НА КАНТАР СО МАРИНА МАТЕСКА И КИКО МАРКОВСКИ: „Лице в лице“ со КОВИД-кризата
„Дај му на човека риба и ќе го нахраниш за еден ден. Научи го да лови и ќе го нахраниш за цел живот“ – вака вели познатата кинеска поговорка, со која лесно може да се дефинира поривот за развивање на социјални претпријатија за работна интеграција. Порив кој го имала Марина Матеска, која долги години како дел од Црвен крст работела во социјално-хуманитарната дејност и за која социјалните претпријатија се движечка сила и верба дека можеме да создадеме подобри услови за ранливите групи граѓани во нашето општество.
Денес Марина е координатор на Националната мрежа за социјални претпријатија (sen.mk) и е одговорна за програмата за социјална инклузија во „Паблик“, асоцијација за истражување, комуникација и развој, која, меѓу другото, го издава и списанието „Лице в лице“. На онлајн-дискусијата во средата Марина ни гостуваше заедно со Кристијан Марковски (нагалено Кико), продавач на „Лице в лице“. Темите што ги отворивме беа поврзани токму со социјалното претприемништво и предизвиците со кои се соочува екипата на „Лице в лице“ сред кризата со КОВИД-19.
Од заедницата за заедницатаСоцијалните претпријатија се стремат да ѝ служат на заедницата, а не на максимизирање на профитот на сопствениците. За разлика од профитните фирми, како што кажува Марина, тие својот профит го реинвестираат во развојот на самото претпријатие или за потребите на целните групи за коишто работат, односно за постигнување на конкретна општествена промена. Тие нудат иновативни приоди за одржлив и рамномерен развој, а управувањето на социјалните претпријатија е демократско и партиципативно.Социјалните претпријатија најчесто делуваат во насока на вработување на ранливи лица и/или овозможуваат добра и услуги за маргинализираните лица и за неразвиените заедници, водејќи сметка и за заштита на животната средина.Можеби сте слушнале за „Копче“, продавницата во центарот на Скопје, каде што можете да оставите здрава и корисна облека или да си купите облека од „втора рака“. Или за социјалното претпријатие „Ав ав хепи дог“, кое нуди парк за забава на кучиња, базен за миленици и кафе-бар за нивните сопственици, од што обезбедуваат профит и со него ги лекуваат и ги згрижуваат бездомните кучиња во Скопје. Во нашата земја има повеќе од дваесет вакви социјални претпријатија и она што им дава додадена вредност на производите или услугите што ги нудат е токму сознанието дека со купување или со користење на нивните услуги овозможувате развој на поинклузивно и поправедно општество за сите. Вклучување на ранливите за посилна социјална економија„Во суштина, маргинализирани или ранливи лица кои се опфаќаат во процесот на работната интеграција се работоспособни лица кои поради одредени причини во макро/микросредината, или поради лични причини, подолго од една година не се во можност да се вклучат на отворениот пазар на труд. Тука спаѓаат различни категории: бездомници, лица со попреченост, самохрани родители, жртви на насилство, младинци од улица, поранешни и сегашни корисници на дрога, поранешни затвореници итн.“, вели Марина и објаснува дека овие лица не остваруваат за себе приходи и живеат во средина која е сиромашна и ги враќа назад, особено во поглед на работните навики и самодовербата.Моментално, државата субвенционира вработување на лица од ранливи и маргинализирани групи преку активни мерки за вработување, меѓутоа сè уште нема политика која ги препознава социјалните претпријатија. „Ние како координатори бевме дел од процесот на подготовка на првата Национална стратегија за развој на социјални претпријатија, којашто се надеваме дека откога ќе се формира новата влада ќе може и официјално да биде донесена. Таа има за цел да го креира екосистемот во кој ќе може да се создаваат што поголем број на социјални претпријатија, да видиме кои ни се можните потребни форми, затоа што социјалните претпријатија можат да се појават во различни форми и не е добро да пресликуваме модели од други земји, туку треба да создадеме свој модел“, истакнува Марина и додава дека во процесот на креирање политики треба да се вклучат владата и сите министерства, да се овозможи пристап до финансии и различни иновативни механизми за поддршка, но пред сè, дека е неопходно лидерите да ја препознаат вредноста што ја носи оваа нова социјална економија за целото општество.Социјалните претпријатија како мостНашата земја има сериозен проблем со (не)вработеноста. Во 2018 година стапката на невработеност беше 16,2%, а денес, со КОВИД, невработеноста се очекува драстично да се зголеми. Бројот на луѓето што поради различни причини не се вклучени на пазарот на трудот ќе расте, а најмногу ќе страдаат најранливите.И токму тука социјалните претпријатија можат да одиграат значајна улога. „Никој не го зема предвид процесот на адаптација и подготовка потребен за оспособување за работа на лицата кои поминале доста време надвор од пазарот на труд или никогаш не биле дел од него. Тој период, особено ако е долг, прави прилично голема штета и на професионално, и на лично ниво кај личноста и не можеме да очекуваме дека таа веднаш ќе биде вработена и дека лесно ќе се вклопи во една средина којашто има спремни вработени. Затоа, социјалните претпријатија од различни аспекти можеме да ги гледаме како важни и за образованието, и за општеството“, смета Марина.Марина вели дека социјалните претпријатија во еден период може да бидат мост, посредници кои го подготвуваат, вршат доедукација и/или преквалификација на кадарот согласно потребите на пазарот, а она што можат да го прават и државата и бизнисите е да го поддржуваат тој процес, затоа што на долг рок тоа на сите ќе ни се врати. Исто така, социјалните претпријатија можат да бидат снабдувачи на производи и услуги за поголеми компании. Таа го истакна примерот на компанијата „Делта холдинг“ од Србија, која финансира социјално претпријатие што спрема кадар за обработка на земјоделски култури, а потоа овие земјоделски култури ги откупува. Така, од една страна придонесува за подготовка на тешковработливи лица, а од друга страна има корист од самиот процес, односно откупува производи кои ѝ се потребни.. „Време е да согледаме дека општествената одговорност не е само еднократно вложување, туку вложување на долг рок во заедницата, којашто можеби одеднаш нема, но на долг рок секако ќе даде резултати“, заклучува Марина.Пола за мене, пола за пчелитеАко социјалните претпријатија како „Копче“ и „Ав ав хепи дог“ можеби сте ги сретнале, тогаш списанието „Лице в лице“ сигурно сте го држеле в раце. Две работи околу него освојуваат.Првата: содржината на списанието. Создадено од професионалци во одредени области и од посветени новинари, „Лице в лице“ од една страна покажува дека имаме аномалии во општеството, но од друга, ги презентира и позитивните примери, за да може да поттикне акција, да освести и да здружува.Но, она што најмногу го отсликува „Лице в лице“ е втората работа, а тоа е дека најважни за списанието се продавачите. Тие доаѓаат од ранливи категории и се претежно млади лица од улица, Роми, лица со попреченост, со Даунов синдром, бездомници, самохрани мајки... Философијата е како онаа на Атиџе: „пола за мене, пола за пчелите“. Така и тука, 50% од продажбата на секое списание оди за изработката на „Лице в лице“, 50% за продавачите. „Она што е важно е дека продавачите се и микропретприемачи затоа што своето работно место го креираат сами, препознаваат можности делумно и со наша помош, секако, меѓутоа имаат флексибилност и слобода да бидат иновативни во пристапот за продажба, што навистина многу значи за луѓе од ранливите групи“, вели Марина.„Лице в лице“ со КОВИД-кризатаКризата со коронавирусот периодов нè погоди сите. Меѓутоа, ако за некој што работел во канцеларија на компјутер таа сега значи само префрлање на работа од дома, можете да замислите што значи за некој што работел на улица и го продавал „Лице в лице“.
На дискусијата со нас беше и Кико, кој веќе три години е продавач на „Лице в лице“. За Кико некои од учесниците во дискусијата кажаа дека е еден од најревносните и најодговорните продавачи, секогаш насмеан и со „Лице в лице“ во рацете. Кико сега се труди да се адаптира на новата ситуација со продажба онлајн. „Некои од продавачите пополека се враќаат на терен, меѓутоа некои продаваме од дома, преку интернет. Пишувате kupi.licevlice.mk, ви се отвора страницата и купувате едно списание или правите годишна претплата со внесување на нашиот код“, вели Кико, кој сега е ангажиран за достава на печатеното списание до дома на оние кои го купиле на интернет, внесувајќи го неговиот код kupivodkiko.
Марина вели дека е среќна што добиле грант за следниве неколку месеци, кој треба да го искористат за две работи: прво, за да направат електронска верзија на „Лице в лице“, која засега е само како пдф, меѓутоа работат да ја направат поинтерактивна за да може содржината на списанието да стигне до што поголем број читатели и да може поквалитетно да се чита; и второ, за да ги подготват продавачите да се адаптираат на новата ситуација и на дигиталниот начин на работа. „Исто така“, вели Марина, „ќе се работи на јакнење на капацитетите на осумте партнерски организации, преку кои се ангажирани продавачите, но и на јакнење на врските во заедницата и меѓу бизнис-партнерите, затоа што ни е важно партнерството на локално ниво“.
Дискусијата беше заокружена со повик до присутните на дискусијата, од кои повеќето имаат силни врски со дијаспората, да го поддржат „Лице в лице“:
СТАНЕТЕ АМБАСАДОРИ НА „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“
Дигиталната платформа на „Лице в лице“ е концепт што сега се раѓа. Меѓутоа, „Лице в лице“ веќе со години е медиум што носи содржини кои не можат да се видат на друго место, а ни се неопходни да ни ја нахранат и душата, и интелектот. Многу ни е важно текстовите од списанието да бидат читани, затоа што носат нова димензија и нови погледи. Затоа, сметаме дека би било убаво да имаме македонски амбасадори и во другите земји надвор од Македонија, кои ќе го купуваат „Лице в лице“, ќе креираат содржини и ќе поттикнуваат други иселеници во земјите каде што сега живеат да вложуваат онаму од каде што доаѓаат и да ги поддржуваат нашите продавачи.
Ако сте заинтересирани да ја ширите убавата мисија на „Лице в лице“, пишете ни на: marina@public.org.mk. Ние сме посветени на општествена промена и веруваме дека моќта е во поединецот, но уште повеќе, во здружувањето на поединците.
Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа: Владимир Трајковиќ, Марија Стојанова, Кирил Гаштеовски, Драгана Стикова, Блаже Аризанов, Билјана Гаштеовска, Илина Јакимовска, Борис Димов, Кујтим Рахмани, Менка Стојанова, Димитар Силјановски и Драгана Манасова.