлично не беше и во живо. Со својата мила (научна!) ѕвезда, таа ни раскажуваше за нејзините рани фрустрации и сегашни фасцинации од науката, за љубовта кон астрономијата и желбата да ја гледа низ телескоп Месечината...
Низ овие кратки забелешки од интервјуто што го направивме со неа, ви овозможуваме да ја запознаете и вие:
· Ангела е дете на СТЕМ-родители и сестра на две девојки кои ги сакале природните науки. Така, гледајќи ги нив, од мала „се острела“ за одење по натпревари и тоа почнала да го прави во четврто одделение.
· Во седмо одделение освоила второ место на државниот натпревар по Биологија, а во осмо второ место на државниот натпревар по Физика.
· Вели дека е бавен ученик, учи пополека, ѝ треба време и внимание за да ги разбере работите и да ѝ легнат, ама кога ќе ги сфати – сфатено е!
· Најголема поддршка за учење ѝ е мајка ѝ, која и самата е научник и универзитетски професор.
· Најголема љубов ѝ е астрономијата. Во неа се заљубила откако нашла книга за астрономија која ѝ припаѓала на нејзината најстара сестра Марија. Оттогаш, Ангела длабоко навлегува во ова поле и редовно чита, гледа и следи што се случува во областа, а особено ја интересира тоа што го прави НАСА.
· Ангела никогаш досега нема гледано преку телескоп и со наградата „Иван Ќостаров“ ќе си ја оствари желбата да има телескоп. Првото нешто што сака да го види низ него е – Месечината!
· И не само тоа! Штом го купи телескопот, таа планира својата возбуда да ја сподели со другарите и на првата полна Месечина да направи работилница на Водно или на Кале, каде што сите заедно ќе можат да ја гледаат низ телескопот.
· Тоа што најмногу ја фасцинира во астрономијата е што универзумот се шири. Свесна е дека ние сега и тука сме привилегирани да можеме да гледаме галаксии, кои за неколку милијарди години толку многу ќе се оддалечат една од друга што нема да можат да се видат со каков било телескоп. Второ нешто е гледањето во минатото, затоа што знае дека гледајќи во други галаксии ние гледаме што се случувало пред илјадници години. И трето, затоа што ја интересира животот и затоа што преку оваа неистражена област може да се открие, на пример, дека има живи организми во нашиот сончев систем, на Сатурн, а ние тоа не го знаеме.
· Едно време била многу фокусирана на фудбал и свирела пијано, но со короната тоа се сменило и сега плива и учи јазици (германски и англиски).
· Дополнително, Ангела е голем љубител на научна фантастика. Омилена книга ѝ е „Дваесет илјади милји под морето“, која ја има читано и на македонски и на англиски, а омилен филм, секако, серијалот „Star wars“ 😊. Дури и позадината на телефонот ѝ е со мотив од филмовите 👇
· Кога ќе погледне во иднината, сака да се види себеси како студентка на Техничкиот универзитет во Минхен.
На Ангела ѝ посакуваме да продолжи да мисли на ѕвездите, да отиде на Месечината и да патува далеку во просторот и во времето низ вселената со својот телескоп!
А на сите вас ви посакуваме среќна Нова година и заедно и во 2025-та да откриваме нови научни ѕвезди!