Телепортација на мачка (објаснета од Илија Дуковски)
Сите знаеме што е телепортација од научно-фантастичните филмови, но ретка е можноста научник од полето да се обиде да ви го објасни тоа со „прости зборови“. Подолу е објаснувањето на Илија Дуковски, споделено за време на една неодамнешна научна дискусија:
ТЕЛЕПОРТАЦИЈА НА МАЧКА
Во 1993 година беше објавена статија која покажа дека во квантната физика телепортацијата е возможно да се изврши, но не можеме да ја разбереме затоа што е контраинтуитивна. Да се разбере нешто значи нештото да се спореди со нешто друго со кое веќе имате искуство, а ние немаме никакво искуство со правилата што важат во квантниот свет. Меѓутоа, можеме да ја разбереме математиката која стои зад квантната механика и таа да ни биде прозорец низ кој можеме да ѕирнеме во тој свет.Ќе телепортираме мачка, која може да се најде во две состојби. Кај Шредингер беше жива и мртва, ама јас не сакам да го убијам мачето, па кај мене е среќна и несреќна. Мачките имаат милиони особини, но затоа што зборуваме за концепт, ќе се задржиме само на оваа една. Мачката ќе ја телепортираме од Бостон во Скопје. Прво ќе купиме мачка во вреќа, која не знаеме дали е среќна или несреќна и немаме ама баш никакви показатели кои можат некако да ни укажат на веројатноста мачката да е среќна или несреќна. Мачката ќе ја наречеме Фи, онака како што квантната состојба е наречена во оригиналната научна статија.Кога мачката сосе нејзината состојба ќе ја снема од Бостон, ќе се појави во Скопје. Телепортер ќе бидат две други мачки: Алиса и Боб, кои исто така се мачки во вреќа – не знаеме дали се среќни или несреќни, но знаеме дека нивната состојба е иста. Или и двете се среќни, или и двете се несреќни. Алиса ќе ја задржиме во Бостон, а Боб ќе го однесеме во Скопје. Потоа ќе ги ставиме Фи и Алиса во иста вреќа, и ќе измериме дали се исти или не. И во двата случаја, вам во Скопје треба да ви пратам писмо дека мачките се или исти, или дека се различни, зависно од резултатот на моето мерење врз Фи и Алиса Ако се различни, треба да извршите промена на состојбата на мачката Боб, која сега е во Скопје, во спротивната. На крај, после оваа процедура, со сигурност знаеме дека состојбата на Боб е потполно истата како онаа на Фи во Бостон со која започнавме, додека состојбата на Фи е променета, и веќе не е онаа како на почетокот на процедурата. Во суштина, ова е теорија за телепортација на „мачка“. Ако мачките ги замениме со фотони, честички кои патуваат и се однесуваат како бранови, меѓутоа истовремено се локализирани објекти, го гледаме „трикот“ на телепортацијата, кој се крие во дуалитетот на бран и честичка на фотоните. Инаку, експериментот на телепортација на фотони во Австрија е изведен неколку години по излегувањето на статијата. Значи, овој пар на мачки, Алиса и Боб, кои ги подготвивме на почетокот се нарекува Ајнштајн-Подолски-Розен состојба и тоа е според прочуената статија на Ајнштајн, Подолски и Розен во која Ајнштајн рекол дека не му се верува во сево ова, дека тука нешто не е во ред, и тоа е онаа „Spooky action at a distance“, која сигурно сте ја сретнале по медиумите.