С(Ц)ИЕСТА СО ХАРИС БАБАЧИЌ И НИКОЛА ПАНОВСКИ: Не смееме да се препуштиме на стихијата на КОВИД-19
Македонија жестоко го дочека есенскиот бран на КОВИД-19 епидемијата. Иако беше долго најавуван, сепак се чини дека многу луѓе не го сфатија сериозно. Меѓу нив се и оние што го најавуваа но не преземаа соодветни превентивни мерки, а и оние што ги слушаа најавите, но уште повеќе го слушаа внатрешниот глас што им велеше дека епидемијата заврши откако се олабавија во летните денови со релаксирани мерки.
И, додека трае домашното (а и светско) првенство во пинг-понг со префрлување на вината за бројките од вториот бран, на последната научна с(ц)иеста се разговараше за тоа: каде бевме, а каде сме сега со разбирањето на КОВИД-19; како се справува светот, а како ние со вториот бран; и што можеме да направиме поинаку и подобро?
Гости на дискусијата беа Харис Бабачиќ, докторанд на Институтот Каролинска во Стокхолм, и Никола Пановски, специјалист по медицинска микробиологија и професор на Медицинскиот факултет на УКИМ.
Каде бевме и каде сме
„На почетокот на кризата, повеќето земји меѓу кои и нашата, претераа со рестриктивните мерки. Летово, пак, мерките се ослободија и со тоа народот помисли дека епидемијата завршила. Сепак, иако во некои земји, како во Словенија, вирусот го снема, се виде дека тој шета и дека ќе трае подолго“ – со овие зборови Никола во кратки црти даде опис на случувањата во изминатите месеци. Месеците минуваат, болеста упорно се истражува, но она што ги изненадува научниците е што таа има огромен дијапазон на клинички слики – од асимптоматски до тешко болни и смртни случаи. Сепак, тврди Никола, сега се знае дека КОВИД-19 е болест на крвните садови – иако симптомите се од респираторниот тракт, тоа се симптоми од нападнатите капилари во алвеолите.
Меѓу многуте контрадикторности со кои сме соочени во сиве овие месеци е и разликата во процентот на смртност од земја до земја. Харис смета дека разликите зависат од возрасната структура на населението и од бројот на регистрирани случаи на инфекции. Детекцијата на инфицираните случаи, пак, зависи од следењето на контактите. Така, од детекцијата на инфицирани случаи ќе зависи и добиениот процент на смртноста. Ако детектирате повеќе вистински инфицирани случаи, смртноста ќе изгледа помала. Исто така, кога се пресметува бројот на починати на милион жители, кај помалите земји може се добие многу повисока смртност, а тоа може да се должи на тоа што земјата, едноставно, е во понапредна фаза на епидемијата. Нормално, важно е и кој се разболува – ако се повеќе мажи или повеќе луѓе од ранливи категории, смртноста ќе биде поголема, затоа што мажите имаат двојно поголема веројатност за смртен исход, а кај ранливите групи веројатноста е уште поголема. На крај, разликите се должат и во различните протоколи на земјите при регистрирање на смртните случаи.
Никола додава дека е навистина несфатливо што кај нас само со позитивен PCR-тест, без никакви други податоци, се влегува во бројката на случаи со КОВИД-19. „За да биде болен од одредена болест, пациентот треба да има симптоми. Па и тест за бременост кога ќе излезе позитивен, потврдуваме дали жената навистина забременила. Кај луѓе кои биле позитивни на тестот, а не пројавиле симптоми на болеста, немаат антитела, ниту се заболени – едноставно се контаминирани и им е најден можеби мртов вирус во носот, тестот можеме да го гледаме како лажно позитивен, а со тоа и бесмислен“, вели Никола, кој додава дека кај нас има и уште побесмислени работи, како на пример случаи луѓе да умрат од што било – да паднат од дрво, да се самоубијат, па да им се направи тест по смртта кој ќе излезе позитивен и да се стават во графата на умрени од КОВИД. Тоа не е по протоколите на СЗО и на тој начин Никола смета дека стапката на смртност кај нас (која сега е 3,15%) бесмислено се зголемува. Според него, иднината на тестирањето би била во брзите серолошки тестови, а PCR да биде чуван како резерва, оти е и прилично скап.
Ширењето на вирусот низ светот и кај нас
Долго време научниците зборуваа за R0, но во последно време факторот К, односно степенот на дистрибуција на болеста се актуализира како битен параметар. Сепак, Харис смета дека базичниот репродуктивен број R0, кој изразува колку едно лице во просек ќе зарази други, е поважен за следењето на епидемијата. Тој број не е константен во однос на региони – не е ист за Скопје и за Велес, не е ист за Шведска и за Македонија. Проценето е дека во просек R0 е некаде околу 2,5 што значи дека 10 заразени лица во просек ќе заразат 25 нови. Меѓутоа, колкумина навистина ќе се заразат зависи и од тоа какви мерки ќе се преземат и како тие ќе влијаат на трансмисијата.
„Проблемот со параметри кои упросечуваат трансмисија, како класичните епидемиолошки модели и R0, се претпоставките дека сите ние имаме контакт со ист број на лица на кои би можеле да им го пренесеме вирусот и дека сите имаме подеднаква веројатност да се мешаме со луѓето. Во реалноста знаеме дека тоа не е така. Ниту сите имаме еднаков број на контакти, ниту сите имаме еднаква честота на мешање со луѓе. Од оние кои се занимаваат со теорија на мрежи, доаѓа предлог епидемијата да се моделира како немерлив феномен што се шири (spreading phenomena that is scale free). Тоа значи дека во една популација очекуваме да има луѓе со повеќе и луѓе со помалку контакти. Ако сте од првите и сте го пренеле вирусот на повеќе луѓе велиме дека имате и повисок К. Оние со највисок К, кои го пренесуваат вирусот на поголем број на луѓе (често многу повеќе од просекот од 2,5) ги нарекуваме суперпренесувачи. Следствено, по теорија на мрежи, ако би знаеле каде и кога би се појавиле суперпренесувачите пред да ја пренесат инфекцијата, многу побргу би ја сопреле епидемијата. Но, бидејќи немаме таков систем, повторно приоѓаме со воведување мерки кои ги намалуваат ризиците за пренос на инфекции за сите, вклучувајќи ги и суперпренесувачите. Знаеме и дека одредени места и настани се почесто поврзани со суперпренесување, како што се баровите, прославите, храмовите, забавите… Затоа и толку инсистираме тие да се избегнуваат. Факторот К има примена и при вакцинација, бидејќи доколку знаеме кои се суперпренесувачите, со таргетирано нивно вакцинирање би можеле да ја сопреме епидемијата со понизок процент на вакцинирано население“, вели Харис.
Кина, земјата од каде што почна сè, денес има минимален број на заразени. Истото се случува и со Јапонија и со други азиски земји. Харис верува дека тоа се должи на нивното искуство со епидемиите на коронавируси во последниве 17 години, кое довело до подобрување на нивните системи за соочување со една ваква пандемија.
Шведската стратегија за справување со вирусот, пак, која одеше наспроти општоприфатеното размислување и однесување речиси на целиот свет, според Харис, засега е прилично успешна. Како што вели тој, тоа не е стратегија за колективен имунитет, туку одржлива стратегија за справување со коронавирусот. Оваа стратегија чини многу во однос на смртни случаи, но сега-засега таму е стабилно, смета Харис, кој го живее шведското секојдневие.
Колку и да е голема кризата и колку и да сме свесни дека станува збор за пандемија, сепак, сите најмногу нè боли тоа што ни се случува дома. „Најлошо нешто што можеме да направиме е да си префрламе вина. А тоа е национален спорт во моментов, и во Македонија, и секаде. Го користат за политички поени и тоа е одвратно, затоа што во крајна линија страда довербата на граѓаните во државните институции. Ситуацијата во Македонија не е добра, но не е драматична и катастрофална каква што би можела да биде. Оние што ја менаџираат кризата, изгледа како во одредени моменти да не знаат што треба да се направи и тоа остава забуна и недоверба кај одреден дел од популацијата. Тие граѓани, до кои изгледа е и тешко да се допре, се тие што не ги следат препораките. Но затоа има добар дел од населението што ја попречува нивната ‘работа’, делувајќи совесно и за нив“, вели Харис.
УШТЕ НЕКОЛКУ ПРАШАЊА ШТО НÈ ИНТЕРЕСИРААТ СИТЕ:
Дали при оваа динамика на пораст на бројот на заразени има смисла следењето на контактите?
Харис: Ако се прави само рандом тестирање, а не ги следите контактите, ќе потрошите огромни ресурси, но нема да направите толку успешно детектирање како комбинација од тестирање и следење на контакти. Јас мислам дека тестирањето треба да биде исклучиво по индикација. Тестирањето на асимптоматски индивидуи и на сите здравствени работници, на вработените во училиштата и градинките, мислам дека е огромно трошење на ресурси што ние ги немаме.
Дали децата ја пренесуваат болеста? Дали треба(ше) да се отворат училиштата и градинките?
Харис: Мислам дека ја пренесуваат, но не повеќе отколку што ја пренесуваат возрасните. Отворањето на училиштата дефинитивно влијае на епидемијата, но немаме докази дека тој ефект е значаен врз ризикот од трансмисија. Покрај тоа, на одлуката треба да гледаме во контекст на состојбата во која се наоѓа општеството. Ако немаме целосно затворање на сè (lockdown), залудно децата ќе седат дома кога родителите одат на работа и можат да го донесат вирусот. Дополнително, затворањето на училиштата има огромни последици за менталното и физичкото здравје на децата, за нивната социјализација, и ако треба јас да вагам, дефинитивно сум за отворањето на училиштата, особено затоа што децата немаат проблем со оваа болест – кај нив смртноста од КОВИД-19 речиси ја нема.
Дали се преценува дезинфекцијата, а се потценува преносот од блиското семејство. Која би била најдобрата стратегија за намалување на ризикот?
Никола: Во 90 и нешто проценти преносот на вирусот се случил дома, во ресторани и во јавен превоз – јас би го решил прво тој проблем. А на нива и на планина да се носи маска – па мерката е бесмислена од медицински аспект, исто како што е и со дезинфекцијата. Блиску до нула ако не и нула е преносот преку валкани раце. Маската, дистанцата и негрупирањето се најважни за заштита – а токму тоа го немаме во семејни услови и затоа можноста за заразување од најблиските е и најголема.
Има ли некој друг начин за справување со кризава?
Никола: Можеби декларацијата од Грејт Барингтон е некакво решение. Таа вели дека смртноста од КОВИД-19 кај младите е многу помала отколку кај грипот (особено кај децата што одат во градинка) и дека би требало да се одделат ранливите групи од младите, но да не се прават локдауни. Кај нас тоа би значело постарите да се стимулираат да одат во внатрешноста, во куќи и викендички, да се изолираат од младите, а за возврат младите или државата да ги снабдуваат со храна. Сите други да не работат онлајн, туку да одат на училиште, во градинка и на работа за да се создаде колективен имунитет. Нормално, не можеме ние први да ја донесеме оваа декларација, сигурно ќе почекаме. Меѓутоа, најлошо е ако се пушти стихијата и ништо не се прави, како што во моментов ми стои дека се случува. Штетата тогаш ќе биде најголема.
Постои ли начин да се уништи вирусот во една средина?
Харис: Ниту во март, ниту сега нема смисла да се мисли дека можеме да го искорениме вирусот. Има голем број зарази за кои има вакцини со децении, меѓутоа не сме ги ерадицирале тие вируси. Во пандемија нема победници, сите губиме – прашање е само колку луѓе, кога и како.
Така што, треба да размислуваме долгорочно. Ако направиме тотален локдаун, тоа ќе спречи број на умрени краткорочно. Но треба да имаме на ум дека локдаунот би требало да трае еден подолг период. На некој начин ова е и себична одлука фокусирана на еден феномен, една болест, и таква одлука би нѐ чинела многу и во однос на економијата и во однос на јавното здравје. Со оштетување на економијата влијаеме долгорочно и на бројот на хронични заболувања, на нивно влошување и на зачестена појава на ментални заболувања и самоубиства. Не мора да чекаме долг период; веќе согледуваме дека пациентите со канцер, на пример, не добиваат навремена дијагноза и третман во голем број земји. Ако, пак, пристапиме со стратегија на колективен имунитет, тоа би чинело многу животи и со голема трансмисија во општеството не ќе можеме да ги заштитиме ранливите категории - би било неетички, работите многу бргу и многу драматично би се одвивале. Така што, не е толку едноставна одлуката да се воведе локдаун и не треба да биде толку едноставна одлуката да се распушти сè и сите да се заразат за да стигнеме до праг на имунитет. Убеден сум дека начинот е да има добро осмислени мерки на справување со пандемијата кои би ја забавиле трансмисијата и би ги заштитиле ранливите категории на граѓани. Многу важно е тие мерки да бидат одржливи на долг период, да се комуницира нивната оправданост и да се стекне доверба од граѓаните за тие да се почитуваат. Општеството мора да го направиме функционално толку колку што ни дозволува состојбата.
Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа: Дејан Трајковски, Елисавета Стикова, Кирил Гаштеовски, Дафинка Срезоска, Бојана Стојанова, Марија Стојанова, Билјана Гаштеовска, Менка Стојанова, Бојан Ангелов, Дане Митрев, Блаже Аризанов, Слободан Јаќоски и Горан Купенков.