Многу еуфорија за ништо
Еуфорија е уште еден исполиран телевизиски продукт што e колатерална штета на доминантните Твитер трендови.
Еуфорија започнува суптилно. Да, има многу голотија, ама има и многу емотивно соголување. Запознаваме неколку средношколци и средношколки кои експериментираат со дрога, секс, интернет и идентитет. Меѓу нив предничи Ру (Zendaya) чии експерименти ја имаат однесено во рехабилитациски центар. Потребни се 3-4 епизоди за да сфатиме дека Ру е прилично асексуална, па оттаму веројатно нема да ја видиме гола. Речиси подеднакво ранлива како Ру е Џулс (Hunter Schafer), девојка која на Тиндер запознава постари мажи за да имаат секс во мотелски соби. Потребни се 3-4 епизоди за да сфатиме дека Џулс е транс-девојка, и дека веројатно наскоро ќе ја видиме гола.
Оваа суптилност е најсилната карта на Еуфорија. Сокриено зад експлицитната голотија е растењето на две ранливи души. Малку е чудно што на Ру и на Џулс не им се случува баш многу во првата сезона, но токму тој slow-burn нè тера да внимаваме на нивното опкружување, во кое се кошкаат малолетни дилери на дрога, полнолетни силувачи и многу збунети тинејџери преполни со хормони. Се гледа дека showrunner-от Sam Levinson црпел инспирација од Harmony Korine, но големиот HBO буџет овозможува повисоки продукциски вредности, како и прекрасен саундтрек во соработка со Labrinth.
Првата сезона кулминира со две специјални епизоди снимени во текот на пандемијата. Во нив галамата замира и можеме да ѕирнеме во понорите во кои тонат Ру и Џулс. Посебно е впечатлива епизодата Trouble Don’t Last Always, во која Ру се сретнува на Божиќ со својот спонзор од Narcotics Anonymous (Colman Domingo), и двајцата вадат од себе глума што ги евоцира и My Dinner with Andre на Louis Malles и Before Sunrise на Linklater. Разговорот меѓу нив е телевизиско совршенство.