НА КАНТАР СО ТАЊА ПАВЛЕСКА: Довербата е ризик што сите го прифаќаме
Си го запознаваш идолот од Твитер и сфаќаш дека човекот во живо не можеш да го под-не-сеш. Финиот братучед со кого имаш израснато, пак, упорно не го препознаваш во агресивните статуси и пцовки што ти излегуваат на ѕид на Фејсбук. И се прашуваш може ли во нешто да се верува денес на интернет. А тебе? Може ли да ти се верува тебе на интернет? Каква е твојата интернет персона и колку се разликува од сликата што се трудиш да ја одржуваш за себе во офлајн светот?
Сите овие прашања на довербата, пласирањето (дез)информации и (само)цензурата во контекст на животот онлајн и животот офлајн, беа отворени на онлајн-дискусијата минатата среда, во која гостуваше 2 во 1: Тања Павлеска, истражувач на Институтот „Јозеф Стефан“ во Љубљана и @Azhdaja од Твитер. Ви ги пренесуваме нејзините размислувања, поттикнати од прашањата на учесниците во дискусијата, а добиени колку од нејзините истражувања на темата, толку и од личното искуство како популарна личност на социјалните медиуми.
Довербата он/оф(лајн)
Идентитетот е една работа, додека довербата е поврзана со некакво очекување од тој идентитет секојпат исто да се однесува. Меѓутоа, довербата многу зависи од културата, од контекстот и од тоа од кој аспект ја разгледуваш. Еден идентитет се однесува поразлично во еден контекст поразличен од некој пред тоа. И мислам дека е навистина нормално во различни контексти да пројавуваме различни карактерни особини, што можеби не се очекувани, меѓутоа тоа не значи дека не се нормални. Луѓето сакаат стабилност во мозокот и тие секогаш имаат некои очекувања што ги наметнуваат на своите соговорници или на луѓето со кои имаат некоја интеракција, па поради тоа многу често зборуваме и за општествен притисок врз една индивидуа, кој всушност се состои од очекувањата на мнозинството од еден човек и неговото чувство дека му пречат таквите очекувања од него.
Социјалната доверба најчесто е поврзана со присуството на ризик. Ти ризикуваш да веруваш, не сакаш да бидеш 100% сигурен, туку баш ја прегрнуваш несигурноста што постои и ризикуваш својата добробит да ја ставиш во нечии други раце. Доверба придружена со некаква несигурност, таква е довербата што јас сакам да ја разгледувам и ме интересира.
Довербата е нешто што се одвива меѓу две страни, без разлика дали се живи. Без разлика дали ти се одлучуваш кој филм ќе го гледаш и дали ќе им веруваш на оценките на филмот, во зависност од тоа кој ги дал; дали ќе купуваш нешто, па треба да му веруваш на продавачот на таа стока; дали сакаш да се поврзеш на социјална мрежа со конкретна личност, па веруваш дека тоа е навистина личност и навистина личноста која се кажува.
Однесувања и очекувања
Леснотијата со која можеш да искомуницираш со некого онлајн, многу нè превоспитува во однесувањата и во очекувањата. Социологијата како општествена наука може да помогне да се разберат некои врски и комуникации на интернет врз база на тие од нормалниот живот, меѓутоа и интернетот со сите свои карактеристики, како што е на пример инстант задоволувањето, ни наметнува очекувања од нормалниот свет, па гледано невролошки, нашиот мозок се тренира во зависност од тоа колку брзо ги добива наградите или каков тип на санкции добива.
А на интернет ние не сме толку санкционирани и не добиваш толку повратни информации за лошото однесување, па дури и да добиеш, повеќе ги припишуваш на своето алтер его и ги анулираш – не ги сфаќаш толку сериозно. Меѓутоа, во нормалниот живот не можеш да очекуваш некој толку бргу да ги задоволи твоите очекувања и толку да ти биде на располагање. Постои едно разидување помеѓу програмирањето на нашиот мозок за очекувањата од интернет и од нашиот живот офлајн.
Довербата пред и по интернетот
Со увидот во она што постоеше пред интернетот, социологијата нуди одговори за тоа како се создаваат меѓучовечките односи, кои се интересите зад почнување на каква било интеракција, каква улога има реципроцитетот, дали ти очекуваш повторно да наидеш на контактот за воопшто да се трудиш да изградиш некаква врска на доверливост. Некои интеракции на интернет се еднократни и тебе воопшто не те интересира дали можеш да им веруваш, освен ако не се работи за финансиска трансакција, на пример. Меѓутоа, ако се работи за некој профил, го заследуваш или отследуваш и таа интеракција не ти значи многу.
Сепак, интеракциите што се случуваат на интернет излегуваат вон очекувањата и границите што би ги пропишале социо-економските и политичките науки, затоа што несомнено интернет-средината се разликува по многу работи од традиционалниот свет, ако ништо друго, според скалабилноста и брзината на патувањето на една информација во таа средина. Кога сме офлајн, во нормалниот живот, многу малку луѓе можат да дознаат за некој твој блам, дури и преку телефони да си соопштат еден на друг, за разлика од интернетот, каде што ќе дознаат луѓе кои ниту те познаваат, ниту им е гајле, но ќе те направат популарен по цена на лајковите што ќе ги зберат на сметка на твојот блам. Во тој поглед, интернетот донесува некои неочекувани врски и однесувања од страна на луѓето за разлика од тие во традиционалниот свет.
Комуникација под рефлектори
Луѓето не се сменети во оваа онлајн-култура, меѓутоа дури и да не се, имаат многу поголем простор за пројавување на многу од своите особини што не би се очекувале инаку. А кога некое твое очекување наеднаш ќе биде предизвикано, тоа е исто како твојата доверба да е предизвикана и ти почнуваш да се преиспитуваш. И сега, колку повеќе ризик носи тоа за тебе, толку повеќе се повлекуваш пред да веруваш целосно. Значи, ја преиспитуваш многу почесто довербата во некого, затоа што и интеракциите се многу почести.
Во нормалниот живот ти немаш прилика со таква фреквенција да се среќаваш со еден ист човек. И, на пример, кога ќе ви искрсне некаков конфликт, постои време да се вратите на стабилна состојба, да го преиспитате вашиот однос и да процените дали вреди да ја жртвувате вашата заедничка историја поради некој испад.
Во контекст на интернетот, многу од тие интеракции се случуваат јавно, дури и да се помеѓу двајца. Тоа е исто како да има вперено камери во вас и вие сте во едно реално шоу, што е навистина многу поразлично и води кон поразлично однесување од тоа во приватен контекст, каде што знаете дека сте само вие двајца присутни.
Да се биде или не – на интернет
Ако имаш попаметна работа во нормалниот живот, полесно е да речеш не се замарам со интернет. Меѓутоа, присуството на интернет е некако неизбежно. Бидејќи повеќе не е толку безбедно да го искажеш своето мислење на интернет, зашто наидуваш на глутници луѓе кои не се согласуваат со тебе и лесно можат да ти ја повредат репутацијата што си ја негувал цел живот, се самоцензурираш.
Многу често луѓето тоа го прават поради параноја од нарушена приватност. На пример, Евгениј Морозов знам дека имаше еден испоснички период во којшто се обидуваше да живее „оф-грид“, како што на некој начин живее и Сноуден. Ама прашање е колку тоа е можно... тоа значи околу тебе да не биде присутен буквално никаков електричен сигнал или батерија во комуникациски уред. Плус, ако некој навистина сака да те најде, ќе те најде. И колку повеќе се криеш, дури и тој што нејќе да те најде, ќе посака, затоа што си интересен со своето криење.
Едукативно програмирање на децата
Ние растевме во офлајн свет и потоа влеговме и во онлајн. Но денес децата се раѓаат со интернет и затоа многу е важна едукацијата за тоа колкава е цената на нештата на интернет, кои се приоритетите и вредностите на интернет. Децата треба да го научат тоа уште на училиште, а не да учат преку искуството низ коешто минуваат на интернет. Не е тоа патот што треба да се оди, затоа што ние ја имавме таа привилегија да сведочиме и време пред интернет и време по интернет, меѓутоа сега децата од зачнување се во дигитална доба – има слики од нив додека биле на ултразвук во стомакот на мајката и се следени од тој момент, така што додека тие станат свесни за интернетот и нивната приватност на интернет – неа одамна ќе ја немаат. Доколку учат како да се справуваат со работите на интернет и колку време и внимание треба да посветуваат на нештата што се случуваат таму, тие „дигитални каменувања“, како што ги нарече Ѓорче Ставрески, нема да влијаат толку многу на нивното мислење и нема да го повредат толку репутациски каменуваниот, како што се случува сега.
Кога зборуваме за едукацијата на децата во врска со интернетот, обично фокусот е само на безбедноста, само на тоа да се заштитат децата. Да, тоа е важно и тоа сите ние ќе го направиме, но исто така е важно и како да го „програмираш“ детскиот мозок. Има суштинска разлика во начинот на работа на мозокот на едно дете кое расте со интернет и технологија околу себе и без – во поглед на трпението, особините. Мене многу ме интересира како да му ја дозираш оваа „дрога“ на детето, затоа што ако се преведе на ниво на неврологија, буквално така делува: се лачи допамин, серотонин, а и сите тие пумпи и невротрансмитери, буквално на истиот начин функционираат и се манифестираат и кај возрасен и кај дете во допир со интернет.
Сепак, зависи што се прави на интернет. На пример, постојат научни докази дека доколку се работи за играње игри, има некое правилно „дозирање“, па дури детето и да се „предозира“, ќе успее да развие саморегулациски механизам за следниот пат да се контролира. И играњето е позитивно категоризирано во смисла на едукација на тоа дете. Меѓутоа, кога станува збор за социјалните мрежи, постои само она дозирање што ќе доведе до некаква саморегулација, меѓутоа тоа никогаш не е стабилно. Во секој момент може да излезе од контрола и тоа го гледаме и кај возрасните, кај кои многу лесно може да се создаде зависност или пројавување агресивност на социјалните мрежи, затоа што на различен начин се справуваат со повредувањето на егото на социјалните мрежи и нивната интернет персона.
Бонус пост од Фејсбук (EXPLAINED!)
На профилот на Фејсбук на Тања Аждаја има: игри, игри и сериозен напис. Како овој:
Сакате ли да размрдаме ганглии со обид за дискусија околу потенцијално скокотлива тема? Ајде, јас ќе изнесам една поекстремна хипотеза, а вие согласувајте се 😁
Хипотеза: Групирањето на „морални индивидуалисти“ во идентитетски активизми за граѓански права и слободи како да резултира во раскинато социјално ткиво онеспособено за уживање на било какви права и слободи, освен од страна на тие кои се „борат“ за тоа. Налик религиички со претензија да станат екстремистички организации.
Немаше реакција на несогласување, што уствари го очекував. Кога станува збор за чувствителен став, луѓето дури и да имаат дефинирано цврсто мислење, избегнуваат да го кажат – што е некој вид на самоцензура. А за мене нема нешто попоразително доколку сфатам дека повеќе не е можно да се разговара на теми на коишто не сакаме да се разговара – тоа би значело собирање на парталите и бегање уџум некаде, в џунгла...
Со воведот сакав да дадам слобода за какво било мислење. Меѓутоа со ова „вие согласувајте се“ сакав да дадам до знаење дека тоа е мое мислење, ама прифаќам каква било реакција на темата. Со други зборови: ме интересира вашето мислење, а ова е моето. И, да, го оформив поекстремно, но јас навистина стојам зад тој став: сметам дека оние што ги напишав како морални индивидуалисти активисти навистина придонесуваат за руинирање на општеството какво што го знаеме. Не сум јас тука да кажам како треба да се развива тоа општество и во таа смисла останувам резервирана. Меѓутоа, сметам дека она што се проповеда како права и слободи од страна на голем дел од идентитетските активизми е преголем чекор за она што моментално е пресудно во општеството и дека голем број од тие активисти се во расчекор со реалноста. Му даваат лошо име на тоа за коешто се борат. Јас сум ЗА повеќето од тие каузи, јас и самата се сметав за феминист, сè додека не ме разубедија феминистки и феминисти.
И спомнувањето на религијата... Многу од тие активисти самите се прокламираат како атеисти, додека агендата што ја спроведуваат е сосема налик на формирање на една религија. Тие се неконзистентни со себе. Кога ќе се прокламираш како нешто наспроти нешто друго, тоа е буквално агресија над другата група и тоа создава нетолеранција. Додека ти се сметаш за рационалист поради тоа што си атеист, правиш целосно нерационална работа.
Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа и: Петар Поповски, Димитар Силјановски, Ѓорче Ставрески, Илина Јакимовска и Менка Стојанова.