НАУКА ЗА ДЕЦА НА КАНТАР: „Се учи теле, а не вол!“
На колкумина од нас им се крева коса на глава кога ќе се спомне македонското образование? Колку многу родители, наставници и деца се фрустрираат од системот и не успеваат да најдат решение за проблемите на кои наидуваат? И додека јавните дебати во врска со образованието главно се фокусирани на вперување прсти и барање виновници, постојат луѓе што пливаат спротиводно. За полесна пловидба изградиле и брод – помагало во наставната програма каде што ги покануваат да се качат и наставниците, и децата, и родителите.
Станува збор за веб-страницата naukazadeca.mk (НЗД), инспирирана од naukazasite.mk (НЗС) и создадена по иницијатива на Драгана и Никола Стикови за да се пополни дупката што ја направи КОВИД кризата во наставните програми. Во „Наука за деца“ се вклучени многу луѓе – научници, наставници, лектори, монтажери, програмери, координатори и две организации: продуцентската куќа „Охо“, благодарение на која содржините на НЗД стигнаа и во „ТВ Училница“ на МРТВ и „Диг-Ед“, здружение на граѓани во коешто членуваат наставници и професори кои се заложуваат за внесување иновации во образованието и користење на технологијата во едукативни цели.
Сепак, главни креатори на содржините на НЗД се трите сестри Бојана, Менка и Марија Стојанови. Бојана е доктор на науки по биологија, Менка по физика, а Марија по компјутерски науки и иако веројатно во животот не ни помислувале дека некогаш ќе работат заедно, со оглед на нивните различни полиња на интерес и оддалечени места на живеење (Острава, Лондон и Лион), оваа иницијатива го направила токму тоа. Со нивната вродена кавадаречка ведрина и детска шегобијност, на последната дискусија во средата тие го објаснија концептот на НЗД и повикаа на вклучување во оваа алтруистичка иницијатива.
Почетната страница на NaukaZaDeca.mk
Ви ги претставуваме содржините на сајтот „Наука за деца“ преку зборовите на секоја од сестрите:Менка Стојанова, одговорна за АКТИВНОСТИ
По струка сум експериментален физичар и многу сакам експерименти. Децата на училиште прават сè помалку експерименти, и тоа е проблем затоа што, како што рекле постарите, се учи теле, а не вол. Малото дете кога става предмети в уста веќе експериментира, но како расте и влегува во образованието, сè станува поформално и во основните училишта нема многу место и услови за експерименти. Недостасуваат материјали на кои може да им се верува, а повеќето од наставниците немаат доволно мотивација и самодоверба за самите да ги направат.
Работам со деца и тоа што го гледам во училиште е дека има два начина веднаш да му го привлечеш вниманието на едно дете: да му покажеш нешто интересно или да му поставиш прашање на кое детето сака да одговори. Токму врз основа на ова ни се структурирани и експериментите на НЗД. Во првиот дел покажуваме нешто интересно (Еј види, направи го ова и гледај колку е убаво), а во вториот дел се обидуваме да дадеме одговор на прашањата што мислиме дека детето си ги поставило додека го правело експериментот.
Кога правиме експеримент, важни ни се три работи. Прво, експериментот да биде достапен, да биде направен со материјали што секој ги има по дома или лесно може да ги купи. Второ, многу ни е важно експериментот да не делува застрашувачки и да не биде многу долг. И трето, важно ни е да можеме да го објасниме на повеќе нивоа. За експериментот има многу кратко упатство со гиф-че кое ги покажува чекорите. Идејата е ако детето еднаш прочита или му се прочита што треба да прави, потоа гледајќи го гифот да се потсетува на редоследот. Сепак, видеото само по себе треба да остави некои работи недоречени, за да не излезе детето да го изгледа, а да не го направи. Ова е голем проблем денес со децата, кои повеќе сакаат да гледаат на Јутуб како други прават нешто отколку да го направат истото. Потоа имаме објаснувања, кои започнуваат со еден краток параграф што може да го разбере мало дете, а во делот „дознај повеќе“ тие објаснувања стануваат сè покомплицирани (види пример тука).
Во иднина цел ни е да правиме визуелно поинтересни објаснувања на феномените. Значи, ако станува збор за физика и зборуваме за тежиште, да може на детето да му се пренесе ментална слика за концептот. А следниот степен е да може детето да си игра со таа ментална слика, менувајќи параметри. Таквите објаснувања кои на англиски се викаат „explorable explanations“, или објаснувања што можат да се истражуваат, се релативно нови, а последниве 5-6 години технологијата овозможи нивна лесна дистрибуција. Еден пример е играта „Еволуција на довербата“ што ја преведовме пред некое време, во која преку симулирање на игра со други играчи се изучува како се гради довербата. За деца, нема подобро од учење преку игра.
Бојана Стојанова, координатор на видеата од FuseSchool
Бидејќи иницијативата ја започнавме на почетокот на КОВИД кризата, ни требаше наставна содржина што бргу ќе им ја направиме достапна на наставниците во училиштата, кои почнаа да работат од дома и да држат настава на дистанца. Никола Стиков ги најде FuseSchool, невладина организација од Англија чии видеа подлежат на Creative Commons лиценца и со кои потпишавме договор за соработка. Тие имаат неверојатно многу содржини од различни предмети и во соработка со наставниците од „Диг-Ед“ и со продукциската куќа „Охо“, почнавме да ги адаптираме овие видеа на македонски.
На почетокот видеата беа на англиски, со македонски титлови, и тука најголемиот товар падна на „Диг-Ед“, кои од осумстотини видеа прво направија избор на најсоодветните за тој период од наставната програма, а почнаа и да ги преведуваат со цел терминологијата од видеата да одговара на таа од учебниците. Потоа преводите доаѓаа кај нас научниците на проверка, па одеа на лектура/коректура, и потоа кај „Охо“ на синхронизација. Откако видеата ќе се синхронизираат, се враќаат кај нас на финална проверка и коректура.
Ова е навистина многу работа и бара голема координација, ама крајниот резултат е содржина со добар квалитет, за која можеме да гарантираме дека е научно точна и соодветна за образованието во Македонија (види пример тука).
Видеото за сенки
Исто така, сакаме да овозможиме интеракција со овие содржини. На сајтот, под секое видео поставуваме прашања и избор од неколку можни одговори. Ако одговорот не е точен, корисникот треба да кликне на прозорче кое го води директно до делот поврзан со прашањето.
Планот ни е понатаму кој било да може да постави прашање, кое ние ќе го разгледаме и ќе го одобриме. Би сакале прво наставниците да се охрабрат да поставуваат прашања, со што во исто време ќе се запознаат со сајтот како алатка, па можеби и ќе се мотивираат да ни се приклучат во тимот.
Марија Стојанова, одговорна за #НаукаЗаДеца
Хаштагот #НаукаЗаДеца засега е најинтерактивниот дел од НЗД, затоа што бараме од луѓето што го гледаат сајтот да ни покажат експерименти што им се интересни или што мислат дека се соодветни за деца. Моментално на сајтот имаме неколку видеа што се снимани во основното училиште „Страшо Пинџур“ од Неготино, ама најголемиот дел се од студенти од ФИНКИ, кои по предметот Медиуми и комуникации кај професорите Владимир Трајковиќ и Никола Стиков, имаа за домашна да направат кратко видео во кое ќе објаснат некој експеримент што може да се направи дома, при што експериментите требаше да бидат соодветни за мали деца и да користат работи што може да се најдат по дома.
Тоа што ни е најважно во врска со хаштагот е дека имаме начин на комуникација со децата, кој ним во моментов им е најнормален. Голем дел од денешните деца кога ќе пораснат сакаат да бидат јутубери. Наместо да бидат јутубери или да го снимаат истото видео што го прават сите на Тик-ток, ние ги повикуваме да ни покажат некој нивен оригинален експеримент.
Избор на содржини објавени под хаштагот #НаукаЗаДеца
Друга предност на експериментите и на хаштагот е што тој дел ни овозможува во иднина да направиме врска со многу наставници, да организираме разни предизвици и натпревари меѓу учениците, одделенијата или училиштата. Исто така, можеме да добиеме фидбек директно од децата или од родителите кои пробале сами да направат експеримент, да ни кажат ако нешто им било многу тешко, многу лесно или несоодветно. А тоа што најмногу нè интересира се нови идеи: што мислите дека може да се најде на хаштагот, што ви е вам интересно или што мислите дека им недостасува на вашите деца.
* ПОВИК ОД ТИМОТ НА „НАУКА ЗА ДЕЦА“ *
Многу е веројатно дека поради епидемијата наставата ќе продолжи да се одвива онлајн. Исправени сме пред предизвикот да преведеме и да креираме нови содржини кои ќе одговараат на наставните програми од септември за сите предмети и за сите одделенија. Целта ни е двојна: од една страна, да им олесниме на наставниците, а од друга, да им ја направиме материјата поинтересна на децата за учењето да им биде позабавно и во чекор со технологијата што секој ден ја држат в раце.
Засега сме концентрирани на природни науки, затоа што јадрото на иницијативата сме природни научници, но отворени сме и за сите заинтересирани од областа на општествените науки.
Создавањето квалитетни образовни ресурси бара многу време и работа. Има деца што напредуваат побрзо или побавно, деца на кои им треба поинаков начин на објаснување од тоа на нивниот наставник, деца што сакаат да можат да се навратат на материјалот затоа што не биле на час или не биле расположени да слушаат тој ден. Ние сакаме да направиме критична маса на ресурси којашто, како еден вид помагало, ќе им биде достапна на нашите деца во секое време.
Ако сте расположени да направите нешто за децата – придружете се кон „Наука за деца“. Во зависност од вашата експертиза, можете да правите експерименти, да преведувате, да давате стручно мислење, да давате општо мислење – како за тоа што досега е направено, така и за тоа што би можело да се направи. Помислете што сакаат вашите деца, што ги интересира, што мислите дека им треба... Или, преведете го омиленото видео за наука на Јутуб и пратете ни го линкот. Ќе направиме плејлиста во која на едно место ќе ги ставиме сите научни видеа со македонски титл на Јутуб. Ќе ни биде од корист на сите!
Ако сакате да се вклучите во иницијативата „Наука за деца“ и да ни помогнете во создавање нови содржини, контактирајте нè на: info@naukazadeca.mk
За крај, сакаме јасно и гласно да кажеме: ова е некомерцијална иницијатива, која засекогаш ќе остане таква благодарение на лиценцата Creative Commons под која се издадени сите содржини.
Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа и: Василије Ќорлука, Маја Виденовиќ, Владимир Трајковиќ, Пеце Талески, Илија Тирицовски, Илина Јакимовска, Атанас Кирјаковски, Светлана Несторова, Мартина Ристевска, Драгана Манасова, Дафинка Срезоска, Билјана Милева, Милена Јанкуловска, Мирјана Јанкуловска, Наташа Атанасова и Тања Павлеска.