НА КАНТАР СО ДРАГАН ТЕВДОВСКИ: Сите за државата, државата за сите
Иако во добрите (нормалните) времиња постојано се зборува дека приватниот сектор е добар, ефикасен и продуктивен, а дека јавниот сектор е лош, неефикасен и паразит, големите кризи секогаш ја враќаат важноста на државата.
Во средата, која стана редовен термин за средба на отворени умови кои разговараат на различни актуелни научни теми, гостин беше професорот Драган Тевдовски, експерт за финансии и поранешен прв човек на Министерството за финансии, кој зборуваше и одговараше на прашања поврзани со стратегиите што државите ги преземаат за справување со кризата предизвикана од коронавирусот и како тие ќе се одразат врз развојот на општеството во светот.
Државата, тоа сум јас: буџетот како % од БДП
Шпанскиот спортски весник „Марка“ (Слика 1) го објави најдобриот тим во Шпанија во моментов, во кој нема ниту еден од супер платените големи ѕвезди на Реал или Барселона, туку тимот го сочинуваат доктори, полицајци, чистачи на улици, претежно луѓе од јавниот сектор. Тевдовски вели дека ова е многу илустративен пример за важноста на јавниот сектор во време на голема криза, а потенцира и дека популарното списание „Економист“ во текст под наслов „Градење на столбовите на државата“ прави одличен приказ за тоа како справувањето со војните, епидемиите и големите економските кризи секогаш како по правило го зголемувалo учеството на државата како процент од БДП.
Слика 1: Насловна страна на шпанскиот спортски весник „Марка“ од 23.03.2020 г. Веќе е јасно дека оваа криза ќе се решава со многу посилен раст на примарните буџетски дефицити на земјите во светот во споредба со последната Голема финансиска криза. Денешнава криза ММФ дури и ја нарече Големото заклучување (англ. The Great Lockdown) и нивните проекции се дека падот на светската економија ќе изнесува -3% годинава, што е многу поостро во споредба со 2009 кога изнесуваше -0,1%.Главен показател за тоа колку една држава е голема – не географски, туку финансиски, се расходите на државата изразени како процент од БДП. Ако се вратиме наназад и погледнеме историски каква била големината на некои од најсилните светски држави, Тевдовски вели дека би можеле да видиме оти јавната потрошувачка на Велика Британија во 17. и 18. век била околу 5% од БДП и постепено, криза по криза, тој процент растел, за во времето на двете светски војни да бидат врвовите од 60% од БДП, по што „се смирил“ и денес изнесува нешто под 40% од БДП. Слични вакви растечки трендови, особено во минатиот век се забележливи во САД, Франција, Шведска...Во овие случаи, државата со текот на времето се зголемува, односно се зголемуваат средствата со кои таа располага како сè поголем процент од БДП.Ефикасна неефикасностВо време на криза, повеќе од кога и да е, од државите се бара да бидат ефикасни – правилно да управуваат со јавните средства за доброто на граѓаните и резултатите од тоа да бидат јасно видливи. Како што вели Тевдовски, за да се долови сликата на една ефикасна држава, се наметнува потребата огледалото прво да се сврти кон неефикасната држава и за таа цел тој го цитира познатиот турско-американски економист Дарон Ачемоглу, кој вели дека разликите во капацитетот на државата се пресудни за нејзиниот економски развој:„Во голем број на послабо развиени земји приходите на државата се само мал дел од БДП (...) Општествата со ограничен капацитет на државата се тие коишто инвестираат релативно малку во јавни добра и не преземаат политики што ги редистрибуираат ресурсите кон посиромашните“, смета Ачимоглу и настанувањето и опстојувањето на неефикасните држави ги поврзува со стратешкото користење на патронажната политика од страна на богатите како средство за заробување на демократијата. „Значи, заробената демократија ѝ овозможува на елитата да ја ограничи употребата на јавните добра и редистрибуцијата по цена на економската ефикасност“, заклучува Тевдовски.
Слика 2: Вкупни расходи на општа влада, споредбено со еврозоната, ЕУ, поранешните социјалистички земји и земјите од регионот. (Клик за повисока резолуција)Ако како критериум за големина на државата се земат вкупните расходи на општата влада како процент од БДП, многу е поголема државата во земјите од еврозоната во споредба со поранешните социјалистички земји од Европа. А, големината на државата во Македонија е многу пониска и од двете групи. Така, вкупните расходи на општата влада на Македонија изнесуваат 32% од БДП, во групата на поранешни социјалистички земји тие се 37% од БДП, а во земјите во Еврозоната во просек изнесуваат 47% (во 2019 година).Големината на државата на Македонија е помала и од најголем број на земјите од регионов. Така, големината на државата во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора е околу 43% од БДП. Единствено Албанија и Косово имаат нешто помала држава од нас, со околу 30% од БДП (во 2019 година).„Кај нас, ако ја следите дискусијата во јавноста, ќе добиете впечаток дека државата е преголема и дека треба да се намали, а во суштина ако се споредиме со другите држави по овие економски параметри, нашата држава е мала, многу помала од тоа што треба да биде“, вели Тевдовски и повторно се навраќа на теоријата на Ачимоглу дека државата која не обезбедува приходи, која многу помалку троши и вложува во јавни добра и во редистрибуција на средствата кон посиромашните со еден збор е: неефикасна држава.Ограничување на можноста да се манипулираат правилатаТевдовски го претстави и главното учење на Чикашката школа за економија, една од двете водечки економски школи во светот, а тоа е дека конкуренцијата е таа што ги движи економиите напред. Но, предуслов конкуренцијата да остварува ефекти е да постои фер терен за игра со јасни правила. Основни индикатори за тоа дали има еднакви можности за игра во економијата се: владеењето на правото и независноста на судството од бизнис и политички притисоци.
Слика 3: Врска помеѓу степенот на владеењето на правото со степенот на корупција и со нееднаквоста во доходот во земјите од Европа. (Клик за повисока резолуција)Генералниот заклучок на Тевдовски е дека потрагата за поефикасна држава треба да се одвива паралелно со ограничување на можностите да се манипулираат правилата од страна на носителите на власта во државата. Во Европа постои изразена линеарна врска помеѓу степенот на владеење на правото и корупцијата, односно земјите со повисок степен на владеење на правото имаат и пониска корупција. Слично, земјите со повисок степен на владеењето на правото најчесто имаат и пониска нееднаквост во доходот. Земјите со повисок степен на владеење на правото и независност на судството, односно со силни и некорумпирани институции, а со тоа и со јасно поставени правила и фер терен за игра имаат и поголема држава, мерена преку вкупните расходи како процент од БДП.Јајцето или кокошката, институциите или економијатаНа прашањето која е каузалната врска помеѓу силните институции и здравата економија, односно дали прво се градат институциите или економијата, професорот Тевдовски вели дека одговорот лежи во паралелноста: „Демократијата не може да функционира како што треба ако едновремено не се води грижа и за економијата, односно да се подигнува стандардот на мнозинството на граѓаните и да се намалува економската нееднаквост“.Носители на променитеТевдовски смета дека за промена на ефикасноста на државата, важни се две работи: прво, да се ограничи можноста на политичките и бизнис-елитите да не ги почитуваат правилата на игра и второ, да се зголемува капацитетот на државата. Искуството на развиените капиталистички земји покажува дека поголемото користење на директните даноци е поисправен начин за зголемување на приходите на државата во споредба со индиректните даноци, како што е ДДВ. Ова е затоа што преку ДДВ тие што имаат понизок доход плаќаат повисок данок како процент од својот доход споредено со оние што имаат многу повисок доход.Тевдовски смета дека носители на промените можат да бидат внатрешни и надворешни фактори. Како внатрешни фактори се различни интересни групи, а пред се интелектуалците. Важни надворешни фактори се релевантни меѓународни организации, како ЕУ, ММФ и Светската банка, кои што веќе обезбедуваат силна поддршка и даваат насоки за позитивните реформски процеси во нашата земја.Сите за државата – државата за сите(или сумиран заклучок на Драган Тевдовски)Кај нас, долги години наназад, тие што имаат моќ да ги менуваат работите, што имаат влијание во медиумите и можност да го насочуваат размислувањето во општеството, за жал цело време како приоритет избираат единствено да плаќаат што е можно помали даноци, а воопшто не се грижат како државата ги троши парите собрани од даноците и дали се почитуваат правилата на игра. Ова е сосема погрешно и е во спротивност со состојбата од развиените капиталистички земји, каде што најбогатите и најмоќните прифатиле да плаќаат повисоки стапки на данок во споредба со другите, но од друга страна тие биле оние кои што имале најголема моќ да направат притисок врз институциите и успеале да постават механизми во државата кои прават да се почитуваат правилата, да има ред и парите собрани од даноците да се трошат ефикасно.Грижењето само за данокот што треба да се плати во тековната година, а без да се крене главата и да се погледне подалеку не води никаде. Барањето за постојано намалување на големината на државата е спротивно на потребите на мнозинството граѓани. Денес пандемијата на КОВИД-19 најдобро ја покажува потребата за постоење на ефикасен јавен здравствен систем. Истото е и со потребата за квалитетно образование кое ќе ги определи знаењата и вештините на идните генерации, а со тоа и продуктивноста на економијата. Затоа, фокусот на дискусиите треба, од една страна, да биде на теми поврзани со подобрување на капацитетот на институциите на државата, можностите за воведување на праведни даноци, подобрувањето на квалитетет на здравството и образованието и слично, но од друга страна и на теми за тоа како да се јакне конкуренцијата во економијата и да не се манипулира со правилата за игра. Во дискусијата учествуваа: Никола Стиков, Александар Стојков, Атанас Кирјаковски, Анастас Вангели, Илија Дуковски, Јордан Шишовски, Петар Поповски, Блаже Аризанов, Илина Јакимовска и Кирил Гаштеовски.Литература на темата препорачана од учесниците во дискусијата:1. Зошто нациите не успеваат – Дарон Ачемоглу и Џејмс Робинсон (Why nations failsà - Daron Acemoglu and James Robinson)2. Капиталот и идеологијата – Томас Пикети (Capital and ideology – Thomas Piketty)3. Капитализам за народот – Луиџи Зингалес (A Capitalism for the People – Luigi Zingales)4. Популизмот и политиката за справување со кризи во Грција – Такис С. Папас (Populism and Crisis Politics in Greece – Takis S. Pappas)5. Потеклото на политичкиот ред – Френсис Фукујама (The Origins of Political Order – Francis Fukujama)6. Ера на прислушкувачки капитализам – Шошана Зубоф (The Age of Surveillance Capitalism – Shoshana Zuboff)7. Капиталот е мртов: дали е ова нешто најстрашно? – Мекензи Ворк (Capital is dead: Is this something worst? - McKenzie Wark)БОНУС: Подкаст со Луиџи Зингалес и Кејт Валдок: https://www.capitalisnt.com/
Подготви: Наташа Атанасова