Мила ни е 2023-та и мила ни е Мила!
Годинава ја заокруживме со мили луѓе и една прекрасна средба.
Одбројуваме ситно до крајот на годинава, а последните денови некако природно ни доаѓа да се видиме со луѓето што ни значат, со луѓето што обично не се тука а дошле за празниците... Така, тимот на Фондацијата КАНТАРОТ годинава успеа да направи една интересна средба и со неа фино да ја заокружи 2023-та.
Имено, во вторникот во „Бруталиск“ се собравме сите што на некој начин учествувавме во реализацијата на наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“, востановена на НЗД конференцијата. Тука беше Венка Симовска, сопругата на починатиот Иван Ќостаров, на чија иницијатива беше формирана наградата, Драгана и Никола Стикови од Фондација КАНТАРОТ и Мила Порјазоска, добитничката на наградата, заедно со нејзиното семејство. Па дојде и Небојша Гелевски-Бане, кој го направи дизајнот за наградата, а седни-стани правев и јас (Наташа Атанасова), обидувајќи се да извадам максимум од средбата за да можеме да ја споделиме со вас.
Е, па, тој максимум е во форма на овие фотки и овие забелешки од муабетот со Мила:
· Мила е една исклучителна 14-годишна личност, научник во тело на дете со неизмерна љубопитност, желба за учење биологија и страст да знае повеќе и повеќе и повеќе.
· Во биологијата се вљубила кога била 4. одделение и кога за првпат отишла на натпревар. Натпреварите ѝ станале дел без кој не може да си го замисли животот, затоа што благодарение на нив учи многу нови работи.
· Имала среќа да има добра наставничка прво по Природни науки, а потоа и по Биологија, кои се труделе да објаснуваат на што посликовит начин за децата да ги разберат работите, а и ги поттикнувале да прават експерименти. Наставничката по Биологија, која заминала во пензија, секогаш ќе ѝ биде една од омилените.
· Мила вели дека секоја година учи многу повеќе од претходната. Оваа година, на пример, смета дека научила повеќе отколку во претходните пет заедно.
· Наградата „Иван Ќостаров“ ја доби откако станала најмладиот член на нашиот национален тим на 20. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки.
· Наградата, која беше во износ од 30.000 денари, реши да ја искористи за купување нов микроскоп, од компанијата AmScope, кој зголемува и до 2.500 пати. Сепак, не стигнал пред да заминe на Олимпијадата, која се одржа од 1 до 10 декември, така што останува допрвин да истражува со него.
· Првото нешто што го гледала под микроскоп кога ѝ стигнал, било лушпа од кромид. Фасцинирана е од тоа што лушпата изгледа како ограда во која е сè толку хармонично поставено, иако не се сите линии со совршена форма, но личи како нешто што може да се види и со голо око надвор на улица.
· За наградата „Иван Ќостаров“ вели дека ѝ значи многу, бидејќи, цитирам: „Бев уважена за тоа што го можам и што сум го постигнала во минатото. Обично не се придава толку големо внимание на децата што знаат повеќе, туку се работи со децата што знаат помалку. Фактот што има луѓе кои се трудат да ги прошират границите на децата кои имаат капацитет е нешто многу добро и ми значи како дете во оваа држава“.
· Следен голем предизвик на Мила е следната Олимпијада по природни науки, последната на која има право да учествува пред да наполни 16 години. А потоа, ќе ги изучува колку што може повеќе биологијата и хемијата затоа што еден ден сака да биде еден од научниците што ги пишува учебниците.
· И, разбирливо, нејзин најголем сон е да работи како научник. Ја сака областа на неврологијата, бидејќи отсекогаш ја интересирало како работи човечкиот нервен систем и сака да придонесе во неговото проучување.
Ѝ посакуваме на Мила да ѝ се оствари сонот, а дотогаш уште многу натпревари и успеси! А бидејќи сме на крајот на годината, да си посакаме и ние 2024-та да ни биде уште поуспешна година и да ни овозможи да откриваме уште наши умни глави како милата Мила!
Good luck Mila!