Отворен повикот за наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“
Септември е. Првата асоцијација на луѓето – училиште! Нашата прва асоцијација – новата конференција НАУКА ЗА ДЕЦА.
А првиот чекор во подготовката на конференцијата ни е отворање на повикот за наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“, која ја доделуваме во соработка со проф. д-р Венка Симовска.
И оваа година со наградата вредна 30.000 денари, сакаме да стимулираме уште едно љубопитно и посветено дете да продолжи со љубов да чекори по патот на науката.
За да аплицирате треба:
Да сте ученик/ученичка во 9 одделение во основно училиште во земјава;
Да ни кажете што конкретно сакате во науката, која научна дисциплина или вид на истражувања особено ве интересира, зошто и како мислите дека науката може да придонесе за вашиот личен или за развојот на општеството;
Да ни кажете кои се постигнувањата со кои најмногу се гордеете;
Да ни кажете за што би ги употребиле средствата од наградата и зошто ви е важно тоа.
Внесете го тоа во овој формулар до 30 септември: https://forms.gle/mzC5B6XBPRaxZqLd7 и пријавени сте!
Сакаме да напоменеме дека наградите и постигнувањата не се единствениот критериум за доделување на наградата. Во потрага сме по личности кои својот ентузијазам кон науката го надополнуваат со амбиција, имагинација, силни комуникациски вештини и со желба да се споделува наука со јавноста. Од сите примени апликации ќе избереме десетина кандидати за интервју, а по интервјуата ќе ги објавиме финалистите.
Сите финалисти за наградата „Иван Ќостаров“ ги поврзуваме со ментори, наши научници во странство, и ги подготвуваме за да одржат научно предавање на следната НЗД конференција. Подолу се предавањата од 2024 г., благодарение на кои се закитивме со наградата за најдобра конференција од Best Event Awards Macedonia (BEAM)
https://www.facebook.com/share/v/175YQJbqxn/
Вредност на наградата
Наградата „Иван Ќостаров“ е во вредност од 30.000 денари, со тоа што средствата директно се вложуваат во набавка на опрема за експерименти или други научни проекти, учество на обуки и курсеви, трошоци за меѓународни натпревари кои не се покриени на друг начин... Со други зборови, за исполнување на конкретна желба за развој на личниот научен потенцијал на добитникот/добитничката на наградата.
Наградната сума може да се искористи еднократно или за повеќе намени, но задолжително во текот на една година од денот на доделувањето.
Апликациите ги оценува стручно жири од научници што стојат зад НАУКА ЗА ДЕЦА. Одлуката за доделување на наградата ќе биде соопштена на 17 октомври, за време на конференцијата НАУКА ЗА ДЕЦА.
Нашите досегашни Ќостаровци
Во изминативе две години наградата „Иван Ќостаров“ ја добија Мила Порјазоска (2023) и Ангела Тунеска (2024 г.), а шестмина финалисти добија стипендии и менторство (Јаков Грујовски, Теа Ангелова, Деа Атанасов, Софија Петковска, Деа Ивановска и Зоран Илијоски).
Летово стапивме во контакт со нив и ги прашавме што правеле во 2024/2025 година. Листите на нивните успеси и амбиции се долги и радуваат врвните места на државните првенства по математика (Зоран – 1 награда; Теа – 2 награда; Јаков – 3 награда; Софија - 3 награда), физика (Јаков - 1 награда; Деа И. – 1 награда; Мила – 3 награда; Ангела – 3 награда), хемија (Мила – 2 награда; Зоран – 2 награда), биологија (Мила – 1 награда; Софија - 2 награда ), информатика (Деа А. – 1 награда; Јаков – 2 награда; Зоран – 3 награда)... Тука се и признанија од олимпијади (Мила со тимот олимпијци освоија 5 бронзи на на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки), па дури и државни награди за ораторство (Теа) и во одбојка (Деа И.)!
За работите на кои се најгорди, тие велат:
„Предавањето на тема Биолуминесценција на ланската конференција НАУКА ЗА ДЕЦА, затоа што тоа беше ново искуство за мене, тоа што бев дел од тимот за Јуниорската балканска математичка олимпијада (ЈБМО 2025) каде што освоив бронзен медал, а горда сум и на сестра ми којашто годинава дипломираше на Харвард“ - Деа И.
„На успехот што го остваривме на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки“ - Мила
„Најмило ми е што како најмал член ја претставувам државата на Меѓународната олимпијада по економија во Баку, Азербејџан“ - Теа
„Освен тоа што сум ваш стипендист, особено се гордеам со признанието што го добив како првенец на мојата генерација 2021-2025“ - Деа А.
„Што бев член на Македонскиот Јуниорски репрезентативен тим по Информатика, со кој остваривме пласман за учество на Европска и Балканска јуниорска Олимпијада“ - Јаков
„Добивањето на Стипендијата Борис Трајковски од училиштето НОВА“ - Ангела
„Учеството и освоените бронзени медали на Јуниорските македонски плимпијади по Информатика и Математика, како и со обезбедениот пласман на Јуниорската балканска олимпијада по Информатика 2025 и Јуниорската европска олимпијада по Информатика 2025“ - Зоран
„На признанието од Нумерус за најдобар решавач, на дипломите од државните натпревари по Математика и Биологија и на пофалницата од ООУ „Љубен Лапе“ како еден од најдобрите тројца ученици на генерацијата и на тоа што бев финалист за наградата ‘Иван Ќостаров’“ - Софија






Да се потсетиме, кој бил Иван Ќостаров
Наградата го носи името на Иван Ќостаров, кој е роден во Скопје во 1955 година, а починал во Копенхаген, Данска, во 2019 година. Имал само 14 години кога љубопитноста го инспирирала да замине од дома за да учи во славната математичка гимназија во Белград. По професија бил електроинженер и софтвер-архитект, кој долги години живеел во Данска. Тој е и човекот кој заедно со уште неколкумина го составил од нула првиот компјутер во Македонија. Имал бројни и разновидни интереси, но особено уживал во природните науки. Сакал математика, логика, компјутерски науки, астрономија, астрофизика, генетика и сонувал еден ден да патува во вселената. Сонот не го остварил, но затоа е тука оваа награда во негова чест, која се надеваме дека ќе им помогне на многу деца да чекорат полесно кон остварување на своите научно-љубопитни соништа.


