НА КАНТАР СО САМИ МЕХМЕТИ: Предаторското издаваштво наголемо граба
Да се биде универзитетски професор кај нас е престиж. Конкуренцијата за овие научно-образовни позиции од година во година станува сè поголема, особено со порастот на бројот на луѓето што дипломираат, магистрираат, докторираат... А квалитетот и квантитетот не се баш пријателчиња што одат рака под рака, па мерењето на научната компетенција на универзитетските професори како основа за нивно напредување, во најголема мера се сведува на објавување на нивните трудови во реномирани научни списанија и конференции.
Ако професорите почнат да ви зборуваат за студентите, ќе ви кажат дека ги има секакви: и такви кои учат за да научат но понекогаш знаат да потфрлат, и такви кои учат колку за да положат, па кои препишуваат, па кои фаќаат врски... Интересното е што кога станува збор за борбата на професорите за собирање бодови од објавувањето на своите научни трудови за напредување во универзитетската кариера – сликата не е многу поразлична.
Сами Мехмети, доцент на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, (познат како Штулов универзитет) пред повеќе од две години почнал да се занимава со оваа проблематика за една конференција и тоа ја предодредило неговата денешна „детективска“ улога на откривач на валидноста на научните трудови на неговите колеги на универзитетот. Сами беше гостин на последната онлајн-дискусија, па ви ги пренесуваме во прво лице неговите размислувања за улогата на предаторското издаваштво во македонската наука.
Од корупција до предаторство
Пред повеќе од две години, колегата Мишо Докмановиќ од Правниот факултет во Скопје ме покани да учествувам на конференцијата „Универзитети без корупција“. За конференцијата пребарував на „Гугл сколар“ трудови на поранешни политичари кои се имаа вклучено во универзитетскиот живот како професори и открив дека се скандалозни. Оттука почнав да истражувам каде генерално објавуваат тие, која е содржината на нивните трудови и тоа го поврзав со еден вид корупција што постои на нашите универзитети.
На конференцијата, која се одржа некаде во септември 2018-та година, го презентирав тој труд, за потоа проректорот за научни прашања на нашиот универзитет, кој го прочитал, да ме повика да бидам дел од Централниот истражувачки совет во рамките на универзитет. Овој совет, всушност, е филтер низ кој минува секој објавен труд на секој вработен на нашиот универзитет како професор. Членовите на советот се состануваат и одлучуваат дали еден труд е валиден или не и со тоа дали на професорот ќе му се доделат бодовите што му се потребни за да стекне звање. Во советот сме петмина членови – од секој од факултетите на универзитетот по еден, плус претседател и секретар и се состануваме двапати во месецот.
Она што особено нè интересира да го уловиме е објавувањето на трудови во т.н. предаторски списанија, кои ве објавуваат само ако платите и каде што воопшто не постои вреднување од други научници (peer-review) – едноставно, во моментот кога ќе платите, ви се гарантира дека вашиот труд ќе биде објавен. Ова многу често се злоупотребува со објавување на неквалитетни трудови, бидејќи мотивот зад овие медиуми е само профит. Понекогаш е многу тешко да се утврди дали едно списание е предаторско, затоа што тоа може да има и исто име како некое автентично научно списание или конференција, со ист ISBN-број и иста адреса, а се разликува, на пример, само во веб-адресата: едното е .edu, а другото .net.
На нашиот универзитет, ако се открие дека трудот бил објавен во предаторски медиум, професорот воопшто не добива бодови за неговиот труд. Знаеме дека во поголем број од случаите објавувањето таму е намерно, меѓутоа свесни сме дека и на многу познати професори во Македонија и во странство им се случило без знаење, ненамерно да објават труд во предаторско издаваштво. Затоа, треба да се внимава.
По трагите на предаторското издаваштво
Генерално, научните списанија се делат на:
1. Научни списанија со претплата (Elsevier, Springer, Oxford University Press...) каде што издавачката куќа го објавува трудот бесплатно (истражувачот не плаќа ништо), но ги задржува авторските права над него и потоа им наплаќа на оние кои сакаат да го читаат.
2. Научни списанија со отворен пристап (open access) – секој има пристап до овие списанија, без да плаќа, меѓутоа оние кои ги објавуваат своите трудови во овие списанија, тие плаќаат. Повеќето од овие списанија се објавуваат од легитимни издавачи и објавените трудови поминуваат низ процесот на вреднување од други научници. Но, во последните 10 години наголемо се појавија предаторските списанија и конференции. „Предаторските“ издавачи се најчесто од Индија, Кина, Нигерија или од Бугарија и Турција, а формално пишува дека седиштето им е во Лондон, Њујорк, Париз... и многу често неколку од нив имаат седиште на една иста престижна адреса.
Основно е да се знае дали научното списание има добра репутација и каде е индексирано. Од највисок ранг e Clarivate analitycs (порано Web of science), база на податоци на научни списанија, која е своевидна Лига на шампиони во светот на научното издаваштво, каде што има рангирање според т.н. „Main citation index“ и според „Emerging sources citation index“. Потоа постојат и други бази на податоци, особено на списанија со отворен пристап, при што најпозната таква база за индексирање е „Directory of open access journals“ и тука има списанија од малку понизок ранг. Исто така, постојат бази на податоци специјализирани за одредени области, како на пример за право HeinОnline, West law, Lexis, Nexis...
Доколку списанието во кое е објавен некој труд не е индексирано, постои можност да се третира како предаторско, особено ако е дел од некои т.н. црни листи, како „Beall’s list“ на Џефри Биел.
Малку за плагијаторството
Кај нас, речиси нема можност системски да се утврди плагијаторство на научни трудови. Постои систем, односно софтвер од Министерството за образование, кој се користи за оценување на магистерските и докторските трудови и тоа е пропишано со закон, меѓутоа овој софтвер не е баш успешен. Тој утврдува дали или колку трудот има сличности со други трудови што се во системот и на јазиците во системот – македонски и албански, но ако се преведени од други јазици, немоќен е. Исто така системот се користи само за магистерски и докторски тези, но не и за останатите научни трудови.
Објавувај или умирај
Сепак, проблем што го имаме денес и што мора да се истакне е дека и кај нас, и во светот, истражувачите имаат голем притисок да објавуваат (познатото „publish or perish“). На пример, на нашиот универзитет секој од нас според проектираните KPI (key performance indicators, односно клучни индикатори за ефективноста) треба да објавува научни трудови со кои ќе собере 10 бодови годишно, а тоа значи или еден труд објавен во „Clarivate Analitycs“ или минимум два научни труда индексирани во другите бази на научни публикации – и тоа самостојно. Доколку работите заедно со друг колега, треба да објавите од 3 до 4 научни трудови годишно, што е премногу за наши услови, затоа што, да појдеме од основното – нашите универзитети немаат пристап до големите бази на публикации, затоа што тие најчесто се скапи. И затоа понекогаш е разбирливо што истражувачите и професорите, под притисокот на времето решаваат да прибегнат кон предаторското издаваштво.
Нефункционално високо образование
Проблемот го гледам во неолибералниот систем, кој бара конкуренција, бара либерализација на пазарот на високото образование. Тоа може да функционира добро во САД, каде што има развиен пазар на трудот, но не и кај нас, каде што како најголем работодавач се јавува државната администрација.
Генерално, постои разлика меѓу германскиот модел кој се потпира на хуманистичкиот идеал во чиј центар е гимназијата од средното образование и создавањето на еден човек кој ќе има широки знаења и ќе биде корисен за општеството и оној другиот, американскиот, каде што пазарот е во центарот и сите оние знаења што не се корисни за пазарот, едноставно треба да се отфрлат.
Ние мислам дека сè повеќе одиме кон американскиот модел и еве веќе ги гледаме резултатите... Имаме 55% функционално неписмени средношколци, а средношколците 90% се запишуваат на факултет и потоа можат да си платат за да завршат магистерски, па и докторски. И создаваме инфлација на пазарот на труд и целосно нефункционално високо образование во контекст на општествените потреби.
Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа и: Менан Селими, Кирил Гаштеовски, Илина Јакимовска, Владимир Кузмановски, Билјана Гаштеовска, Дафинка Срезоска и Мијалче Санта.