Играше во 90-тите во Македонија една претстава со име Женски оркестар. Играше во кафани, на телевизија, а по некогаш и во преполната Универзална Сала. Во неа нашите најпознати машки глумци беа облечени во женска облека и глумеа стереотипни балкански ликови. Благоја Чоревски беше Бугарка која се продава за две червени, а Ванчо Петрушевски глумеше валандовска нимфоманка со „машничка на путкичката“. Претставата беше многу популарна и средовечните мажи и жени во публика се кинеа од смеење.

Во исто тоа време во македонските театри играа „Чија Си“ на Насев, „Буре Барут“ на Дуковски и „Бунт во домот за старци“ на Андоновски. Играа претежно пред средношколци на кои професорката по македонски им продаваше евтини карти за во театар. МНТ Центар беше во толку лоша состојба што на глумците им паѓаа метални чиги на глава, средношколците дофрлаа досетки (а некогаш и парички) на сцена, а Никола Ристановски го интерпретираше Леоне Глембај за ние да не мораме да ја читаме лектирата. Сакаме да ги памтиме овие години како златното доба на македонскиот театар, ама носталгијата ги бои работите златно жолто.
Откако синоќа ја изгледав Као Какао можам со задоволство да заклучам дека духот на Женски оркестар е и натаму жив и здрав. Се преселил под позлатениот таван на новиот МНТ, кој во 2014 беше дом на феноменална верзија на Чикаго (мој осврт тука), но во 2026 под истиот тој таван (сега руиниран и прокиснат) игра Као Какао - ремикс од евтини реплики и скапа носталгија. Во 90-тите им се смеевме на Чоре и Ванчо во женска облека, во 2026 ѝ се смееме на Тања Кочовска кога ќе стави српски акцент и ќе ги згреши падежите во сцена „позајмена“ од мјузиклот Матилда. И недајбоже да ѝ дадеме на Тања да испее нешто од Влатко. За неа само Брена и „Ја сам Југословенка“, посмешна е така.
Наместо Тања, на сцена пеат и играат млади глумци. Тројца од нив ги симулираат Леб и Сол додека во позадина оркестарот свири фини аранжмани на песните на Влатко Стефановски. Првиот дел (кој трае скоро два саати) нема многу време за музика оти се бори со ветерниците на комунизмот, вториот дел нема многу време за ветерниците оти треба да се испеат песните за кои дошла публиката. Сѐ е тоа пропратено со кореографија а-ла Макарена и со реплики во стилот „две жени е феминизам, три жени е тероризам“. Публиката се кине од смеење и дава стоечка овација на крајот.
Му го собирам на МНТ веќе од Торонто Експрес, претстава која нема душа ама па нема ни уметнички претензии. Годинава решив да ги погледнам престижните продукции на МНТ и душата пак не ја најдов. „Замисли нов свет“ е омаж на делата на Горан Стефановски, но тој омаж е толку конфузен што дури ни голем фан на Горан не може да ги пофати нишките. „Сонцето, колку е блиску сонцето“ е омаж на најпознатите претстави на МНТ, но ни голем фан на театарот не може да ужива во легендарни драмски монолози кога се споени во една безлична целина. „Као какао“ е омаж на музиката на Влатко Стефановски во кои песните звучат стерилно, а репликите на Венко Андоновски се демоде барем колку и двете червени на Чоре. Омаж до омаж, носталгија на кило.
А сепак, публиката ја има (карти тешко се наоѓаат) а спонзорите (кои исто така ги има) нашле начин да изгледаат културно и ангажирано. Културата во 2026 продава носталгија, и тоа е светски тренд кој очигледно ја нема заобиколено ни Македонија. Што кур онда јас се бунам?
Се бунам затоа што за „Женски оркестар“ секогаш имало и простор и публика. И јас ја имав снимено претставата на ВХС касета и ги учев на памет репликите на Чоре и Ванчо. Нема ништо лошо во тоа, сѐ додека има место и за „Чија си“, „Буре барут“ и „Бунт во домот за старци“. Оти новите Сашко, Дејан и Венко се грозат од оваа театарска склероза и го чекаат својот момент, макар и под прокиснати кровови пред будали средношколци.


Ах, ме фркна носталгија за тие времиња... иако носталгијата повеќе кажува за нас самите отколку за „подобрите“ времиња, за младоста си жалиме;)
Точно, евтина забава имало и ќе има, и тоа не е проблемот. Демократизацијата на медиумите, особено социјалните мрежи, ги девалвираат вредностите. Иако, и во наше време кога како средношколци не носеа на култниве драми, искуството за повеќето се сведуваше на неколку хит реплики. А што ли денес, кога вниманието се мери во секунди, 3-4 до следниот скрол... вредни работи има, само тешко испливуваат на површина. Ама тоа па ги прави вредни, зарем не?
Фала ти за спомените!
леле 🔥