#НаукаЗаДеца
Во време кога никој не знае со сигурност како да се справи со коронавирусот, добро е да си ги бираме битките и да се обидеме да дадеме придонес онаму каде што сме најсилни. Јас не знам дали е неопходно да се носи маска, не знам дали моменталните мерки се претерани или не, но знам дека на сите овие прашања науката кога-тогаш ќе даде одговор. Додека дојде тој момент, ќе го правам она што најдобро го знам -- ќе споделувам наука со луѓе кои прифаќаат неизвесност и нови перспективи. А кои луѓе најдобро го прават тоа? Па нормално, децата.
Веќе неколку недели организираме онлајн средби на кои со мал круг на колеги научници разговараме за најголемите проблеми на човештвото. Разговорите ги организираме во соработка со Наука за сите, единствениот македонски портал на кој секоја содржина е создадена и проверена од научници. Благодарение на овие средби се создаде и идејата да споделуваме наука со најмладите.
Тајмингот е добар бидејќи ништо не го тера мозокот да шета повеќе отколку кога ќе му кажеш да седи дома. Тимот е импресивен, затоа што поврзува македонски наставници со група наши луѓе школувани во странство кои решиле да донираат време и експертиза за да направат нешто корисно за државата. Темите се безброј, затоа што науката не познава граници.
Како да се заштитите
во 20... пардон... 1918
Зошто го правиме ова баш сега? Затоа што наскоро светот ќе престане да шлајфува, коронавирусот ќе си замине и сите ќе се вратиме во една (нова) нормала. Социјалните мрежи ќе ни ја архивираат паниката, а ние повторно ќе се стуткаме во нашето сигурно ќоше вооружени со нови извесности и стари перспективи. Сите битни муабети околу коронавирусот ќе причекаат стотина години за повторно да се актуелизираат, оти соочени со неизвесност колективните методи за опстанок ни се исти како од Дедо Ное. Не ми верувате? Погледнете ги упатствата за шпанскиот грип од 1918 (доказ 1 лево) и ќе се уверите дека човештвото тешко учи, а брзо заборава (доказ 2, доказ 3).
А сепак, светот во 2020 е многу побезбеден, поздрав и поинформиран од оној во 1918. Знаете зошто? Не затоа што сме го искорениле грипот, туку затоа што некои тогашни деца успеале да го пребродат, се спријателиле со неизвесноста, развиле нови перспективи и ни го подариле пеницилинот, вакцината за полио и тајната на ДНК. Попат сме развиле и вакцина за грип која секоја година спасува милиони животи. Којзнае што ќе ни подарат денешните деца само ако прописно ги образуваме...
Затоа придружете ни се во споделување наука со најмладите! На социјалните мрежи го пуштивме во оптек хаштагот #НаукаЗаДеца и секој од вас е добредојден да го употреби за да сподели видео експеримент или текст што објаснува некој научен феномен. Наскоро ќе објавиме и официјална соработка со еден популарен YouTube канал, а плодовите на соработката ќе можете да ги видите и во македонските медиуми.
Коронавирусот е шанса да донесеме свеж воздух во нашето застојано образование. Длабоко верувам дека #НаукаЗаДеца ќе биде на листата позитивни работи кои ги изродила оваа тешка криза. Спремни? Одбројувањето започнува!